ПОЛИЦИЈАТА НОНСТОП ЌЕ ЈА ОБЕЗБЕДУВА ДАНЕЛА АРСОВСКА Уапсени две лица што вчера ја нападнаа во Чаир
На 11.7.2025 година, по инцидентот во општина Чаир, г-ѓа Арсовска по укажаната лекарска помош се упати во полициска станица, а веднаш беа приведени лицата кои беа посочени дека ја нападнале. Сепак, градоначалничката одби да потпише записник за примање на пријава и ги напушти просториите на полициската станица, соопшти МВР.
Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека по вчерашниот инцидент во Општина Чаир, врз основа на оперативни сознанија и безбедносна проценка изготвена од Агенцијата за национална безбедност (АНБ), донесена е одлука за определување 24-часовни мерки за обезбедување на градоначалничката на Град Скопје, г-ѓа Данела Арсовска.
Градоначалничката во текот на денешниот ден ќе биде контактирана од надлежните служби со цел да се координираат нејзините активности во согласност со мерките за лична заштита, соопшти полицијата.
МВР останува посветено на својата основна мисија да обезбеди сигурност и заштита за сите граѓани на Македонија, без оглед на нивниот општествен или институционален статус. Министерството постапува согласно своите законски надлежности, темелно и професионално, во секој поединечен случај.
Во однос на последните настани поврзани со г-ѓа Арсовска, МВР посочува дека и покрај тоа што таа во повеќе наврати јавно комуницира за закани преку социјалните мрежи, институцијата постапува по сите добиени информации било по службена должност, било по официјална пријава, согласно законот и воспоставените процедури.
Во таа насока, ја информираме јавноста хронолошки за следните конкретни случаи:
На 1.6.2025 година, г-ѓа Арсовска била изложена на закана од возило во движење. Иако нејзината првична реакција не вклучувала информирање на МВР, полицијата веднаш постапи по сопствени оперативни сознанија, обезбедувајќи материјални докази. Веќе е поднесена кривична пријава по член 144 став 4 од Кривичниот законик против едно лице.
На 2.7.2025 година, градоначалничката преку социјалните мрежи пријави закана од лице за кое беше посочено дека е полициски службеник. На 3.7.2025 година инспектори од Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди извршија службена посета на Град Скопје, утврдија фактичка состојба и земаа изјава од градоначалничката, при што беше сочинет соодветен записник. Против пријавениот полициски службеник е поведена дисциплинска постапка.
На 5.7.2025 година, во јавноста беа објавени информации за закани упатени кон советничката Ирена Витина. Веќе на 8.7.2025 година, Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди воспостави контакт со советничката и иако таа одби да дојде во полициска станица, службени лица повторно извршија теренска посета. И овој случај се работи согласно пропишаните процедури.
На 11.7.2025 година, по инцидентот во општина Чаир, г-ѓа Арсовска по укажаната лекарска помош се упати во полициска станица, а исто така веднаш беа приведени и лицата кои беа посочени дека ја нападнале. Сепак, градоначалничката одби да потпише записник за примање на пријава и ги напушти просториите на полициската станица. Во јавноста повторно се обрати исклучиво преку социјалните мрежи, без да ги информира надлежните институции на соодветен начин.
Во меѓувреме МВР во текот на денешниот ден поднесе кривична пријава против две лица С..Љ и С.Љ по член 386 став 3 од КЗ, за вчерашниот инцидент со нападот на градоначалничката Арсовска.
Имајќи го предвид сето горенаведено, Министерството за внатрешни работи најостро ги отфрла сите обвинувања дека не постапува во случаите поврзани со г-ѓа Арсовска. Напротив, МВР професионално делува во секој поединечен случај, со целосна институционална транспарентност и во рамки на законски пропишаните овластувања.
Со оглед на безбедносната проценка направена од АНБ, градоначалничката Арсовска, како носител на јавна функција, ќе биде под 24-часовна полициска заштита, со цел да ѝ се обезбеди лична сигурност и непречено извршување на нејзините обврски.
Министерството уште еднаш апелира сите јавни функционери да соработуваат со институциите на системот и да не ја користат јавноста или медиумите како единствен канал за известување за потенцијални закани, туку најпрво да се обратат до надлежните органи, со цел навремено и ефикасно постапување.