Политичката димензија како алиби

Се разбира, ова е намерно до максимум упростена теза којашто нема намера да отвора расправи за политичката димензија на конституционализмот, уште помалку да спори со елементите дали, и колку, уставното право има (и) политичка димензија односно дали е фундаментално основано, каде се неговите извори, исходишта и концептуална структура итн. Или дали можеби има и политичко-теолошка димензија, каде „политиката“ се поставува во улогата на Севишниот?

548

Просто е неразбирливо за нормален човечки ум зошто ние (поточно политичките и интелектуалните „елити“) – сите со полна уста демократија и европски визии – секогаш имаме алиби за недемократското (и неевропско) однесување, непринципиелното постапување, за кршењето на законите и непридржувањето до моралните и вредносните норми и стандарди…, и за сето тоа по правило наоѓаме изговори во семоќната политика. Таа и таква (злоупотребена) политика, за жал најчесто во форма на очебијно политикантство, не е својствена само на политичарите, туку особено на онаа група позери кои глумат некаков врв на македонската академска мисла, но кои, повторно за жал, во изминативе три децении одиграа катастрофално неморална и на моменти предавничка улога на приврзок на политикантството и политикантите од секаков вид. И тоа за најчувствителните работи за државата.

Или, пак, да се надоврзам на првата реченица: можеби македонските политичари и таа (квази)академска фела мислат дека се над нормалниот човечки ум, нешто како македонска локална AI? Ама да беше така, ќе бевме ли на ова дно? Земете го само за пример актуелниот „нон-пејпер“ на Словенија и Германија за ветото за билатералните спорови и потсетете се на целана онаа викачка и хушкачка групација „интелектуалци“ кои држеа – и сѐ уште тоа го прават – лекции како ставовите на еу (малите букви се…) се унисони и цврсти како гранит, како кај нив нема промена на зацртаните правила и слични будалаштини. Не само што тие одиграа – и понатаму тоа го прават – своевидна „петоколонашка“ улога во евроинтегративниот процес, туку добивате впечаток дека имаат некаков анимозитет кон демаократската ориентација во сопствената држава.






Истото, во поинакви димензии, сега се случува и со т.н. Закон за јазиците.

Не дека спомнатите не можат да нѐ однесат и подолу од ова дно зашто нечовечноста и неморалноста како да немаат граници, но прашањето е – зошто? Кому, и за што, угодуваат и коленичат со нивните измислени квалификации, оправдувања и протежирање на „факторот политика“ во нејзината најрудиментирана форма како врв на човековата мисла во дваесет и првиот век, која „наука“ подучува на таков однос кон демократијата, правото, правдата…? А може и обратно: ако управувањето со државата треба да се темели само врз призмата на семоќната политика како најважен двигател во демократските системи, чуму ни се институциите – законодавни, судски и извршни? Зошто и уставно не ја овластиме таа и таква „политика“ да управува целосно и самостојно со државата, кога веќе „политичката димензија“ на правото, па и на конституционализмот, е тој врвен репер во општеството и државата?

И тој нов конституционализам би имал само еден член: дека со државата неограничено управува политиката односно политичката партија што победува на изборите. Следствено, се распуштаат сите државни институции, власта целосно и неотповикливо преминува во рацете на таа партија (или коалиција), и тие владеат како што им наложува (не)нормалниот ум и политичкиот миг. Прекрасно! Впрочем, со тоа би се куртулиле и од она „Бугарите во Устав“, нели!

Се разбира, ова е намерно до максимум упростена теза којашто нема намера да отвора расправи за политичката димензија на конституционализмот, уште помалку да спори со елементите дали, и колку, уставното право има (и) политичка димензија односно дали е фундаментално основано, каде се неговите извори, исходишта и концептуална структура итн. Или дали можеби има и политичко-теолошка димензија, каде „политиката“ се поставува во улогата на Севишниот?

Но, ако на денешната македонска „политичка“ (или, подобро речено: политикантска) пракса ѝ дадете такво алиби – или попрво оружје! – во рацете, тогаш можете да се збогувате со ставот дека Уставот треба примарно да се „чита“ како највисок закон, не даден од Бога туку изгласан во легална процедура, како темел на правила, доктрини и практики што го контролираат политичкото управување со државата! Се разбира, акцентот е на зборот „контролира“, инаку, ако му ја дозволите – барем кај нас! – „политичката димензија“, во наши услови тоа би значело дека таа, политиката (попрво политикантството!) го контролира Уставот. Впрочем, сме имале, односно имаме, и таква пракса: претставници на партии да коментираат Устав, некакви собраниски комисии да толкуваат уставни одредби и сл.!

Сакам да кажам, со надеж дека ќе бидам правилно разбран: ние како општество, за жал, и токму заради доминацијата на „политиката“, не пораснавме до степенот на теориски расправи дури ни за временската прогноза, не пак за Уставот и неговата „политичка димензија“.

Всушност, ние ја живееме таа „политичка димензија“ не само на конституционализмот туку на целото општество. Но на еден најупростен, анахрон, хибриден начин, според вољата токму на таа „политика“. Ја живееме веќе цели три децении и никако не можеме да се ослободиме од неа. Политикантите тоа не го сакаат, се разбира, зашто без неа се „никој и ништо“ односно само – јавни службеници. Да, во политиката, и да, во власта, дури и највисоката, но ништо вон тоа. Трговиите со влијанија и „политики“ престануваат во истиот миг кога започнува да владее правото, стручноста, професионализмот…

Три децении во „животот“ на една држава се речисни ништо, иако низ историјата можат да се најдат и држави што траеле пократко: Демократска република Јемен (1994), Република планинска Ерменија (1921), Азавад (2012), Република Езо (1869), Тангањика (1962-1964) и др. Но ние во тие три децении го направивме токму тоа – ја кренавме на пиедестал „политиката“ како врвен критериум во општеството, препуштајќи ја земјата во рацете на полуписмен свет за кој таа беше/е само најлесен начин за остварување на лични и групни (главно лукративни) интереси. И сега треба да го продолжиме тој тренд на неконтролирана политизација на сите процеси во државата, на сѐ што може да ги поремети однапред подготвените лично-партиски планови за целосна контаминација и криминализација на општеството. Зашто, под „политичката димензија“ како алиби на Уставот/правото – но и на сѐ друго – тие се подразбираат само себеси и ништо друго освен тоа!

Судството одамна ја проби професионалната и моралната бариера и ја достигна таа цел благодарејќи на политикантските врхушки и нивните извршители од редовите на (квази)академската фела којашто, барем според нејзините досегашни постапки, е целосно, и би рекол неповратно, срасната со криминогените елементи во државата. И токму тоа е поентата (и) на најновото дополнување на „црната листа“, а Уставниот суд и дотичниот „спорен“ предмет треба(ше) да покаже на која страна ќе натежне јазичето на правната вага. Следствено, апсолутно е важно што и како ќе одлучи Уставниот суд апропо иницијативите за преиспитување на т.н. Закон за јазиците. Не заради Албанскиот јазик кој никој не го спори, иако многумина, а сега и албанскиот амбасадор (небаре тоа му е работа во Македонија), во отсуство на аргументи, го подметнуваат токму тоа. Но таа одлука, каква и да биде, не смее да биде последица на „политичката димензија на конституционализмот“ како алиби, зашто тоа веднаш го класифицира Уставниот суд во редот на оние сервилни политикантски институции, толку бројни во македонското правосудство.

Или, спомнувајќи го токму правосудството, нели „меѓународната заедница“ на прво место го истакнува баш тој проблем во македонските евроинтеграции: влијанието на политиката врз судството! И нели и последново дополнување на американската „црна листа“ е токму тоа – заради политички влијанија врз судството?

И нели, впрочем, сугестијата за некаква „политичка димензија на конституционализмот“ е токму тоа? И каде води истото?!

Оттука, ако и Уставниот суд потпадне под влијанието на некаква политикантска димензија и „етничка“ доктрина наместо високостручна и професионална чувствителност, тогаш не само младите туку и сите други со поинакво мислење можат да почнат да си ги пакуваат парталите. Или куферите, ако ги имаат. Зашто тогаш државава дефинитивно ќе се пресели во некои други, за некого незамисливи но за политикантите посакувани „сфери“.

Дури тогаш македонскиот евроинтегративен пат, особено во неговиот дел за владеењето на правото како еден од носечките принципи, ќе заврши!

П.С.

Erratum: во минатата колумна („Методологија на замајување“), кај Проф. д-р Harald Christian Scheu, член на Венецијанската комисија, по инерција е пренесен англискиот превод на Универзитетот (Универзитет Чарлс во Прага) каде тој е предавач по Европско право и јавно меѓународно право. Станува збор за познатиот Карлов универзитет, еден од најстарите универзитети во Европа (основан 1348 година). Им се извинувам на читателите за грешката.

Поврзани содржини