ПОЛИЦИЈАТА ГИ КАЗНУВА, НО УМ НЕ ИМ ДОАЃА Возачите соборуваат рекорди за брзо возење и за возење „под гас“

Полицијата е решена да се справи со возачите кои не ги почитуваат сообраќајните правила на патиштата, а особено со оние што сакаат често да „притиснат на педалот за гас“ и да возат побрзо од дозволеното.

350

Со зачестените сообраќајни контроли на патиштата, полициските службеници се обидуваат да ги стават во ред возачите во Македонија кои се познати по својата недисциплина и брзо возење, како и возење под дејство на алкохол.

Полицијата е решена да се справи со возачите кои не ги почитуваат сообраќајните правила на патиштата, а особено со оние што сакаат често да „притиснат на педалот за гас“ и да возат побрзо од дозволеното.






Министерството за внатрешни работи (МВР) само во текот на изминатата ноќ, во периодот од 21 до 2 часот, со посебно опремен радар за снимање во ноќни услови, спроведе засилена акциска контрола на територијата на државата за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што се санкционирани 208 возачи.

Поради ваквото однесување на возачите на патиштата кои ја загрозуваат безбедноста на сите учесници во сообраќајот, од МВР за Плусинфо велат дека податоците се загрижувачки, особено во последните два месеца кога на патиштата може да се забележат возила на наши сограѓани кои живеат во странство и се дојдени својот одмор да го поминат во земјава.

– За возење со брзина поголема од дозволената во месеците април, мај, јуни и јули во 2022 година санкционирани се 34.085 возачи, додека за возење под дејство на алкохол во месеците април, мај, јуни и јули во 2022 година санкционирани се 3.472 возачи – ни одговорија од МВР.

Како што посочуваат од МВР, од вкупниот број изречени санкции, девет возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а четири возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. При тоа 136 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 72 надвор од населено место.

Од Министерството нѐ информираа дека засилените акциски контроли продолжуваат и во летниот период, но покрај тоа се работи и на превентивни кампањи со цел да се зголеми свесноста кај сите учесници во сообраќајот.

– Министерството за внатрешни работи спроведува и превентивни кампањи во насока на почитување на сообраќајните правила и прописи, како што се „Вози одговорно! Вози одморен!“, „Носи кацига, вози безбедно“, „Стави појас“, „И јас и ти – сите сме пешаци! Безбедноста на прво место!“. Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и на тој начин сите заеднички да придонесеме за подобри, посигурни и побезбедни патишта низ државата за нас и нашите деца – велат од Министерството.

Во текот на минатата година, МВР информираше дека радарите на сообраќајната полиција на автопат регистрирале брзина од 320 километри на час, а пак рекордот за возење под дејство на алкохол сѐ уште го држи прилепчанецот Ѓ.М. поставен во 2011 година кога тој во полицискиот дрегер „дувнал“ неверојатни 4,83 промили алкохол.

Според предложените новини, ако возите под дејство на алкохол со концентрација од најмалку 1,50 г/промили во крвта, или возите под дејство на дроги, психотропни супстанции или прекурзори, или возите во забранет правец, претекнувате колона возила на непрегледно место или возите со брзина која надминува 70 километри на час над дозволената, согласно новиот член 403 во предлог текстот на Кривичниот законик, тоа ќе претставува безобѕирно управување со моторно возило и ќе се смета за кривично дело, а за што е предвидена парична казна или затвор до три години.

– Во врска со предлог текстот на новиот Кривичен законик, МВР дава поддршка со цел намалување на бројот на сообраќајни несреќи – рекоа од Министерството за Плусинфо.

Од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија за МИА појаснуваат дека дел од дејствијата кои претходно беа прекршочно казнувани сега ќе бидат подигнати на ниво на кривично дело.

– Станува збор за кривична одговорност во наведените случаи дури и доколку нема директна штетна последица – предизвикана сообраќајна незгода. Со ова практично дел од дејствијата кои претходно беа прекршочно казнувани сега ќе бидат подигнати на ниво на кривично дело – потенцираат од ЈО.

Оттаму велат дека доколку законот биде усвоен во предложената форма, Јавното обвинителство ќе ги применува новите законски решенија.

Според промените во законот за Безбедност во сообраќајот на патиштата, ова се актуелните санкции за возачите кои ја пречекоруваат дозволената брзина, како и возењето под дејство на алкохол.

Зголемена брзина во населено место

На јавен пат во населено место, возачот не смее со возилото да се движи со брзина поголема од 50 километри/час, односно со брзина поголема од брзината дозволена со поставениот сообраќаен знак за целото населено место или за негов дел.

Колкави се глобите?

400 евра во денарска противвредност ќе му се изрече, на возачот кој во населено место се движи со брзина поголема од 50 km/h над дозволената брзина. Покрај утврдениот износ на глоба, на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана на управување на моторно возило од шест до 12 месеци.

300 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возачот кој во населено место се движи со брзина поголема од 30 до 50 km/h, над дозволената брзина. Покрај утврдениот износ на глоба, на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана на управување на моторно возило од три до 12 месеци.

45 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возачот кој во населено место се движи со брзина поголема од 10 до 30 km/h над дозволената брзина

10 евра во денарска противвредност ќе му се изрече, на возачот кој во населено место се движи со брзина поголема до 10 km/h над дозволената брзина.

Зголемена брзина надвор од населеното место

На јавен пат надвор од населено место, возачот не смее со возилото да се движи со брзина поголема од:

130 km/h на автопат;

110 km/h на пат резервиран за сообраќај на моторни возила и

90 km/h на други патишта.

Предвидени глоби

400 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возачот кој надвор од населено место се движи со брзина поголема од 70 km/h над дозволената брзина. Покрај утврдениот износ на глоба, на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана на управување моторно возило од шест до 12 месеци.

300 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возачот кој надвор од населено место се движи со брзина поголема од 50 до 70 km/h над дозволената брзина. Покрај утврдениот износ на глоба, на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана на управување моторно возило од три до 12 месеци.

45 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возачот кој надвор од населено место се движи со брзина поголема од 30 до 50 km/h над дозволената брзина.

20 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возач кој надвор од населено место се движи со брзина поголема до 30 km/h над дозволената брзина.

Забрана за возење возило под дејство на алкохол

Возачот не смее да управува со возило во сообраќајот на патот, ниту да започне да управува со возило ако е под дејство на алкохол и тоа со:

– Глоба во износ од 225 евра во денарска противвредност на возачот кај кој ќе се утврди содржина на алкохол во крвта од 0,51 г/кг. до 1,00 г/кг. Покрај утврдениот износ на глоба на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило од три до шест месеци, под услови и начин утврдени со закон.

– Глоба во износ од 275 евра во денарска противвредност на возачот кај кого ќе се утврди содржина на алкохол во крвта од 1,01 г/кг до 1,50 г/кг. Покрај утврдениот износ на глоба на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило од шест до девет месеци под услови и начин утврдени со закон.

– Глоба во износ од 325 евра во денарска противвредност на возачот кај кого ќе се утврди содржина на алкохол во крвта од 1,51 г/кг до 2,00 г/кг. Покрај утврдениот износ на глоба на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило од девет до 12 месеца, под услови и начин утврдени со закон.

– Глоба во износ од 375 евра во денарска противвредност на возачот кај кого ќе се утврди содржина на алкохол во крвта од 2,01 г/кг и повеќе. Покрај утврдениот износ на глоба на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило од 12 месеци, под услови и начин утврдени со закон.

Поврзани содржини