Политичари, седете си дома, спасете ни малку нерви – оваа парада од пресови е грозна!

Другари и господа политичари, земете си период од две недели за инкубација на вашите генијални и вирулентни пи-ар идеи, па дури потоа некој нека се осмели да се појави на прес и да се пофали дека сме регионални шампиони и дека блескаме. Во меѓувреме, јас ќе гласам за првиот од вас што ќе се нафати на волонтерска работа, лично да снабдува возрасни лица од својата зграда или од својата улица, со прехранбени артикли и со лекови, а и да им го фрла ѓубрето на луѓето.

10,451

„Денес прес не одржа само Митре од Водостопанство, рецепционерот и Марика фризерката“, напиша на Фејсбук младиот Божидар Божиновски, еден од моите омилени инфлуенсери на социјалните мрежи.

И навистина се претеравте со пресовиве, другарки и другарчиња!






Добро, разбирам јас дека е неопходно министерот Венко Филипче секој ден, по потреба два пати или неколку пати дневно, да ја информира јавноста за развојот на заразата со коронавирусот, за мерките што се преземаат, за препораките до населението. Мора да се признае дека Филипче се покажа суперталент за таа работа – располага со сите потребни информации, сконцентриран е, одговара смирено и прибрано, делува професионално.

ОК, нека си ја тера Филипче својата работа.

Ја разбирам дури и потребата со една заедничка конференција за печатот на неколку владини министри – која помина речиси незабележано, со исклучок на прашањата поставени повторно за заразата со коронавирусот – да се одбележи приемот на Македонија во НАТО. Иако, за волја за вистината, пронатовската еуфорија помина тогаш кога нашата земја де факто станавме членка на Алијансата. Тогаш беше вистинско време за славје, бидејќи сево ова што се случуваше потоа, беше само формална егзекуција на една веќе донесена конечна одлука. А и деновиве, кога токму земјите членки на НАТО се епицентар на глобалната пандемија, ние баш и не се чувствуваме многу безбедено, многу сигурно, а богами ни многу радосно. Тоа во една куса реченица го опиша еден друг мој омилен инфлуенсер, колегата Срѓан Ивановиќ: „Не можевме во подобар момент да влеземе во НАТО. Кога САД ги прекинува летовите за Европа, а од Кина ни стигнуваат респиратори…“

Донекаде ја разбирам и потребата на клучните политички лидери во земјата, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, на конференции за печатот да ги образложат своите ставови во врска со воведувањето вонредна состојба во земјата. Во духот на веќе демонстрираното суштинско единство на политичките лидери, очекував тие пресови да бидат куси и ефикасни. Ама пуста навика, кога ќе се земе микрофон в раце, да не се испушта…

Никако не ја разбирам и онаа променада и она сликање на министерката за одбрана Радмила Шеќеринска во „објектот за изолација“ во полигонот Криволак. Пуста желба за сликање и за фодули. За нејзина несреќа, уште истата вечер, таа пи-ар акција се претвори во целосно фијаско, откако во „НАТО карантинот“ завршија само девет несреќни музичари од Битола, но доволно итри да викнат телевизиски камери и да ја покажат бедата на овој „објект“. Шеќеринска не собра сили да се извини за големиот пропуст, а денеска во нејзино име жешки костени на прес-конференција вадеше Филипче.

Еве, помина и објавата на вонредната состојба од страна на претседателот Стево Пендаровски и сега молам политичарите итно да се повлечат од камерите и да им ги препуштат микрофоните на тие што се задолжени да даваат прецизни и јасни информации. За се друго, ги молам да ни се обраќаат со соопштенија или со објави на нивните профили на Фејсбук.

И да се разбереме добро. Оваа техничка влада и посебно министерот Филипче од јавноста и од граѓаните добија позитивна оценка за справувањето со заразата. За тоа се заслужни и медиумите и новинарите. Меѓу нив и јас. Дури и кога беше укажувано дека со некои мерки се доцни (како со затворањето на училиштата, со затворањето на границите, со вонредната состојба и слично), тоа беше правено со должен пиетет кон големите напори на здравствените власти на чело со министерот. Е сега, наместо на овој однос да возвратат со воздржаност и внимателност, луѓето од сдсмовскиот дел од техничката влада сепак одлучија да се пофалат дека најдобро од сите во регионот сме се справувале со кризата и дека за тоа сме добивале пофалби. Мали сме, ама техничарчиња. Не можат другарчињата без пи-ар дури и во вакви неприлики, па тоа ти е…

Aко баш решиме да полемизираме, треба на „техничарчињава“ отворено да им се каже дека бројките, за жал, не даваат основа за вакви фалби. Споредете го бројот на заболени со бројот на жители во Македонија, во Бугарија, во Србија и во Албанија. Ќе видите дека кај нас состојбата е најлоша. Мислам дека полоши од нас се само Грците. Кај нас владее неразбирлива недисциплина на населнието, но и неодлучност на властите да заведат ред и поредок (да се надеваме дека сега, по прогласувањето на вонредната состојба, тоа ќе се промени). Кај нас уште „увезуваме“ коронавирус, наместо веќе да сме во ситуација да се занимаваме само со проблемот на локалната трансмисија. Ние до денешниов ден немаме карантин по пропис (ако за тоа не смета Инфективната клиника во Скопје, која ионака треба да работи во карантински услови), а веќе мораше да имаме неколку топ спремни.

Накусо, има многу причини за страхувањето дека на Македонија ѝ се заканува т.н. италијанско сценарио. Но, сите за тоа зборуваме со половина уста. Сите се трудиме да бидеме одговорни и да не шириме поголема паника од онаа која веќе постои. Се трудиме да покажеме доверба во институциите и во луѓето што ги водат, без оглед кој заслужува а кој не заслужува таква доверба. И јас, меѓу другите – зашто сметам дека тоа е дел од мојата општествена одговорност како новинар во земја што се соочува со страшна пандемија.

Па ако е тоа така, ако сме ние фини, другари и господа политичари, дајте бре престанете вие да не нервирате со сите овие блесави прес-конференции, аман! Седете си дома, земете си период од две недели за инкубација на вашите генијални и вирулентни пи-ар идеи, па дури потоа некој нека се осмели да се појави на прес и да се пофали дека блескаме. Во меѓувреме, јас ќе гласам за првиот од вас што ќе се нафати на волонтерска работа, лично да снабдува возрасни лица од својата зграда или од својата улица, со прехранбени артикли и со лекови, а и да им го фрла ѓубрето на луѓето.

Се разбираме?

Поврзани содржини