ПОЛИТИЧАРИТЕ ГО ЧЕСТИТАА КУРБАН БАЈРАМ Еве што порачуваат тие
Во честитката за Курбан Бајрам, претседателот Пендаровски испраќа порака да бидеме сплотени и да ја градиме Република Северна Македонија како наш единствен заеднички дом. Премиерот Ковачевски порачува да ги надмине сите проблеми преку соживот и разбирање, а лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски вели да си подадеме рака за да ги надминеме провокациите. Пораките за мир, толеранција и разбирање доминираа во честитките на политичарите.
Политичарите во Македонија го честитаа големиот исламски празник Курбан Бајрам. Тридневниот празник ги празнува аџилакот, солидарноста и благосостојбата. Пораките за мир, сплотеност и соживот доминираа во честитките.
Талат Џафери
Со пораката „да се обединиме за суштинските прашања“, претседателот на Собранието, Талат Џафери го честиташе големиот празник Курбан Бајрам.
„Курбан Бајрам, како празник на солидарноста и сочувството, празник на широкоградоста и простувањето, разбирањето и меѓусебната почит помеѓу луѓето, без оглед дали се блиски или далечни, познати или непознати, нека ги облее срцата на сите луѓе и нека ги исполни со радоста што ја носи овој голем ден, Нека биде причина плус за заедничко собирање околу семејната трпеза, за споделување на тоа што го имаме и тоа што го немаме, колку и да е тоа многу или малку, со тие што имаат помалку среќа и благосостојба“, наведува Џафери во честитката.
Димитар Ковачевски
Премиерот Димитар Ковачевски им го честита празникот Курбан Бајрам на сите граѓани од исламска вероисповед. Тој порача преку соживот да се справуваме со неволјите.
„Денешниот голем муслимански празник Курбан Бајрам нè потсетува на нашата најважна човечка мисија – во духот на трпението, несебичноста и пожртвуваноста да се погрижиме за најблиските и сите оние на кои им е потребна подадена рака и да ги сочуваме великодушноста, сочувството и солидарноста кои сега ни се потребни повеќе од било кога. Величественоста на Курбан Бајрам Бајрам едновремено нè потсетува дека сите неволји можеме заеднички да ги совладаме како и досега – во духот на вековната традиција на соживот“, наведува Ковачевски.
Христијан Мицкоски
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го честиташе Курбан Бајрам со пораката дека треба да си подадеме рака, да ги надимнеме провокациите и да не се делиме по етничка, верска или политичка припадност.
„Во овие одлучувачки моменти во кои се наоѓа Македонија, потребно е да си подадеме рака за да ги надминеме предизвиците, да не се наседнува на смислените провокации кои внесуваат поделби на етничка или верска основа кои се само параван за остварување на некакви други лични интереси. Цврсто верувам дека таквите вештачки поделби се предавство на вредностите во кои што веруваме без разлика на етничка, врска или политичка припадност. Проблемите се исти, желбата за иднина е заедничка. Потребно е сите заедно да работиме за меѓусебно почитување, взаемна толеранција и разбирање, бидејќи само на тој начин можеме да успееме да изградиме држава во која сите ќе се чувствуваме слободни и рамноправни“, наведува Мицкоски.
Артан Груби
Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби упати честитка велејќи дека треба да се потрудиме да станаме причина за меѓусебна среќа.
„Почитувани верници, со моите најсрдечни желби за здравје, просперитет и просперитет во вашите семејства, ви посакувам среќен Бајрам. Патот до среќата лежи во освежувањето на душата во духот на мирот, солидарноста и почитта еден кон друг, доблестите над тежината на која нè учи овој празник,“ напиша Груби во честитката, која е објавена на неговиот фејсбук профил.
„Нека ни биде секојдневна намера да практикуваме добри дела“, порача Груби, „и да се потрудиме да станеме причина за меѓусебна среќа“.
Арбен Таравари
Градоначалникот на општина Гостивар Арбен Таравари го честиташе празникот и изрази желба недоразбирања, војни, лутини и омрази да престанат по повод овој Бајрам.
„Денес целиот исламски свет го слави празникот Курбан Бајрам, што е влезен во историјата на човештвото со овенот што Алах му го испрати на пророкот Ибрахим да не го жртвува неговиот син.
Посакувам овој празник да биде проследен не само со искрени честитки, туку и со посета на блиските и со добри дела, бидејќи овој ден е ден на милост, прошка, разбирање, добрина и мир“, наведува Таравари во честитката.
Стево Пендаровски
Во честитката за Курбан Бајрам, претседателот Пендаровски испраќа порака да бидеме сплотени и да ја градиме Република Северна Македонија како наш единствен заеднички дом.
„Курбан Бајрам е нераздвоен дел од вековниот соживот во македонското мултирелигиско и мултиетничко општество. Празничните денови се можност за продлабочување на заемното почитување преку запознавање со традициите на различните од нас“, наведува Пендаровски и упатува најискрени желби за добро здравје, радост и благосостојба.
Претседателот во честитката изразува уверување дека „солидарноста кон ранливите и соживотот на различните во овие празнични денови, но и преку целата година, ќе ни помогнат сплотени да ги надминуваме предизвиците со кои се соочуваме на личен и колективен план“.
Славјанка Петровска
Министерката за одбрана Славјанка Петровска го честиташе празникот.
„Во духот на празникот, споделете ја среќата, радоста и љубовта со сите оние на кои им е потребна, во знакот на вистинските човечки и верски вредности. Во вековната традиција на соживот и разбирање, благородните пораки што ги испраќа овој празник на солидарноста, хуманоста, грижата кон другите, единството и еднаквоста, нека бидат наши водилки на патот кон развој и напредок“, пишува Петровска во честитката објавена на нејзиниот фејсбук-профил.
Бојан Маричиќ
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ им го честиташе празникот на сите граѓани од исламска вероисповед и посака да бидеме храбри за да останеме на патот на просперитетната иднина.
„Денеска нашите сограѓани од исламска вероисповед го чествуваат Курбан Бајрам, празникот кој потсетува за важноста на посветеноста за исполнување на целта, одлучноста и силата на убедувањето“, пишува Маричиќ во честитката.