Полицијата одржа показна вежба како се реагира во случај на обид да се предизвика меѓуетнички инцидент и крвопролевање

Има политички сили и криминални структури на кои им пречи меѓуетничката стабилност во Македонија и кои и во иднина ќе се обидуваат да го предизвикаат мирот. Некои партии, но и некои медиуми, новинари и инфлуенсери на социјалните мрежи, проценуваат дека таквите настани можат да им помогнат во враќањето на изгубената моќ или во стекнување нова слава. Тоа е факт на кој мора да се смета и во иднина. Од нас се бара одговорност и зрелост.

5,996

Во својата тридецениска историја, независна Македонија има добри, но и неколку трагично лоши искуства во менаџирањето на провокациите и обидите да се предизвикаат меѓуетнички инциденти и да се загрозат мирот и безбедноста на граѓаните.

Повозрасните читатели веројатно се сеќаваат на настаните од 8 јули 1997 година, кога тогашниот премиер Бранко Црвенковски, под жесток притисок на јавноста, одлучи со сила да се отстранат албанските знамиња што градоначалниците на Тетово и на Гостивар, Алајдин Демири и Руфи Османи, ги истакнаа пред општинските згради. Робустната полициската акција во Гостивар доведе до судири со вооружени лица, при што загинаа четворица цивили. Полицијата тогаш ги упаси градоначалниците Османи и Демири, но на 10 јули избија нови немири, во кои беа повредени околу 70 лица.






Резултатот на гостиварските настани беше поразителен за Македонија – албанското знаме пред општинските згради, кое заедно со турското и со македонското знаме се вееше и во периодот на социјализмот (од 1974 година), по извесно време продолжи да се вее, а тогашната македонска влада целосно ја изгуби довербата кај Албанците. Тоа беше една од причите за поразот на таа влада во 1998 година. Руфи Османи лежеше некое време во затвор и стана национален херој. Одвај три ипол години подоцна изби меѓуетничка војна во Македонија. За која знаеме како заврши…

Гостиварските настани покажаа дека лекцијата од февруари 1995 година, кога силни полициски сили се обидоа да го спречат нелегалниот универзитет во тетовска Мала Речица, при што имаше мртви и повредени, не била совладана. Бев репортер од овој настан и бев претепан од македонските специјалци и со тешки повреди завршив во болница. Сведок сум на глупоста со која тогашната влада се обиде со масивна полициска акција да заведе „ред“ и да го спречи она што всушност и не можеше да се спречи. Не мина долго време, а државата не само што го легализираше овој универзитет, туку подоцна отвори уште два државни албански универзитета. Џабе гинеа луѓето на бојното поле во Мала Речица.

Слични полициски акции, со кои македонските власти демонстрираа сила и обид да се дисциплинираат масите, имаше во повеќе прилики во 1990-тите години. Сите завршија неуспешно, со сериозни последици по кревкиот меѓуетнички мир. Затоа новиот милениум го почнавме со една валкана војна, во која шанса добија и терористи и насилници и разни белосветски мешетари…

И бидејќи во првата деценија на независноста недоволно научивме од туѓите грешки, од сличните настани на тогаш крвавиот Балкан, учевме главно од сопствените грешки. За волја на вистината, научивме важни работи.

На пример, научивме дека национализмот, шовинизмот и омразата се болести со кои се умира, но од кои баш и не мора да се умре. Со нив се живее, се лекуваат симптоматски и на начин да се спречи тие да го згрозат општо здравјте на целиот општествен организам.

Научивме и дека некои провокативни настани можеме и мораме да ги преживееме без да се предизвикаат човечки жртви. Човечките животи се превисока цена за нечија опсесија со „калашникови“ да тера политика и да докажува кој е во право. На таквите насилници местото им е зад решетки.

Откривме и дека под црните фантомки, кои најчесто се главни актери на провокативните настани, не се кријат само воспалените глави на луѓе задоени со омраза. Под нив се кријат и добро обучени и платени провокатори, чија задача е да се потрудат протестите и славјата да завршуваат со крвопролевања.

И конечно, научивме дека полицијата секогаш мора да дејствува одлучно, но само во рамките на своите надлежности. Таа на теренот мора да демонстрира професионализам, смиреност и воздржаност. Нејзината задача не е да ги насочува инцидентите, да ги „спречува“, да го диктира темпото на настаните и на било кој начин да биде актер во театарот. Не, полицијата е должна да го одржи елементарниот ред и да спречи човечки жртви и материјални штети. Нејзината задача не е да тренира строгост и да спроведува било чии политички агенди. Дури ни агендата на владејачкото мнозинство кое го избира министерот за внатрешни работи.

Токму така се однесуваше македонската полиција за време на синоќешните провокации во Скопје и во други градови во земјава, очигледно внимателно организирани, со намера да се предизвикаат сериозни меѓуетнички инциденти. „Вооружена“ со точни информации и со добра проценка за она што се подготвува, полицијата одлучи да не влезе во крваво сценарио, на начин што би се обидела да го „спречи“ сквернавењето на македонското знаме. Наместо тоа, полицијата ладнокрво ги изолира настаните и ги држеше под контрола, ги документираше и сега влегува во процедурата за кривичен прогон на сторителите на кривични дела.

Што ќе се се случеше ако полицијата се обидеше да ги „спречува“ провокаторите, да ги блокира колоните возила со албански знамиња, да демонстрира сила, во една робустна акција каква што посакуваа некои? Убеден сум дека луѓе со „калашникови“ беа спремни да возвратат и да предвизвикаат крвопролевање. Како многу пати досега во слични ситуации.

Прозвуче вознемирувачки опомената на премиерот Христијан Мицкоски дека вакви настани треба да очекуваме и во иднина. За жал, човекот само ја говори вистината. Има политички сили и криминални структури на кои им пречи меѓуетничката стабилност во Македонија и кои и во иднина ќе се обидуваат да го предизвикаат мирот. Некои партии, но и некои медиуми, новинари и инфлуенсери на социјалните мрежи, проценуваат дека таквите настани можат да им помогнат во враќањето на изгубената моќ или во стекнување нова слава. Тоа е факт на кој мора да се смета во годините што доаѓаат.

Охрабрува тоа што реакцијата на полицијата на инцидентите на Денот на албанското знаме беше показна вежба за тоа како треба да се менаџираат ваквите настани. Полицајците и нивните раководители заслужуваат само комплименти и честитки за своето поведение.

Сите мора да сфатиме дека ние немаме поважна задача од тоа да го сочуваме меѓуетничкиот мир во Македонија и никогаш веќе да не дозволиме со човечки жртви да се плаќаат амбициите на некои неодговорни политичари на таков начин да ги реализираат своите мрачни агенди.
Тоа е мерката на нашата одговорност и на нашата зрелост.

Поврзани содржини