ПОЛИЦАЈЦИ ЌЕ ГИ НАДГЛЕДУВААТ УЧИЛИШТАТА Спасовски очекува темелна истрага и за „мерцедесот“
Во однос на денешните дојави за бомби, рече дека во тек е проверката за Крива Паланка, а за дојавата за бомба во основно училиште во Петровец, појасни дека се работи за вчерашна дојава стигната на меил на директорката на училиштето.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во однос на дојавите за бомби во училиштата кои од вчера повторно се актуелни, вели дека приоритет треба и се даде на истрагата, но дека ќе треба да се размисли овие објекти да имаат обезбедување, бидејќи само во едно од средните училишта во Скопје кое има свое обезбедување, досега немало дојава за бомба.
– Овде во Скопје, според информациите коишто ги имаме, само едно од средните училишта има свое обезбедување и таму не се појави никогаш пријава дека има лажна дојава за бомба. Нормално е дека приоритет и се дава на истрагата и веднаш после завршување на вештачењето ќе има реализација во овој дел. Прашањето е дали овие хибридни закани одат од еден центар или од повеќе центри. Веќе многу е распространето не само кај нас, туку и во соседството. Сега имаше дојави и во други држави на ЕУ и сето тоа се зголеми после руската инвазија на Украина – изјави Спасовски, посочувајќи дека има осомничени.
Во однос на денешните дојави за бомби, рече дека во тек е проверката за Крива Паланка, а за дојавата за бомба во основно училиште во Петровец, појасни дека се работи за вчерашна дојава стигната на меил на директорката на училиштето.
– Директорката вчера воопшто не го видела мејлот и не го пријавила, дури денеска го видела и пријавила. Бидејќи имаме повеќе училишта со име „Кочо Рацин” моравме да извршиме проверка кај сите нив. Во тек е проверката и за Крива Паланка – рече Спасовски.
Тој повтори дека дојавите доаѓаат најчесто од заштитени адреси од странство од каде е тешко да се дојде до факти и информации, поради што и не може да се покрене постапка. Спасовски вели дека е извршена комуникација со партнерските организации и дека преку меѓународна правна помош ќе мора да се обезбедат потребните информации и податоци.
– Покренавме и една постапка во Комитетот за борба против тероризмот затоа што такви дебати веќе се водат и во развиените земји. Мора да го измениме протоколот во којшто ќе се цени реалноста и објективноста во однос на постапувањето, меѓутоа сега таков е протоколот и мораме така да постапуваме – рече Спасовски.
Спасовски: Одговорност ќе има за сѐ што ќе се утврди од снимките за случајот со „мерцедесот”
Се утврди дека пријавата доаѓа од граѓанин упатена на број, се утврди патничко возило „мерцедес” кое не е во државна сопственост или на некое министерство, туку на приватна фирма, а возилото било упатено според нашите сознанија кон приватна болница, рече денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одговарајќи на новинарско прашање поврзано со инцидент и нелегална употреба на флешери од синот на заменик-министерот Назим Буши.
Спасовски по посетата на СВР Скопје нагласи дека е убеден оти не е синот на неговиот заменик. Додаде дека имало многу шпекулации за овој случај.
– Беа изнесени многу податоци дека е тоа „ауди” возило, дека е возило на СОЗР, дека е возило на МВР, затоа се вклучи и делот на внатрешна контрола итн. Се утврди прво дека пријавата доаѓа од граѓанин која што е упатена до нашиот Центар за известување на МВР за возило кое што се движи со поголема брзина. Се утврди патничко моторно возило „мерцедес” кое што не е сопственост на СОЗР, не е сопственост на МВР и не е сопственост на кој било државен орган, туку е приватна сопственост на приватно правно лице кое се движело во тој период и според наши сознанија се упатило некаде во болницата „Систина” – рече Спасовски.
Посочи оти МВР ги обезбедило сите снимки и нагласи дека одговорност ќе има за се тоа што ќе се утврди во зависност од снимките.
– Ќе се детектира прекршок, така што во тој дел нема отстапки за кој и да се однесува. Меѓутоа, и шпекулација беше во тој момент дека е тоа не знам син на функционер, дека не знам тоа возило учествувало и во други кривични дела итн. Затоа реков, сите сознанија што ги имате и во овој дел дали вие или граѓаните не е важно, ако ги имаме такви сознанија, бидејќи се тврдеше со прилично голема сигурност, треба да се дадат на ЈО и тука нема функционер бил, не бил функционер. Секој еден ќе си одговара за тоа што си го има направено. Не зборувам само за овој настан како прекршок, туку и за кривично дело – рече Спасовски.
Тој што пријавил, како што рече, не кажал кој вози, ниту има какво било сознание.
– Денеска го утврдуваат колегите тоа да видиме кој возел, бидејќи мораме да утврдиме, тој што пријавува не кажува кој вози, ниту има какво било сознание, го утврдуваме преку некои други механизми, штом ќе излезат колегите со детална информација ќе испратиме соопштение и ќе ги знаеме тие детали – рече Спасовски.