Полицајци тепале приведени, најдено починато лице кај Бит Пазар

Пешак бил удрен од возило во Скопје, возачот побегнал од местото на настанот.

14,182

ПОЛИЦАЈЦИ ТЕПАЛЕ ПРИВЕДЕНИ ЛИЦА – СВР Струмица поднесе кривична пријава против П.П.(31) од с.Василево и А.М.(25) од Струмица, двајцата полициски службеници, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „малтретирање во вршење на службата“, казниво по член 143 од Кривичниот законик. Пријавените, на 01.12.2020, постапувајќи по Наредба за вршење на служба, околу 09.45 часот, додека биле во КПУ – Затвор Струмица, со цел да извршат достава на пресуда од Основен суд Скопје 1 на Ј.А. од Струмица, осуденик на издржување на казна затвор во КПУ Затвор Струмица, постапиле несовесно за време на вршење на службата на начин што, откако Ј.А. почнал непристојно да се однесува кон нив, тие физички го нападнале во присуство на вработени од затворот. Веднаш по пријавување на настанот, полициски службеници од СВР Струмица во содејство со полициски службеници од Одделот за внатрешна контрола презедоа мерки за целосно расчистување на настанот.

КРИВИЧНА ЗА ДИРЕКТОР НА УЧИЛИШТЕ – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против И.А.(54) од с.Требиште, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во служба“. Пријавениот, вработен како директор во СОУ „Маврово и Ростуше“, на 02.10.2018 организирал и спровел екскурзија без претходно објавен оглас и недозволено склучил договор со шест автопревозници за изведување на еднодневната екскурзија во Охрид, со што постапил спротивно на член 19, 20 и 21 од Правилникот за начинот на изведување на училишни екскурзии. Исто така, И.А. на учениците за екскурзијата им наплатил цена повисока од реалната.






МОМЧЕ ВООРУЖЕНО ДО ЗАБИ – На 01.12.2020 во 22.45 часот, полициски службеници од СВР Скопје кај Eзеро Треска извршиле преглед на С.Н.(24) од Скопје, при што пронашле нож, електро-шок и гумена палка. Тој бил приведен поради сомнение за сторен прекршок од Законот за оружје. По документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

ДРОГА ВО ШТИПСКИОТ ЗАТВОР – На 01.12.2020 во 15.18 часот во СВР Штип, од Казнено-поправниот дом Штип било пријавено дека во полуотвореното одделение, на прозорец во затворот, била пронајдена прашкаста материја. Полициски службеници од СВР Штип извршиле увид и ја одзеле прашкастата материја за вештачење. Се работи на расчистување на случајот.

ПОВРЕДЕН РАБОТНИК ВО КАВАДАРЦИ – На 01.12.2020 во Полициската станица Кавадарци било пријавено дека при извршување на работни задачи во фабрика во Кавадарци, Д.И.(51) од Кавадарци се здобил со тешки телесни повреди, по што бил пренесен во Општата болница во Кавадарци, каде им подлегнал на повредите. Бил извршен увид на местото од страна на увидна екипа, Трудов инспектор и Јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот е предадено на семејството.

ПАЗАРЕЛЕ СО ЛАЖНИ ЕВРА – На 01.12.2020 во ОВР Струга, В.Ќ. од Струга пријавил дека две лица од неговата продавница купиле производ со фалсификувана банкнота од 50 евра. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

УДРИЛ ПЕШАК И ПОБЕГНАЛ – На 01.12.2020 во 19.15 часот било пријавено дека на бул.„8 Септември“ во Скопје патничко возило удрило во пешакот С.З.(52) од Скопје и го напуштило местото на незгодата. Пешакот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Градската општа болница „8 Септември“.  Извршен бил увид на местото на незгодата од увидна екипа од СВР Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СЕ СТЕПАЛЕ ВО КАЗИНО – На 01.12.2020 во 21.20 часот било пријавено дека во казино на подрачјето на Центар бил нарушен јавниот ред и мир, со физичка пресметка помеѓу Д.М.(27) и О.Ц.(19), двајцата од Скопје. Сочинети се записници за констатиран прекршок по член 11 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.

ПРОНАЈДЕНО ПОЧИНАТО ЛИЦ КАЈ БИТ ПАЗАР – На 01.12.2020 во 05.25 часот било пријавено дека на подрачјето на Бит Пазар бил пронајден починат М.Ш.(27) од Скопје. Од страна на лекар од Итна медицинска помош била констатирана смрт. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било предадено за обдукција.

КУРШУМ ГО ПОГОДИЛ ВО НОГА – На 01.12.2020 во 21.00 часот во СВР Скопје, од приватна болница било пријавено дека кај нив со повреда на ногата бил донесен Ј.Е.(54) од Скопје. Во разговор со полициски службеници Ј.Е. изјавил дека, додека излегувал од својот автомобил, бил погоден од проектил. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Поврзани содржини