Политички вирус и новата криза во ЕУ
Досега ЕУ секогаш излегувала посилна од кризите и сериозните проблеми што ја погодувале. Корона-кризата секако ќе биде проследена со сериозни дискусии, се разбира не за првпат, во какви општетсва и во каква Унија сакаме да живееме. Токму затоа поимот солидарност повторно доби толку силно значење и не се симнува од усните на ниту еден европски лидер.
Веќе многумина потсетија дека ЕУ, како што често се вели, постојано се развива низ кризи. Без оглед дали звучи и како здодевна мантра, се чини дека напоредно со ескалирањето на ситуацијата со корона вирусот, тоа е повторно на пат да се случи.
Искуствата за кои се зборува во овој контекст се добро познати и накусо би можеле вака да се опишат: – одеднаш, под силен притисок на проблемите што се натрупуваат, ЕУ е принудена да преземе нови иницијативи за да ја спаси соработката.
Политичките мускули што ги покажуваат многумина европски лидери, како потреба да се манифестира енергична подготвеност за акција, во многу нешта се базирани врз претпоставки и несигурни податоци и недоволно се потпираат врз проверени научни сознанија. Поради тоа експерти епидемиолози изнесуваат критички размислувања дека резултатот од рестриктивните мерки што ги преземаат владите всушност може да бидат поопасен и посмртоносен и од самото ширење на новиот вирус.
Многумина се обидуваат да го политизираат корона вирусот, при што заеднички именител на таквите обиди е вознемирувачки недостиг од респект за сите заложби и мислења на експертите, истражувачите и инститициите во оваа област кои се најдоа во средиштето на бурата во општетството. Некои од експерти со врвна репутација излегоа и со предупредувања и апели за поголема претпазливост, укажувајќи на можните лоши економски последици и нивниот подеструктивен ефект врз општетеството отколку што тоа го прави ширењето на заразата.
Отпуштањата, зголемувањето на невработеноста, психичката вознемиреност се само дел од негативните ефекти што можеби ќе имаат поголемо влијание врз здравјето на населението од вирусот. Корона е мошне заразна, но, според дел од скандинавските експерти, веројатно не е попопасна од сезонскиот грип. Едновремено не е сигурно дали оние што починале од корона, навистина починале од вирусот. Многумина можеби починале поради сериозни хронични заболувања. Такви анализи не се направени, но сепак не е спорна веројатноста дека корона предизвикува дел од смртните случаи.
Но она што некои експерти од подолгорочен аспект го гледаат како поголем и посериозен проблем е опасноста од мошне многу дополнителни смрни случаи, но можеби не поради ширењето на Ковид-19, туку поради хистеријата и драстичните мерки кои создаваат несигурност, непредвидливост и енормни економски проблеми.
Некои претседатели и премиери со загрижувачки тонови тврдат дека корона вирусот е најлошиот проблем по здравјето на населението кој „не сме го имале со децении наназад“. Но потребни се сепак пропорции во оценките, засновани малку повеќе врз факти. Од оние кои се во истата ризична група, која сега е најмногу изложена на заканата од корона, односно оние кои се постари од 65 години, секоја година умираат по неколку десетици илјади само од кардиовискуларни болести.
Како што тврди шведскиот професор епидемиолог Јохан Гисеке, кој е и советник на Светската здравствена организација, СЗО, тешко е да се предвиди какви последици ќе предизвикаат разните политички мерки во борбата против ширењето на Ковид-19. Токму затоа, смета Гисеке, е изненадувачки со каква леснотија се упатуваат критики кон експертите или политичарите и владите дека реагирале доцна, или под притисок донеле неефикасни мерки само за да покажат подготвеност за акција. Шведска, на пример, е една од последните земји во Европа која сè уште ги нема затворено границите, ниту пак основните училишта.
На почетокот на корона-кризата и Европската комисија силно се спротивстави на затворањето на границите меѓу членките, со што се нарушува основниот принцип на функционирање на внатрешниот европски пазар – слободното движење на луѓе и стоки.
Но со забрзано дејствување Европската комисија сепак поднесе цела низа предлози, кои, доколку бидат усвоени, на повеќе начини ќе ја променат и продлабочат ЕУ-соработката. Во изминатите денови претседателката Урсула ван дер Лејен апелираше не само на „подобра координација“, туку и јасно покажа дека има намера да ги искористи средствата на моќ кои и се на располагање на Европската комисија.
Една од тие мерки која сега се лансира како нов предлог е поврзана со интервенција на пазарот на трудот, и хаваријата што сè повеќе му се заканува, со неочекуваниот енормен пораст на отпуштањата од работа. Споменатиот предлог се однесува на воведување на некаков вид на осигурување во случај на невработеност на ЕУ-ниво, со цел на таков начион да се ублажат економските последици од кризата. Доколку тоа помине, како што забележуваат познавачите, би претставувало спроведување на помала револуција, односно ЕУ би направила значаен чекор на патот кон градење на политика на пазарот на трудот на наднационално европско ниво.
Но и некои други мерки, како, на пример, привремената забрана за влез во Шенген-зоната, е уште еден обид да се принудат членките да отстапат од националните мерки што ги нарушуваат принципте на солидарност и соработка и со тоа да настапат обединети и со заеднички глас во однос на остатакот од светот. Засега не е сигурно дали овие, и низа други мерки што ги предлага Европската комисија, ќе бидат доволни за да се запрат разидувањата што во изминатите недели се појавија во Унијата.
Меѓу другото, повеќе европски ЕУ-портали кои известуваат за заложбите на Европската комисија деновиве „на маргините“ на морето на вести и информации за интензивирање на борбата против ширењето на корона вирусот ја објавија и веста дека блокадата за отворање на пристапните преговори за ЕУ-членство со Северна Македонија и Албанија најверојатно ќе биде отстранета во пресрет на средбата на ЕУ-министрите на земјите-членки идната недела во Брисел. Процесот на проширување е секако и силен израз на солидарноста што ширењето и јакнењето на европската соработка го подразбира.
Досега ЕУ секогаш излегувала посилна од кризите и сериозните проблеми што ја погодувале. Корона-кризата секако ќе биде проследена со сериозни дискусии, се разбира не за првпат, во какви општетсва и во каква Унија сакаме да живееме.
Токму затоа поимот солидарност повторно доби толку силно значење и не се симнува од усните на ниту еден европски лидер.