Политикантски барометар
Никако не ја потценувам оставката како неопходен морален и политички чин во едно демократско општество. Ако оваа оставка треба да биде тој и таков демократски барометар – ок, нека биде. Иако таа тоа не е туку е изманипулиран резултат на очигледно подметната афера. Да се поднесуваа досега такви оставки, Македонија ќе останеше без политичари. Што не ќе беше којзнае каква штета, но сепак.
Знаете кој е основниот барометар за успешноста на одделни чекори на секоја нова власт? Темите за коишто молчи опозицијата, па следствено и оваа денешна одглумена опозиција (или „опозиција“, како сакате), а особено онаа нивна полуписмена „аналитичка“ клиентела. Зашто тоа, тие и такви теми, едноставно – не можат да ги преболат. А мораат нешто да критикуваат, нели, односно да бидат против нешто. А таков материјал, реален или измислен, секогаш има.
Па заради тоа, на пример, сте слушнале/прочитале некаков коментар за обраќањето на претседателката на државата во ОН? А зошто не? Ама сте читале, сигурен сум, славопојки на оние глупости што ги пелтечеа нивните фаворити од „форматот“ на Заев, Пендаровски, Ковачевски… Тоа никако не го пропуштаа, по којзнае кој пат потценувајќи ја јавноста односно спуштајќи нѐ сите поинакумислечки на нивото на нивната малоумност.
Или неодамнешното пледоаје на премиерот на ЕУ самитот во Салцбург. Никој ни да „зуцне“! Иако и тоа е позната пракса: нашиве „опозициски“ слепци отсекогаш уживале да го држат „својот“ дел од јавноста во незнаење. И кога се на власт, а особено кога се „опозиција“!
И тој барометар одлично функционира – само слушајте/читајте за што се молчи и сѐ ќе ви биде појасно. Затоа и едикојси „Барон“ станува „ѕвезда“ на денот но не и оние 300 милиони евра за 10 километри пат, или ефтините политиканти и нивните „временски возови“ и губитнички коњи, но и „филозофското“ извртување на изјавите на високи функционери итн. И нема, нормално, да прочитате ниту еден коментар за глупостите што секојдневно ги тресе оној Филипче, на пример. Згора на сѐ, и најлажливата бивша власт, онаа што цели седум години само лажеше и крадеше, сега клиентелава сака да ни ја претстави како – успешна!
Се разбира, изборот на „темите“ за коишто „на ура“ ќе се пишува и коментира треба да го одврати вниманието од вистинските процеси, од некои позитивни поместувања, ако ги има, секако, коишто завредуваат барем мала позитивна реакција. Па нека биде тоа и укинувањето на таканаречениот фамозен „балансер“, иако тоа воопшто не беше – мала работа. Сегашнава „опозиција“ претставувана од сектана што ја киднапира некогашната сдсм не смееше за такво нешто ни да помисли додека дуи им седеше на врат! Ама затоа одлично ја планираа распределбата на корупцијата и криминалот, на „териториите“ за грабеж на државниот буџет итн.
И така „Баронот“ се трансформира во главна опозициска тема, без оглед што нивните фаворити – од Пендаровски, Заев, Спасовски па надолу – имаат цели семејни албуми со најголемите нарко босови во државава, па и оние од меѓународен формат, без оглед што на половина светска мафија им дадоа македонски пасоши, па дури и наспроти фактот што еу и меѓународната заедница последиве години ги посочуваше како најкриминална и најкоруптивна власт во Европа. Сето тоа, за клинетелава, не е дури ни „лански снег“. Ама „Барон“…
За жал, и власта – па дури и претседателката! – некако наивно наседнуваат на овие и вакви уличарски штосови на „опозицијата“, ги прифаќаат нивните нечисти игрички и остануваат без стручна и компетентна Комисија за помилување. Најмалку што можеа да направат беше да не ја прифатат нивната колективна оставка.
Но можат да направат и друго, ако се паметни, се разбира: можат повторно да ги изберат во новата комисија, барем некои од нив! Вака, влегуваат во „шема“ на оставки што им ја наметнуваат оние циркузанти и тоа ќе ги следи во наредните (минимум) четири години!
Никако не ја потценувам оставката како неопходен морален и политички чин во едно демократско општество. Ако оваа оставка треба да биде тој и таков демократски барометар – ок, нека биде. Иако таа тоа не е туку е изманипулиран резултат на очигледно подметната афера. Да се поднесуваа досега такви оставки, Македонија ќе останеше без политичари. Што не ќе беше којзнае каква штета, но сепак.
А замислете на што ќе личеше онаа криминогена политикантска постава на сдсм и дуи ако чинот на оставки што сегашната опозиција и нејзините кловнови во медиумите сакаат да го позиционираат како правило што мора да почне баш од оваа власт, се применеше и во нивно време. Ќе останеа без жив човек во институциите!
Но, очигледно е дека овие персони, во теснец со изворни идеи и политики, се залепиле за вакви циркуски точки гледајќи во нив шанса за подривање на кредибилитетот на власта. Како што беше и онаа петпарачка пародија со извртувањето на контекстот на изјавата на Мицковски во Салцбург за Преспанскиот договор.
„Заборавањето“ на зборчето „ако“ на шупелкиве им е нормално, а таквото „читање“ на таа изјава тие изгледа ја сметаат за ремек-дело на нивната негативна кампања.
Па се прават наудрени дека, демек, уште не им било јасно како во иста глава се спојувало „никогаш Северна со Преспанскиот договор“ како (повторно демек) „ремек-дело на европската дипломатија“? Се разбира, хартијата и образот трпат сѐ и сешто, ама на шутрациве тоа никогаш не им било проблем. И не само тоа туку и продолжуваат со нивната глупост и незнаење за кондиционалните реченици во македонскиот јазик!
Истиот циркус сега се надоврзува и со некакви перверзни „истраги“ на школи за англиски јазик во соседството, заборавајќи го оној „индијански англиски“ на нивниот фаворит Заев, кому никој не му побара сертификат за познавање на англискиот јазик. А и зошто нему би му бил потребен, нели? Тој комотно си комуницираше на струмичко-б’лгарски со источните комшии, со северните говореше некој шатровачки односно пазарџиски „српски“, и – толку. Каков англиски, какви бакрачи! И што воопшто „прогресивнине проевропејци“ ќе правеа со некаков друг странски јазик? Впрочем, ним најчесто и македонскиот им беше – странски!
Ако пак однесувањето на „опозицијата“ и нејзините „интелектуални“ и медиумски приколки е разбирливо – од нивен аспект, се разбира – нејасно е однесувањето на власта и влегувањето во некакви налудничави „игри без граници“ со таков „свет“. На истиот начин и со истите методи како што бившата криминална „власт“ се однесуваше кон нивните предлози и критики.
На крај памет не ми е заговарање на некаков неоправдан реваншизам или користење на механизмите на власта за непопуларно и авторитарно игнорирање на „ставовите“ на опозицијата. Но, повторно, овде, во оваа т.н. опозиција, има сериозен недостаток на „сива маса“, на продуктивно опозиционерство и на критичко (а не критизерско!) опонирање на власта. Па тие не умееа – или можеби не сакаа? – да се справат ни со фалсификуваните претседателски избори во нивните редови, прифаќајќи еден комплетен политички аутсајдер само заради неговите блиски врски со оној нивнион екс-манипулант.
Тоа не е опозиција, а нивните квази-интелектуални мегафони не се ни аналитичари ниту пак форматни политички експерти. Тоа е можеби уште постраотна збирштина во постојана потрага по газда, по пари, по моќ – каква и да е – којашто не заслужува ама баш никакво внимание, не пак одговор на глупостите што ги пласира во јавноста.
Власта ништо не добива на „имиџот“ со толерирањето на таквите кловнови, уште помалку „стратешките партнери“ (ќе) ги гледаат како некакви нови изданоци на демократијата во Македонија. Онаа мегафонска булумента и нивните сега веќе ветви газди се само уште еден беден разгранок на македонската платеничка политикантска сцена. И тие, се разбира, имаат своја цена. Можби власта треба да им ги понуди истите или слични „договори“ како со бившите, за да спијат мирно и понатаму да не шират глупави тези.
Не заради својот мир, туку заради нашиот! Па некој мора да нѐ куртули од оваа чума што секојдневно нѐ малтретира во јавниот простор.
Извор: Теодосиевски уметност