Полјаците први ќе го видат Охрид, Холанѓаните доаѓаат во јули

Туристичките работници очекуваат годинава на охридскиот брег да престојуваат поголем број туристи во споредба со лани, а неизвесноста со коронапандемијата ги прави претпазливи во однос на бројките.

472

На аеродромот „Св. Апостол Павле“ Охрид денеска треба да слета првиот авион со туристи од Варшава. Ова ќе биде втора авиолинија од Полска за Охрид. Вчера се реализира првиот лет годинава од полскиот град Катовице. Во Охрид со него пристигнаа 182 патника. Туристичките работници очекуваат годинава на охридскиот брег да престојуваат поголем број туристи во споредба со лани, а неизвесноста со коронапандемијата ги прави претпазливи во однос на бројките.

Од агенцијата „Вис-пој“, која е македонски партнер на најголемиот полски тур-оператор „Рего-бис“ преку кој се реализира летот од Катовице, велат дека со првиот лет дојдена е група од полската Стопанска комора за туризам и новинари.






– Гостите ќе бидат во земјава една недела и ќе се сретнат со хотелиери, со претставници на локалната самоуправа, а ќе престојуваат и во повеќе градови. Целта е да се запознаат со условите и можностите за престој на туристи од Полска во Охрид и на други туристички локалитети – вели Олег Маленко од агенцијата „Ви-спој“.

Според него, колку туристи од Полска ќе престојуваат во земјава ќе зависи од однесувањето на коронавирусот и преземените мерки во хотелите во однос на безбедноста.

– Не можеме да кажеме бројки на туристи. Сѐ ќе зависи од ситуацијата и интересот на Полјаците за престој на охридскиот брег. И лани имаше обид на полскиот тур-оператор да однесе туристи во Албанија па мораше среде сезона да ги повлекува. Секако, не можеме да калкулираме со бројките –  вели Маленко.

И хотелиерите сѐ уште се резервирани во однос на тоа каква ќе биде сезоната. Европската Унија дозволи патувања на граѓаните, но дел од земјите, сепак, го задржуваат карантинот за тие што се враќаат од одмор. Тоа ги обесхрабрува хотелиерите во однос на странските гости, а во однос на домашните гости ги обесхрабрува што годинава е намален бројот на ваучери кои ќе ги користат граѓаните со ниски примања.

– Ќе видиме како ќе оди со гостите. Хотелите во Охрид живеат од странските гости. 70 отсто од гостите се странци и сѐ зависи од она што ќе се случува со нивното доаѓање и однесувањето на земјите од кои доаѓаат – изјави за Плусинфо неодамна Крсте Блажески, претседател на Асоцијацијата на хотелиери (ХОТАМ).

Според најавите, во текот на летната сезона на аеродромот „Св. Апостол Павле“ се очекуваат по два лета неделно од двата полски града.

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, кој преку својот профил на Фејсбук информираше за летовите од Полска, очекува Полјаците кои сакаат активен туризам и годинава да престојуваат во земјава.

– Се надеваме дека Полска повторно ќе биде меѓу првите пет изворни пазари во нашата земја, а бројот на пристигнувања од Полска ќе се зголеми во наредниот период и ќе се приближи до оној од 2019 година. Исто така, очекуваме дека летовите кон нашата земја од Полска ќе продолжат наскоро – вели Јаневски во интервју за Тур-инфо Полска.

Тој додава дека сите протоколи кои ги наложува Светската здравствена организација се применуваат во хотелите кои добиваат и сертификат за безбедност.

Јаневски најавува дека тур-операторот ТУИ од Холандија ги потврди летовите за средината на јули 2021, како и дека по 30 години се очекува да биде обновен и летот Белград-Охрид. И Визер неодамна обнови дел од летовите за повеќе дестинации.

Јаневски очекува во земјава да се вратат поголем дел од традиционалните туристи, но да има и нови.

– Во Северна Македонија ќе најдете сè што е потребно за да ја вратите вербата во светот и во луѓето, да најдете мир и бесконечни зелени пејзажи и сини езера. Кога ништо не е како што беше, тур-операторите препорачуваат места кои се далеку од преполни туристички центри и ве одржуваат поврзани со примарните и основни работи што ни ги нуди природата, со целата своја убавина и сите свои богатства. Имаме потенцијал за многу видови туризам, но најпопуларен е културниот, верскиот, активниот и руралниот туризам. Лозја, природна и здрава храна ценат туристите кои сакаат да го поминуваат времето покрај нашите најголеми природни езера – Охридското, Преспанското и Дојранското – додава Јаневски во интервјуто.

Поврзани содржини