Полицајката Јасмина Ангелеска: Асани не ме повреди, ме повредија партиските послушници и неправдите во МВР
После 17 години стаж во сообраќајна, неселективното работење кон Бекир Асани и многу такви имиња кои ги приведував и мотори им земав ме префрлија да работам по ЈРМ, јавен ред и мир. За жал, не сум јас единствената. Тоа е секојдневие во МВР, вели Ангелеска за распоредувањата во МВР, кои според неа немаат никаква допирна точка со професионалноста и со искуството.
Полицајката Јасмина Ангелеска Јаначковска, која пред две години ги освои симпатиите на нејзините сограѓани во Скопје, но и пошироко во земјава, затоа што демонстрираше професионалност во своето работење кога му напиша казна на партиски функционер од ДУИ поради непрописно паркирање на неговото возило, денеска на социјалната мрежа Фејсбук објави дека по 18 години служба го напушта Министерството за внатрешни работи.
Ангелеска Јаначковска, чиј случај пред две години стаса и до Обвинителстото поради вербалниот напад од партискиот функционер Беќир Асани, вели дека си заминува поради неправдите од страна на „партиските послушници кои се на позициите пред сè за личен интерес“. Сепак, во јавноста се проширија сомнежи дека полицајката која по инцидентот со Асани изјави дека самата се удрила во возилото на „пајак“ службата и потоа доби признание за својата професионално извршена работа од министерот Оливер Спасовски, не случајно решила да му сврти грб на работното место поради притисоци. Во МВР засега немаат официјален одговор за заминувањето на нивната службеничка.
Ја прашавме Ангелеска Јаначковска, што ја прелеало чашата на незадоволство за да ја напушти службата по речиси дваесетгодишно работење, дали тоа има каква било поврзаност со инцидентот од пред две години кога беше агресивно вербално нападната од Беќир Асани додека му пишувала пријава за погрешно паркирање, по што повикала пајак-служба да му го крене возилото. По нападот, Ангелеска побарала медицински преглед, а МВР соопшти дека не е повредена.
– Не гледав во блиска иднина нешто што би се променило во МВР, затоа што партиски не сум определена. Нема што да чекам да дојдат моите на власт. Моите, твоите, како доаѓаат така си се местат, а ние си гледаме и си молчиме, чекаме некој да види дека ние сме дојдени да работиме и да си ја заработиме платата, каква-таква – вели Ангелеска Јаначковска, за Плусинфо.
Во разговорот со неа се навративме и на инцидентот со Асани, и ја прашавме дали тогаш била принудена да изјави дека се самоповредила во „пајакот“ кој дошол да го собере неправилно паркираниот „ландровер“ на Асани, наспроти приказните што се плетеа во јавноста дека полициската службеничка била нападната.
– Не бев удрена ниту нападната, мене ме повреди тоа што кога повикав помош 30 колеги стоеја, а ниту еден не го легитимираше или да го приведеше.Тогаш од револт удрив во вратата на камионот од „Пајак“ службата зашто се осетив сама. Тој излезе од кафеаната со 10 други негови луѓе, а јас бев сама со колега, затоа повикав помош. Ама, колегите дојдоа само да видат какво е времето или колку е саатот. Е, после една година мене ме прераспоредија наградно во полициската станица во Драчево – ни раскажа Ангелеска Јаначковска, разочарана од неправдата која ѝ била направена затоа што после долгогодишно искуство во сообраќајната полиција добила наредба за нова работа образложена со „потребите на службата“. Откако дала отказ во МВР, Ангелеска засега нема друга работа, но оптимизмот не ја напушта дека ќе ѝ биде вреднуван трудот на некое друго работно место.
– После 17 години стаж во сообраќајна, неселективното работење кон Бекир Асани и многу такви имиња кои ги приведував и мотори им земав, ме префрлија да работам во Јавен ред и мир. За жал, не сум јас единствената. Тоа е секојдневие во МВР – вели Ангелеска Јаначковска, за распоредувањњата во МВР, кои, според неа немаат никаква допирна точка со професионалноста и искуството.
Таа преку Плусинфо упати и порака до нејзините колеги:
– Пред сѐ, сакам господ да ги чува, секогаш и секаде, да бидат правични и да не се плашат од вистината. Професионализмот се надевам дека еден ден ќе се исплати и дека работниците и способните менаџери ќе дојдат на места на кои ќе придонесат за МВР, за граѓаните и за државата.