Полни се чартер летовите со годишноодморци за Турција, од 10 август ќе се лета и во Египет
Агенциите очекуваат под одредени безбедносни услови и Грција во наредниот месец да ги отвори границите., а уште долго време познатите европски дестинации ќе останат затворени за македонските граѓани.
Туција, Албанија и Египет се главните странски дестинации за граѓаните кои сакаат да одмораат и во услови на коронакриза. Патувањето во овие земји е слободно, се почитуваат безбедносните мерки, а државите презедоа и обврска евентуално заболените туристи да се лечат на државна сметка. Туристилчките агенциите очекуваат под одредени безбедносни услови и Грција наредниот месец да ги отвори границите, а уште долго европските познати дестинации да останат затворени за македонските граѓани. Сепак, сите се согласни дека најдобро е оваа година да се реализира одмор во земјава каде што има ниски цени и одлучна понуда.
Агенциите кои и во изминатиот период реализираа патување и одмор во Турција велат дека интересот е голем кај граѓаните.
– По пуштањето на авиосообраќајот со Турција, почна и заинтересираноста на граѓаните за летување во оваа земја. Интересот е голем и засега чартер летовите кои се со 183 патници се полни. Се реализираат седумдневни аранжмани кои се поврзани со летовите. Турција направи добар потег со тоа што одлучи да им го плати лекувањето на туристите кои би заболеле од ковид-19 додека се на одмор. За секој чартер лет се обезбедени и медицински екипи, а хотелите имаат издвоени соби за лекување. Дополнително, хотелите работат под строги критериуми и со преполовен капацитет што дава сигруност дека летувањето ќе помине без проблеми. Цените се драстично намалени на турското крајбрежје – вели Славе Сирачевски од агенцијата „Аурора“, која организира одмори во Турција.
Според него, интерес има и за летување во Египет.
– Првиот лет за египетското крајбрежје планираме да се реализира на 10 август. Има интерес кај граѓаните. Таму има пространи плажи кои обезбедуваат сигруност за туристите, а хотелите работат под посебни безбедносни мерки.Египет во изминатиот период беше една од поинтересните дестинации за одмор на нашите сограѓани, па се надеваме дека и сега ќе имаме доволен број туристи – додава тој.
Од агенциите велат дека иако и границата со Албанија е отворена и таму хотелите работат под посебни мерки, засега помал е интересот за летување во оваа земја.
Најпопуларната дестинација за македонските граѓани, Грција, сѐ уште не ги отвора границите за туристите од соседството, но се очекуваа оваа туристичка земја наскоро да дозволи премин на границата под построги критериуми.
– Моите контекти со колегите од Грција најавуваат можност за враќање на македоснките туристи во оваа земја, но преtходното однесување на туристите од Србија, кои имаа сомнителни тестови за ковид-19, најверојатно ќе влијаe да се воведат построги критериуми во однос на тестовите. Но, да видиме како во текот на наредниот месец ќе се однесува нашиот јужен сосед – вели Дончо Нацев од агенцијата „Арбо“.
Нацев вели дека моментално има мал интерес за летување во Турција и Албанија, но затоа, пак, летувалиштата во земјава се преполни.
– Сепак, ако се гледа од страна на безбедноста за здравјето и можноста за лекување, најдобро е барем годинава да се летува во змјава. Моите информации се дека хотелските капацитети во туристичките центри се пополнети 80 отсто, а цените се многу ниски. Интерес да се летува во земјава има кај сите категории граѓани – вели Нацев.
Тој очекува европските дестинации за македонските граѓани да останат затворени до крајот на годината. Нормализирање на состојбата со патувањата и враќање на бројките од 2019 година, според него, може да се очекува дури во 2023 година.
– Анализите на состојбите укажуваат на фактот дека агенциите можат да очекуваат нормализирање на состојбата во 2023 година. До тогаш ќе треба да се преструктуираат за да преживат, а тука значајно место, ако не и главно, треба да го има државата со посебни мерки кои ќе ги помогнат да преживеат – вели Нацев.
Туристичките работници очекуваат владата по нејзиното формирање да се позанимава со секторот, бидејќи секое одолговлекување со владини мерки и субвенции ќе значат затворање на поголем дел од нив.