Полицајците кои прекувремено работеа лани следниот месец ќе добијат бонус

Министерот за внатрешни работи на Денот на полицијата,зборуваше и за реновираните објекти и обезбедените униформи за полицајците.

171

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во обраќањето по повод одбележувањето на Денот на македонската полиција – 7 Мај во Полицискиот центар „Ѓорче Петров” најави дека следниот месец полицајците кои работеле прекувремено во 2020 година  ќе ги добијат парите.

-За вработените во МВР, кои оствaриле над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво во текот на 2020, обезбедивме средства за бонус плата, кои ќе бидат исплатени следниот месец, а веќе ги исплативме бонус платите за 2017 и 2018 година. Вработените во Министерството за внатрешни работи сега знаат дека нивниот труд и пожртвуваноста се вреднуваат и наградуваат – нешто што претходно претставуваше невозможна мисија – рече Спасовски.






Тој додаде дека се работело и на подобрување на условите за работа на полицијата и на обнова на униформите.

– Реконструиравме 55 објекти, кои сега имаат додадена вредност, бидејќи се енергетски ефикасни. Набавката на униформи стана редовна активност, а не исклучок! Обезбедивме пловни објекти, мотоциклистичка опрема, а годинава, за обнова на униформи и опрема, во буџетот имаме обезбедено близу половина милијарда денари, што е еден од највисоките износи во историјата на министерството – рече Спасовски.

Спасовски говореше и за резултатите од борбата против криминалот.

– Така, во периодот од 1 јануари до 15 април 2021 година кривичните дела бележат тренд на намалување за 9,5 отсто, во споредба со истиот период минатата година. Организациските единици во Бирото за јавна безбедност активно постапуваат по седум оперативни акции и резултатите од нив се видливи: зголемена откривачка функција на наркотици и оружје, спречување на илегалната миграција и криумчарењето на мигранти, санкционирање на економскиот криминал, сузбивање на сериозниот и организиран криминал. Зајакнатите сообраќајни контроли, пак, придонесоа за создавање на што побезбедни средини за граѓаните, па 2020 година беше година со најмалку жртви во сообраќајот –  рече Спасовски.

На одбележувањето на Денот на полицијата присуствува претседателот на државата Стево Пендаровски, началникот на Генералштабот на Армијата Васко Ѓурчиновски, претставници на Владата, амбасадори и полициски аташеа, раководство на Министерството за внатрешни работи, како и претставници на семејствата на загинатите припадници на Министерството за внатрешни работи.

Поврзани содржини