ПОЛИТИЧКАТА БОРБА МЕЃУ ВОЗРАСНИТЕ НЕ СМЕЕ ДА СЕ ВОДИ ПРЕКУ ДЕЦАТА Омбудсманот апелира најмадите да не се користат во кампањата
Децата не смеат да бидат користени за промоција на политички партии, кандидати или за програми, ниту да се појавуваат во спотови, јавни настапи или во промотивни материјали во контекст на кампања, укажува Народниот правобранител.
Народниот правобранител апелира до учениците на локалните избри да не ги користат децата во предизборната кампања.
„Народниот правобранител, како орган кој ги штити уставните и законските права на граѓаните, преку Одделот за заштита на правата на детето и на лицата со попреченост ги потсетува учесниците во Локалните избори 2025 дека вклучувањето на децата во какви било политички активности претставува неприфатлива форма на инструментализација на детето и повреда на неговото достоинство и правото на заштита од политичко влијание, гарантирано со Конвенцијата за правата на детето, Законот за заштита на децата, како и со Изборниот законик, кој предвидува дека учесниците во изборната кампања се должни да постапуваат во согласност со принципите на етичко и одговорно однесување“, соопшти Народниот правобранител.
Народниот правобранител укажува дека децата не смеат да бидат користени за промоција на политички партии, кандидати или за програми, ниту да се појавуваат во спотови, јавни настапи или во промотивни материјали во контекст на кампања.
„Во таа насока, Народниот правобранител апелира сите учесници во изборниот процес да се воздржат од каква било присутност или појавување на деца во нивните кампањи. Народниот правобранител ги охрабрува родителите и јавноста да пријават вакви случаи до Народниот правобранител или до надлежните органи, со цел заштита на правата и достоинството на децата.
Народниот правобранител ќе продолжи да ја следи состојбата и ќе постапува по сите информации или претставки кои се однесуваат на можни повреди на правата на детето во изборниот процес“, се вели во соопштението на Омбудсманот.
Потсетувајќи на можноста за пријавување повреда на избирачкото право на бесплатната телефонска линија 0800 54321, Народниот правобранител потенцира дека секое дете има право да биде заштитено од политички влијанија и злоупотреби.
„Политичката борба меѓу возрасните не смее да се води преку децата“, апелира Народниот правобранител.