ПОЛИТИКА СЕ ВОДИ СО РАЗУМ, А НЕ СО ИНАЕТ Град Скопје ја поздравува одлуката на Владата за обезбедување гориво за ЈСП
Потсетуваме дека Владата сè уште има долг од 500 милиони денари кон ЈСП Скопје за студентскиот стандард и бесплатниот студентски превоз, со кои ќе се стабилизира во целост состојбата во претпријатието, соопшти Град Скопје.
Од Град Скопје попладнево ја поздравија одлуката на Владата за обезбедување гориво за автобусите на ЈСП за следните седум дена.
Тие велат дека се докажало дека секогаш е подобро политика да се води со разум, а не со инает.
„Ја поздравуваме одлуката на Владата со која конечно се докажа дека секогаш е подобро политика да се води со разум, а не со инает и дека доколку јавниот интерес е на прво место можно е конструктивно да се делува во интерес на граѓаните. Потсетуваме дека Владата сè уште има долг од 500 милиони денари кон ЈСП Скопје за студентскиот стандард и бесплатниот студентски превоз, со кои ќе се стабилизира во целост состојбата во претпријатието. Дополнително, ја повикуваме советничката група на ВМРО-ДПМНЕ да го следи позитивниот пример на Владата и разумно со грижа за интересот на граѓаните како приоритет, да ги донесе одлуките во Советот на град Скопје неопходни за подобрување на состојбите во јавниот превоз. Апелираме на следната седница конечно по повеќе од 2 години советниците да ги изгласаат точките за нови автобуси за ЈСП како и за отпочнување на реализација на проектот за БРТ каде се предвидени дополнителни 60 автобуси, адаптирано согласно ветувањата од програмата ‘За Модерно Скопје’. Важно е и советниците да заземат став за барањата на приватните превозници што како одлука единствено тие можат да ја донесат за во целост да се нормализира јавниот превоз“, се вели во реакцијата на Град Скопје.
Инаку, Владата денеска вонредно расправаше поради недостигот на енергенси за обавување на јавниот сообраќај на територијата на Град Скопје, при што беше констатирана лошата состојба и недостиг на гориво за потребите на Јавното сообраќајно претпријатие. Владата се вклучи во решавање на овој проблем.
ВЛАДАТА ЌЕ ОБЕЗБЕДИ НАФТА ЗА ЈСП Градските автобуси ќе возат на државна резерва