Француската полиција денеска протестираше во голем број градови против владината забрана за постапката за задушување и техниките на физичка воздржаност за ограничување на движењето на една личност. Владата ја донесе одлуката како одговор на гневот на јавноста за смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд во САД и наводната полициска бруталност во Франција.
Во Париз, полицајците паркираа десетици службени возила кај Триумфалната порта, а потоа поминаа низ Елисејските полиња. На едно комбе беше закачен транспарент со „Нема полиција, нема мир“, а на друго фотографија на која се прикажани повредени полицајци нападнати за време на должност.
Протестите беа организирани по состанокот на претставниците на полициските синдикати и министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер, свикан за да се обиде да го смири гневот кај полицајците поради владините мерки.
– Претставниците на синдикатот му пренесоа порака на министерот дека постапката на задушување всушност спасува животи и дека полицајците мора да ја имаат на располагање оваа техника сè додека не се најде соодветна алтернатива – рече Фабиен Ванхемелрик од Националното здружение на полицајци.
То истакна дека полицијата не може да биде одговорна за се што не чини во општеството.
– Втората работа што му ја кажавме беше да престане да купува социјален мир … на начин што ќе им угодуваме на некои групи на штета на полицијата – рече Ванхемелрик .
Во париското предградие Бобињи синоќа полицајците протестираа пред станицата и ги фрлија лисиците на земја. Во Лион, пак, полициските службеници ги паркираа возилата на централниот градски плоштад со вклучени ротирачки светла.