Ретки се приликите, особено во македонските медиуми, кога можете да си ја видите државата – поточно власта како нејзин „легитимен“ претставник – целосно разголена, буквално расоблечена, тотално „проѕирна“ пред очите на граѓаните. Но и тоа требаше да го видиме, се разбира, иако многу детали ни беа веќе јасни, многу „приказни“ претходно прочитани. Но сега како да ја добивме комплетната слика за (не)капацитетноста на највисоките претставници на оваа власт, директно од нив самите.
Како во некаков срамен политикантско-„еротски“ танц со садо-мазо пикантерии, премиерот на оваа држава и претседателот на истата, во рок од само неколку дена во емисијата „360 степени“на новинарот Васко Попетрески, се беа соголеле до гола кожа. И тоа во сите елементи на потенцијалното државничко однесување: говорни вештини (филувани со непознавање на македонскиот јазик!), внатрешна и/или надворешна политика, демократско размислување… итн. И сето тоа со онаа стара, позната (пост)комунистичка (иако ова е навреда за некогашните комунисти!), или попрво провинциска ароганција што често се граничи со тврдоглавост, потценување, неукост…
Нивното „шоу“ беше страшно за гледање, навредливо за сите сетила во сите сегменти на неопходното ниво на еден претседател на држава и премиер. И сето тоа ни ја формира вистинската слика за државата до точка кога се прашувате: па како дојдовме до ова? Но и: како воопшто функционира оваа држава?
Но тоа, пред сѐ, е и главниот проблем на државата – таа, едноставно, не функционира! Таа или стои во место во некои области, или целосно назадува враќајки нѐ во некои несакани минати времиња, во нивниот најлош облик. Згора на тоа, речиси запрепастувачки е што двајцата највисоки функционери сосема комотно разговараат за важни, за круцијални нешта за државата во некое имагинарно трето лице односно како тие да не се токму луѓето од кои директно зависи решавањето на тие проблеми.
Обајцата, на пример, разгоропадено ни „откриваат“ дека низ земјата работат некакви странски служби и нивни локални експозитури, пелтечат за некакви и нечии агенди (ама непотврдени!), ни „објаснуваат“ дека „има странски агентури“ коишто финансираат разни „подземни“ случувања во државава (Ковачевски), ама за сето тоа требало да бидат прашани „безбедносните органи“ (вели повторно премиерот).
И сега секој нормален човек ќе праша: кој е тој односно во чија надлежност се овие разноразни служби, агентури и нивни локални продолжени раце, кој е тој што треба да се грижи за безбедноста на државата…, ако не, на пример, премиерот во својот делокруг, но и претседателот во неговиот делокруг? Кои се тие „безбедносни органи“ на коишто нѐ упатува премиерот, а се вон неговата надлежност, па и интерес, како безбедносно прашање? И зошто ние треба да одиме од институција до институција и да прашуваме кога тој прима (не мала!) плата за тоа?
Претседателот пак на државата, во неговиот познат озборувачки стил во насока на креирање хистерија, отворено го квалификува дури и актуелниот Палевски како „поврзан со елементи кои работеа на проруската агенда во Македонија“ (sic!). Ама молчи зошто никој надлежен не се погрижил тоа да го прекине врз основа на реални сознанија и докази. Или, повторно, некој овде си игра мижитатара со безбедноста на државата?
Но претседателот не застанува таму. Тој јавно озборува и „високи црковни великодостојници во МПЦ“ велејќи дека се поврзани со истата „проруска агенда“. Ама, по ѓаволите, зошто не преземе нешто, зошто не информирал надлежни служби, зошто не го прекинал тој проруски „ланец“? Или го оставаат да функционира за да можат постојано да го озборуваат и да влечат пари од меѓународната заедница на име борба против руските влијанија во Македонија?
И тој начин на провинциско озборување тече и тече кај двајцата, па „во игра“ вметнуваат претседатели на партии – некогашни и сегашни, си ги озборуваат македонските амбасадори, високи државни функционери и новинари…, и сето тоа онака одлесно, како пред „Кооперација“ со шише топло пиво, и – никому ништо! Ниту збор за тоа зошто не превземале нешто после сите тие откритија, зошто не го вратат тој проклет амбасадор, кои се тие сомнителни македонски граѓани кои секојдневно тропаат на вратите на странските амбасади и прават заговори…, за да конечно дојдеме до една фантастична „прогресивно-демократска“ мисла на претседателот на државата дека „на македонската јавност тоа не ѝ е работа да го знае, тоа се специфични информации.“
И тука почнува и тука завршува сѐ, тоа е нивниот шашлив поглед на преземените државнички обврски, на нивниот морал и идеја за македонската демократија, за нашата реалност во целост. Тие очигледно уживаат себеси да се гледаат како некакви важни субјекти, дури личности во македонската политика, а всушност се само лица без идентитет на поминување низ македонската современа историја. Фактот што ние се самоосудивме да бидеме нивни жртви во овие шест години не менува ништо во некои пошироки рамки. Освен што треба да биде некакво искуство за утре. Зашто веќе утре ќе се одлучува не за нашата иднина – таа, патем, е отидена во ветар – туку за иднината на сегашните млади генерации, или барем оние малкумина кои сепак решиле да останат тука.
Нивниот срамен политикантски стриптиз нѐ соочи не само со ужасен дисбаланс помеѓу дадена политичка моќ и лична неспособност, помеѓу спектар на можности за делување и личен лимитиран капацитет, туку конечно и дефинитивно ја видовме во полна „сила“ сета немоќ и некомпетентност на македонската политика. Тоа е „сила“ што низ историјата уништувала цели држави и народи!
Згора на таа неартикулирана политичка мисла и целосната некомпетентност да се обликува некаква нова визија за државата, двајцата ни сервираа вџашувачко паланечко самољубие особено потенцирано со обидот на премиерот да ја идентификува неговата смешна „гиљотина“ со грозоморното убиство на млада 14-годишна девојка.
А за да не остане покус, претседателот на државата, само ден-два по „фамозното“ интервју на „360 степени“, побрза да обзнани дека „Ако ме прашувате денес, шансите да се кандидирам се поголеми отколку да не се кандидирам“! И вистинското прашање на ова би било: што се замислува овој човек? Зарем сега дневно ќе информира дали ќе се кандидира по вторпат или не и зошто мисли дека македонскиот граѓанин е толку заинтересиран за тоа? И од што навистина зависи неговата кандидатура: од тоа како ќе ја преспие ноќта, на која нога ќе стане утрото…?
Како воопшто оваа држава дојде до ова дереџе?
Извор: Теодосиевски уметност