ПОЛИТИЧАРИТЕ НИ ЈА ЧЕСТИТАА НОВАТА ГОДИНА Еве што порачаа Ковачевски, Мицкоски, Џафери … (ВИДЕО)

Здравје, бериќет, среќа и просперитет порачаа македонските политичари и ја коментираат изминатата 2021 година.

401

Новогодишни честитки, желби за бериќет, здравје, среќа и надежи за подобра и просперитетна Македонија посакаа домашните политичари во свои видео-обраќања утринава. Во продолжение ги пренесуваме нивните зборови и нивните видеа:

Ковачевски






„Зад нас ја оставаме 2021 година. Година на општествено закрепнување од коронавирусот, на масовна вакцинација, но и година на економско закрепнување. Деновиве, кога луѓето, домовите, се исполнети со надеж и верба, мотивирани влегуваме во новите почетоци, да продолжиме посветено во реализација на целите пред нас.

2022 година ќе биде година на нови предизвици, особено во делот на енергетиката и пандемијата со коронавирусот, но ќе биде и година на нови заеднички успеси на општествен, социјален и пред сè економски план. Со фокус на економијата, ефикасност на институциите, одговорност и чесност да го подобриме животниот стандард на граѓаните.

Минималната плата мора да продолжи да расте, а со неа ќе растат и просечната плата, пензиите, додека невработеноста и натаму ќе опаѓа. Тоа ќе го постигнеме со одговорна и посветена работа, заедно со мојот тим и заедно со вас граѓаните“, изјави новиот челник на СДСМ и премиер во најава.

Мицкоски

„Почитувани сограѓани, годината што заминува ни остави различни емоции. Ковид пандемијата, енергетската криза, економското уназадување, трагедиите во Тетово и Бугарија и неспособната и неодговорна власт предизвикаа тага и болка, голем револт, разочарување, неизвесност … Но и конечно освестување и одважување дека работите мора да ги промениме ние, самите. Заради нас, заради нашите семејства. 2021 беше година на големи предизвици, но и на големи промени. Промени кои ги донесовте – вие!

Промените кои носат нова, подобра и поубава иднина се наша голема обврска. Работата е темелот на нашиот успех. Проектите кои ги реализираме чекор по чекор ќе донесат развој, стабилност и успеси.

Успеси и среќа за секој еден човек, затоа што Македонија е за сите луѓе. Да ја подобриме екологијата, да ја развиваме инфраструктурата, да го унапредуваме образованието, спортот и културата. Да бидеме подобри луѓе, повеќе да се почитуваме и да создадеме поубава иднина за нашите деца“, рече лидерот на најголемата опозициска партија.

Бојан Маричиќ

Според министерот за правда во заминување, Бојан Маричиќ, реформите во секторот со кој раководел не биле ниту брзи, ниту едноставни.

„Удари кон правната држава има секојдневно, од различни центри на моќ, а за демонтирање на остатоците од режимот во судството треба навистина време и трпение. Сепак, сигурен сум дека откако веќе јавно се говори за проблемите и се работи на нивно решавање и откако конечно се носат вистински системски решенија, потребно да се опстои на патот по кој тргнавме. Патот на реформите, а резултатите сигурно ќе дојдат“, вели Маричиќ.

На крајот, Маричиќ во своето новогодишно видео-обраќање, на сите им ја честита новата година, со желби пред сè за добро здравје, успех, среќа и да имаме нова година исполнета со успеси на секое поле.

                                                                                                      Талат Џафери

 Претседателoт на Собранието, Талат Џафери, вели дека Собранието одговорило на предизвиците со пандемијата и со локалните избори.

Потувани граѓани, Новата година е речиси на прагот и сега кога ја испраќаме старата морам да признаам дека со нетрпение и со огромна доза оптимизам се охрабрувам дека 2022 година нема да биде во ниту еден сегмент како оваа. За жал, не можеме да кажеме дека беше лесна ниту, пак, успешна. Напротив, беше тешка, полна со предизвици, препреки, најтажно од сè година во која паралелно со здравствените, економските и штетите по менталното здравје на глобално ниво што ги предизвика пандемијата на ковид-19.

„Оваа година имавме редовни локални избори, по што настапи период на неизвесен политички живот во земјава, кој, пак, предизвика делумна функционалност на домашните институции. И законодавниот дом функционираше во рамките на наметнатите здравствени протоколи поради кои останавме затворени за ваши посети и наметнатите деловнички одредби за работа во време на изборни активности “, потенцира спикерот Џафери.

Партија ДОМ

„Нека 2022, биде година на крајот на Ковид-19 пандемијата и здравствените и социо-економски

проблеми кои корона кризата ги наметна. Нека биде година на надминување на поделбите и недовербата. Со меѓусебна почит и соработка, заедно да ги совладуваме идните предизвици.

Нека биде година на мудри одлуки, одговорност и посветеност за обезбедување здрав,

квалитетен и достоинствен живот на сегашните и идните генерации“, стои во честитката од партијата ДОМ.

Мила Царовска

Министерката за образование во заминување смета дека 2021 година беше година на големи промени во образованието.

„На крајот на 2021 сите се радуваме на промените во образованието кои се важни и во интерес на секое дете. Повторно ги отворивме училиштата. Ги подобривме условите во училиштата, воведовме нови наставни програми и обезбедивме обука и поддршка за наставниците. Целиот труд вредеше затоа што најважна на светот ни е насмевката на детските лица“, вели таа во видеопораката споделена на Фејсбук.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска

„Почитувани граѓани, сите ние влегуваме во 2022 година носејќи го товарот што ни го наметна пандемијата на ковид-19, но верувам и со поголемо искуство, доблест и потврда дека и при најголемите предизвици, умееме да носиме правилни одлуки.

Во овие моменти, не може да не им оддадеме почит на здравствените работници и на науката, коишто ни овозможија да излеземе од „затворениот свет“ и полека да почнеме да се враќаме кон моделот на работа и живеење коишто наликуваат на претпандемичната нормалност. Светот докажа дека може да им одговори на крупните предизвици коишто го изменија нашето секојдневие. Човештвото покажа дека ако работи заедно, посветено и сплотено, може да најде решенија“, стои во честитката од Народната Банка на Република Северна Македонија.

Поврзани содржини