ПОЛИТИЧАРИТЕ НИ ГО ЧЕСТИТАА БОГОЈАВЛЕНИЕ Еве што имаа да кажат
Нека осветувањето на македонските води биде наша духовна поткрепа во надминувањето на сите тешкотии. Со смирение и со молитва, солидарни и грижливи да се издигнеме над сите неволји и проблеми. Да ги наполниме срцата со надеж и со верба и да даруваме безусловна љубов на ближните, порачува шефот на државата, Стево Пендаровски.
Големиот христијански празник Богојавление, или Водици, утринава во Македонија беше проследен со традицијата на скокање по крст во вода во повеќе градови, а не изостанаа ни честитките од политичарите. Еве што тие порачаа:
Димитар Ковачевски
„Овој празник нè повикува да се очистиме од гревовите на денот кога водите се преобразуваат во свети води за да потсетат на денот кога Исус Христос се крштеваше во реката Јордан. И оваа година додека сè уште трае пандемијата со ковид-19, празникот повикува да ги поминеме во здравје искушенијата на пандемијата. Да се придржуваме до препораките на здравствените работници и на Синодот на МПЦ-ОА и да го прославиме празникот одговорно. Секоја година овој празник ни порачува да ја обновиме и зајакнеме духовната зрелост, и смирено и со љубов да си посакаме добра волја за совладување на сите предизвици што ни претстојат на личен и на колективен план. Нека ни е честит и вековит, големиот христијански празник Богојавление – Водици“, наведува Ковачевски во честитката.
Христијан Мицкоски
„Вербата и сплотеноста, велат, планини поместува. Нашиот предизвик е заедно со народот оваа апатичност, безнадежност и секојдневните порази со кои денес живееме, да ги замениме со перспективност, развој и среќа на граѓаните. Нашата цел е да ја промениме тажната реалност, која поради нивната неодговорност и неспособност, елитите ја претставуваат како неизбежност. Минатото не’ учи дека ако се сака и ако се има верба во капацитетот на сопствениот народ, може да се направи подобро утре. Традицијата и заедничките вредности покажале низ историјата дека можеме заедно да градиме подобра иднина за сите. Нека денешниот празник донесе мир, спокој, добро здравје и бериќет за сите во Македонија. Бог се јави! Нека е честит и за многу години големиот христијански празник Богојавление Водици!“, наведува лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски.
Талат Џафери
„Ова се времиња на предизвици од најразлична природа, економска, здравствена, политичка. Како луѓе, како граѓани, како активни чинители во општеството, сите ние имаме одговорност да го дадеме најдоброто од себе, да го вложиме максимумот денес, затоа што тоа ќе биде од значајна полза утре, и за нас, меѓутоа најважно од сè, за нашите млади кои се иднината на земјата и идните граѓани на светот. Да веруваме и да се надеваме дека секоја препрека, секоја тешкотија, ќе ја надминеме брзо и со леснотија, исто како што тече и водата која е симбол на овој празник. Нека чистите намери, солидарноста, човечноста, заемната почит и разбирањето бидат темелот врз кој ќе градиме еднакво, правично, напредно и пред сè, хумано општество во кое секој ќе се чувствува рамноправен и ќе се грижи подеднакво за личниот и колективен напредок на земјата“, стои во честитката од Џафери по повод празникот Водици.
Миле Зечевиќ
„Симболиката на денешниот празник е духовното раѓање и верба во новите почетоци на човековото живеење. Како новите почетоци што раѓаат нова надеж, посакувам и очекувам меѓусебно почитување и помагање, да дојдеме до помирување на секое ниво.
Да се обединиме за да продолжиме напред кон подобро, но и да го заштитиме нашето достоинство, нашата самобитност, нашата иднина“, вели генералниот секретар на СДСМ.
Стево Пендаровски
„И годинава како и минатата, Богојавление – Водици го празнуваме соочени со сè уште присутната епидемија на ковид-19, како и со бројни економски и општествени предизвици. Нека осветувањето на македонските води биде наша духовна поткрепа во надминувањето на сите тешкотии. Со смирение и со молитва, солидарни и грижливи да се издигнеме над сите неволји и проблеми. Да ги наполниме срцата со надеж и со верба и да даруваме безусловна љубов на ближните. Нека ни е честит и вековит празникот Богојавление – Водици! Бог се јави!“, стои во честитката од шефот на државата Стево Пендаровски.
Оливер Спасовски
„Во чест на крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од страна на Свети Јован Крстител, денеска сведочиме за една од темелните свети тајни на црквата – крштевањето, како духовно раѓање, како почеток на човековото живеење во верата. А духовното раѓање е можно само со чистата искрена вера во Бога, во Божјата љубов. Овој голем христијански празник е уште еден потсетник на христијанските вредности по кои треба да се водиме – добрина, разбирање, проштевање, хуманост и љубов“, вели во честитката министерот Спасовски.