ПОЛИЦАЕЦ ОД КИЧЕВО ПРИЈАВЕН ЗА МАЛТРЕТИРАЊЕ Службеникот е суспендиран и остана без оружје

Полицаецот наводно употребил физичка сила врз лице иако нарушувањето на јавниот ред и мир веќе било прекинато.

134

Полицаец од Кичево се соочува со кривична пријава за малтретирање на граѓанин, откако наводно употребил физичка сила иако ситуацијата веќе била смирена. Од Министерство за внатрешни работи информираат дека против него е поднесена пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Според информациите, полицаецот М.А., вработен во полициската станица во Кичево, на 12 февруари годинава интервенирал на кружниот тек меѓу булеварот Ослободување и улицата Рудничка, каде имало нарушување на јавниот ред и мир помеѓу две групи граѓани.






Иако ситуацијата била веќе смирена и лицата не давале отпор, полицаецот, според наодите на внатрешната контрола, неовластено употребил физичка сила врз едно лице. Поради тоа е поднесена кривична пријава за „малтретирање во вршење на службата“.

Од внатрешната контрола најавуваат и дисциплинска постапка против полицаецот. Во меѓувреме, му е одземено службеното оружје и муницијата, упатен е на задолжителен психијатриски и психолошки преглед, а исто така е суспендиран од работното место до завршување на постапката.

Поврзани содржини