Полицијата со полни раце работа: Мигранти „оперираат“ во Велес, фрчат куршуми во Визбегово

1,560

ДРОГА ВО НАПУШТЕНА ЗГРАДА – На 03.08.2020 во 12.40 часот на ул.113 во Тетово, од страна на полициски службеници од СВР Тетово, при претрес во напуштена зграда, била пронајдена кафеава прашкаста материја. На лице место биле затекнати и лишени од слобода Б.Л.(40) и Ј.С.(50), двајцата од Тетово, кои се задржани во Полициска станица Тетово, а по документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

МИГРАНТИ НАПАДНАЛЕ ВЕЛЕШАНЕЦ – На 03.08.2020 во СВР Велес е пријавено дека околу 21.00 часот на место викано „Лагот“, во близина на манастирот „Св.Ѓорѓи“ во Неготино, во црква во изградба, М.Ч.(67) од Неготино бил нападнат од три непознати лица мигранти, кои му одзеле пари. Бил извршен увид на местото на настанот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.






УКРАДЕНИ АКУМУЛАТОРИ ОД М-НАВ – На 03.08.2020 во 16.20 часот во СВР Скопје, З.Е. пријавил дека во с.Катланово, скопско, на место викано „Фазанерија“,  непознато лице насилно ја отворило вратата од објект на М-НАВ и одзело четири акумулатори кои служеле за напојување на слетна точка на аеродромот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

ПОВРЕДЕН ВЕЛОСИПЕДИСТ – На 03.08.2020 во 18.30 часот, на бул.,,Видое Смилевски Бато“ во Тетово непознато патничко возило, кое по незгодата го напуштило местото, удрило во А.А.(68) од Тетово, кој туркал велосипед. Во незгодата A.A. се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничка болница Тетово, каде што бил пренесен за укажување на лекарска помош. Увид на местото на незгодата извршила увидна екипа од СВР Тетово.

ПОЖАР ВО КРИВОГАШТАНИ – На 03.08.2020 околу 17.00 часот  во СВР Битола било пријавено дека во с.Годивје, Кривогаштани настанал пожар, при што била опожарена сува трева и нискостеблеста шума. Пожарот е локализиран од  Противпожарната единица од Кривогаштани.

СИЛУВАЊЕ ВО ХОТЕЛ – На 04.08.2020 во 05.13 часот во СВР Охрид, 27-годишна скопјанка пријавила дека во соба во хотел во Охрид над неа била извршена обљуба од страна на М.Н. По преземени мерки од полициски службеници од СВР Охрид, М.Н. бил приведен и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

МАЖ ПОЧИНАЛ КАЈ ЕЗЕРОТО ТРЕСКА – На 03.08.2020 во 14.45 часот во Полициска станица Сарај било пријавено дека во СРЦ Езеро Треска, во близина на напуштени тоалет кабини, од малолетни лица било пронајдено безживотно машко тело. По утврдување на идентитетот било констатирано дека станува збор за Ф.Ј.(46) од с.Никиштани. Од лекар од Итна медицинска помош била констатирана смрт. Увид на местото извршила увидна екипа на СВР Скопје, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатиот е предадено за погреб.

СЕ СКАРАЛЕ, ПА ИСЧЕЗНАЛА – На 03.08.2020 околу 18.20 часот во СВР Скопје, Б.Љ.(44) од Скопје пријавил дека поради нарушени семејни односи од домот се оддалечила неговата сопруга Г.Љ.(42) од Скопје. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

ПУКОТНИЦИ ВО ВИЗБЕГОВО – На 03.08.2020 во 23.45 часот во СВР Скопје, Б.И.(34) од с. Визбегово, скопско, пријавил дека околу 23.15 часот, додека биле во двор од работилница на ул.„2“, сопственост на К.А.(36) од Скопје, слушнале истрели од огнено оружје, по што на подот во работилницата пронашле зрно од огнено оружје. Повредени лица нема, а увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје.

СКОПЈАНКА СЛУЖЕЛА ВО ИСИС – Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за спречување на организиран и сериозен криминал до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против Л.С.(38) од Скопје, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „помагање“, а во врска со кривично дело „учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации“. Пријавената, во два наврата ја напуштила територијата на Република Северна Македонија и со умисла заминала за Сирија, каде земала учество во активностите на терористичката организација „Исламска држава“ (ИСИС). На 10.03.2020 на Меѓународен аеродром Скопје пријавената е депортирана со лет од Истанбул во Скопје.

(Дел од Билтенот на МВР од 04.08.2020)

Поврзани содржини