Полицијата да ги открие скриените заболени од коронавирусот
Можеме ова да го направиме, без проблем. За ова не се потребни финансиски средства. Само добра волја и бистра памет.
Кај нас коронавирусот на некој начин е идентичен со криминалот. Зошто? Затоа што и во криминалот и во заболените граѓани од коронавирусот, има светла и темна бројка. Светлата бројка е бројот на откриени, а темната бројка е бројот на неоткриени.
Ние и официјалните органи ја знаеме само светлата бројка. И во двата случаи вешто се кријат за да не бидат разоткриени. Разликата е во тоа што првите одат на суд и во затвор, а другите што се кријат, само од простотилик и од нивна неукост, можат да умрат и со себе да ги повлечат нивните блиски роднини и пријатели.
Во Дебар, во Центар Жупа и во некои други општини во источниот дел на државава, верувам дека тој број е значително голем. Седат дома, заразени од коронавирус и не се пријавуваат. Често бараат помош од приватни здравствени установи (инфузии, разни лекови против треска и болки и слично). Само кога ќе им се влоши состојбата, тогаш се пријавуваат и бараат спас.
Оваа категорија граѓани, кои се во поголем број, треба веднаш да бидат откриени и соодветно медицински третирани во борбата против ширењето на пандемијата. Што побргу, тоа подобро за сите нас.
Кој да ги открие? Кој друг, ако не полицијата!
Во МВР, односно во Бирото за јавна безбедност, а и во Агенцијата за национална безбедност, постојат оддели и сектори во Скопје и во сите градови низ Републиката, кои се нарекуваат оперативен цивилен дел. На сите нив треба да им се даде задача да ги идентификуваат и да ги пронајдат сите наши граѓани кои последниов месец се вратиле во земјава од гурбет (Италија, Шпанија, Австрија и други европски земји ) кои се во своите домови. Многу е лесно тоа, бидејќи нашите гратчиња се многу малечки и сите се познаваат помеѓу себе. Потешко е во Скопје. Нека им се направат медицински проверки, веднаш да се реагира, за да бидеме на чисто.
Можеме ова да го направиме, без проблем. За ова не се потребни финансиски средства. Само добра волјаа и бистра памет. Јас само сакам да помогнам во борбата против ширењето на корона вирусот, кој е закана и за мене, моите блиски, како и за сите граѓани во државата.