Политичарите да застанат во ред за вакцинирање, според возраста

Во еден свет од седум плус милијарди луѓе и во држава во која само мал проценте се вакцинирани, најголема привилегија е да се добие било каква вакцина. За да не завладее паника и хистерија, редот мора да се запази.

1,822

Што мислите, која е најдобра вакцина, ме прашува пред повеќе месеци колега од патеката покрај Вардар. Мислам дека е најдобра онаа со која се вакцинирани американскиот претседател и англиската кралица, одговорив.

Значи, „Фајзер“, заклучи соговорникот. Тоа, очигледно, го знаат и нашите пратеници кои денес изразија незадоволство што не се вакцинирани со најдобрата (?) вакцина во светот. А требаа ли воопшто да се вакцинираат сега или требаа да чекаат да почне масовната имунизација?






Некој на Твитер порачува дека има мајка од 70 години која е бубрежен болен, а нема дата за вакцинирање, додека едикојси пратеник на 32 години ќе се вакцинира токму денес. Тоа не е праведно. Се наоѓаме на почетокот а не на крајот од процесот на вакцинација. Загрижен сум да не се распадне редот, кој, кога има правила, се поднесува но станува неподнослив кога правила нема. Значи, рековме, приоритет имаат медицинските лица изложени на опасност и постарата популација.

Во еден свет од седум плус милијарди луѓе и во држава во која само мал проценте се вакцинирани, најголема привилегија е да се добие било каква вакцина. За да не завладее паника и хистерија, редот мора да се запази. Кога кај нас, во приоритетните групи беа сврстани и новинари, се сетив дека новинарите на Си Ен Ен упорно го прашуваа Антони Фаучи за датата кога ќе се вакцинираат, а тој ги прашуваше за возраста па го прогнозираше месецот.

Правилото беше: повозрсните новинари се вакцинираат порано. И се прашував, се држат ли навистина Американците до редот. Покрај толку милионери и милјардери и влијателни политичари, не ли може некој да си купи доза вакцини? Заклучив дека редот се држи кога ја прочитав приказната за богаташот, кој, заедно со сопругата, со сопствен авион одлетале во Канада, се претставиле како странски работници во некое мало место во кое течел процесот на вакцинација и се вакцинирале.

Некни го загубив омилениот братучед Горан Стрезовски. Трагедии се случија во многу фамилии само заради фактот дека некој не бил вакциниран. Политичарите треба да се вакцинираат откога ќе видат дека поголемиот дел од населението е опфатен во еден масовен систем на забревтана имунизација и кога ќе им дојде редот.

Освен како дел од возрасната група, не им е местото во првите неколку проценти на вакцинираните во земјата. Ако не за друго, тогаш заради фактот што така ставаат знак на еднаквост меѓу борбата за својот живот и за животот на своите гласачи.

Вака, вакцинирани, може да престанат да се грижат. Зашто, да не заборавиме, политичарите се како капетан на брод. Кога бродот е во невоља не се првите кои посегнуваат по чамците за спасување, туку последни. Исто е и со вакцинирањето.

Поврзани содржини