ПОЛИТИЧАРИТЕ ЈА ЧЕСТИТАА ГОЛЕМА БОГОРОДИЦА Пораки за мир, благосостојба, здравје, хуманост

Нека молитвите кон Пресвета Богородица, ги стоплат нашите срца и нѐ облагородат со смирение, духовност и верба во иднината. За многу години празникот, стои во честитката од претседателот Стево Пендаровски.

97

Политичарите и фунцкионерите утринава го честитаа големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица. Во нивните пораки тие порачуваат мир, благосостојба, толеранција, здравје, хуманост, позитивни вредности.

Стево Пендаровски






„Од сѐ срце ви посакувам празникот посветен на Пресвета Богородица да го поминете во добро здравје, исполнети со радост и среќа. Токму Успение на Пресвета Богородица попознат меѓу народот како Голема Богородица, како еден од неколкуте празници посветени на Мајката Божја, несомнено има долга и богата традиција на заеднички собири и прослави“, наведува претседателот Пендаровски во својата честитка.

На овие собири, додава, се дели трпезата, но и добриот збор и се дарува внимание и љубов.

„Имајќи ги предвид сите искушенија со кои се соочуваме, да се инспирираме од големиот празник и да останеме сплотени, единствени, солидарни и грижливи за ближните. Само така можеме да ги надминеме сите кризи и искушенија. Нека молитвите кон Пресвета Богородица, ги стоплат нашите срца и нѐ облагородат со смирение, духовност и верба во иднината. За многу години празникот“, стои во честитката од претседателот Стево Пендаровски.

Талат Џафери

„Ми претставува чест од името на Собранието на Република Северна Македонија и од свое име да упатам искрени честитки по повод Успение на Пресвета Богородица и да Ви посакам над сѐ добро здравје, душевен мир, семејна среќа и топлина, меѓусебна почит, разбирање и хармонија“, се вели во честитката од претседателот на Собранието.

Годинава што полека ја одминуваме, додава Џафери, за жал не донесе многу позитивни вести и настани.

„Беше ставена и сѐ уште е во искушение нашата солидарност кон немоќните, нашата човечност кон посиромашните и нашата почит кон различните. Во моменти кога беше загрозен и голиот човечки живот, ние ја одбравме и се уште цврсто стоиме на вистинската страна, затоа што сме свесни за неправдата и неисправноста на посегнувањето по туѓите територии и животи. Во следниве месеци не очекува тежок економски и енергетски предизвик, без да ги занемарам политичките предизвици кои константно се дел од нашиот политички живот и јас се надевам дека и ние како политички претставници и институции, ќе ги најдеме најсоодветните и најдобри решенија за сите Вас почитувани граѓани“, се нагласува во честитката.

„До Вас упатувам честитки и искрена желба, се посочува, да најдеме сите во себе внатрешна сила и истрајност, да се прилагодиме кон новите дискурси и да придонесеме во полесно надминување на идните предизвици“.

„Верата нѐ учи да негуваме позитивни вредности, а празниците ги нагласуваат нив уште повеќе, така што, духот и пораката на хуманоста и разбирањето на овој празник нека надвладее над сите Вас што го празнуваат овој голем празник. Ви посакувам убав празничен ден!“, се истакнува во честитката од претседателот на Собранието Талат Џафери по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица.

Христијан Мицкоски

 Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во негово лично име и во име на членовите на партијата  упати честитка до сите православни христијани по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица.

„Со празнувањето на овој голем ден покажуваме почит кон делото на мајката Божја кое низ вековите е длабоко вкоренето во нашата традиција и култура и токму тоа е она што ни дава духовна сила и не води кон патот на радоста. Секоја борба е трнлив пат, испреплетен со неправди и предизвици, но истрајноста и посветеноста на тој пат секогаш води до успех. Да научиме борбата за подобра иднина да ја водиме со сплотеност и истрајност, затоа што тоа е единствениот правилен пат“, стои во честитката по повод Голема Богородица.

Воедно, Мицкоски го честита и денот на македонските рудари оние кои со мака, труд и посветеност заработуваат за своите семејства и својата иднина.

„Посакувам во овие тешки мигови за нашата држава да имате работа, да ве следи добро здравје и да сте задоволни од сработеното и заработеното. Знам дека многумина од вас чувствуваат несигурност во услови кога владее криза, а власта поради својата неспособност само истата ја продлабочува“.

„ВМРО-ДПМНЕ ја разбира маката и сочувствува со секој еден граѓанин кој се соочува со тешката реалност, згазено достоинство, неправда, но заедно ќе ги надминеме овие премрежија со кои се соочуваме. Македонија е нашиот заеднички дом кој сите без разлика на етничката и верска определба мораме да го чуваме и да го градиме, спротивставувајќи се на криминалот и корупцијата кои го разјадуваат и уништуваат. Нека е за многу години празникот“, стои во честитката од Мицкоски.

Оливер Спасовски

„Еден од најзначајните празници на Божјата Мајка кој говори за вечната нејзина живост и за воскресната радост, чествувајќи го бескрајното спасение, силата и чистотата. Таа го носела Христа, го родила и ни го дала нам, учествувајќи со тоа во Тајната на спасението на родот човечки. Ние непрестајно сме поткрепувани со нејзината благодат, за просветление на умот и срцето, и за зацврстување на нашата волја за извршување на добри дела. Нека е за многу години!,“ стои во честитката од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, објавена на неговиот официјален фејсбук профил проследена со фотографии од присуство на празничната литургија.

Поврзани содржини