ПОЛСКА ЌЕ СИ ЈА БРАНИ ТЕРИТОРИЈАТА Не дозволуваме безмилосни провокативни потези на Москва, вели Навроцки

Полскиот народ и земјите од Централна и од Источна Европа нема да се плашат од руски беспилотни летала, рече полскиот претседател Карол Навроцки во обраќањето пред Генералното собрание на Обединетите Нации.

184

Полска е подготвена да „ја брани својата територија“, по неодамнешните упади на руски беспилотни летала во воздушниот простор на членките на НАТО и ЕУ, рече синоќа полскиот претседател Карол Навроцки во обраќањето на првиот ден од дебатата на Генералното собрание на Обединетите Нации.

– Полска секогаш ќе реагира соодветно и е подготвена да ја брани својата територија. Полскиот народ и земјите од Централна и од Источна Европа нема да се плашат од руски беспилотни летала. Не дозволуваме безмилосни провокативни потези на Москва против нас и другите нации, кои ги тестираат нашите реакции и ги заплашуваат нашите општества – рече Навроцки во говорот во ОН во Њујорк.






За помалку од две недели, Русија ги наруши воздушните простори на Полска, Романија и на Естонија со своите беспилотни летала и борбени авиони. Москва го негираше ова и ги обвини членките на ЕУ и НАТО за лажни тврдења.

Министрите за надворешни работи на групата Г7 (САД, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија) се состанаа вчера на маргините на Генералното собрание на ОН и во заедничка изјава ги осудија руските упади на териториите на членките на НАТО како „неприфатливи“, додавајќи дека Москва „ја поткопува меѓународната безбедност“.

Поврзани содржини