Покриј се, Заев!
Ти, што си заборавил кога последен пат си го изустил зборот Македонија - ти ли ќе нѐ учиш што е патриотизам?!
Што дочекавме…
Зоран Заев да нѐ учи што било национализам, а што патриотизам.
Како ефект од образованиот систем „четири часа секој ден и по три во среда и во петок“…
Бил загрижен човекот дека национализмот може да ја уништи „неговата земја“. И тоа „од внатре“.
Така вели во последното интервју.
А уште му е тешко да каже која е таа негова земја.
Мисли на онаа иста земја и на оној ист народ за кои „патриотов“ рече дека постојат од 1945 година наваму?
Заборавил Заев кога последен пат го изустил зборот Македонија!
А ваму нешто божем филозофира…
„Провокациите и националистичката реторика – вели – може да им обезбедат на премиерите на Грција и на Бугарија доволно причини да преземат мерки против нас, за да го заштитат нивното достоинство и гордост“.
Бидејќи, според Заев, само тие во Грција и во Бугарија имаат достоинство и гордост. Ние во „нашата земја“ немаме такво нешто. А немаме и премиери кои ќе преземат мерки против провокациите и националистичката реторика на другите.
Ние, нели, сме – наведната глава сабја не сече.
„Северна Македонија – вели Заев Северномакедонецот – е горда на нашата историја, но она што е најважно е иднината. Иднината е нешто што треба да го гарантираме и да го подобриме“.
Ма немој!
Иднината, демек, нема да дојде ако не ни ја гарантира Заев.
И ако тој не ја подобрел.
Како што ни ја подобруваше цели пет години, додека беше на власт.
Со едно евро за овој и едно евро за оној…
Со рекет.
Со корупција.
Со партиски вработувања.
Со невиден клиентилизам.
Со неработење и сеење магла.
Со популизам и пропаганда.
Со непочитување на својот народ. Кому на крајот, пред падот, мудрецот му се обрати со раката свиткана во лактот нагоре.
Денес вели дека бил горд на Преспанскиот договор.
Тоа е оној ист договор што јас го поддржав јавно. Меѓу првите. Ако не баш и прв. Бидејќи тоа навистина е еден добар договор. Имам куп аргументи со кои можам да го докажам тоа.
Но, потоа Заев го злоупотреби Преспанскиот договор. Во обид и тој да изведе идентитетски инженеринг, да создаде некаква северномакедонска нација. И да ја охрабри употребата на именката „Северномакедонци“ и на придавката „северномакедонски“, кршејќи го така експлицитно словото на Договорот од Преспа.
Затоа јас и сите што го поддржавме, денес нѐ нарекуваат „северџани“.
Затоа денес таа манипулација на Заев предизвикува револт, а тој и неговата сѐ уште активна пропаганда во медиумските инсталации жестоко го осудуваат тој револт и го нарекуваат национализам, шовинизам, антиевропејство и руско влијание.
Мочковци едни!
Паразити!
Заев ја злоупотреби и поддршката од многу македонски интелектуалци и јавни личности да потпише договор за добрососедство со Бугарија. Во тој договор со Борисов ни го подметнаа терминот „заедничка историја“. За Борисов сум сигурен дека знаел што прави. За Заев не сум сигурен. Не знам дали мислел на тоа дека „заедничката историја“ ќе се интерпретира како бугарска. Не сум сигурен дали воопшто размислувал за тоа. И дали му било гајле.
Затоа денес сме на удар на софиската антимакедонска пропаганда на дневна основа.
Во оваа земја се повампируваат фашизмот, ванчомихајловизмот, поделбите и црнилата од минатото.
Кога Македонците ги слават своите преродбеници и револуцинери, тоа се смета за провокација.
Не е пожелно да се спомнуваат ни жртвите на фашизмот.
Химната и нашите свечени песни се цензурираат и се ретушираат.
А странциве… Кој како ќе му текне може да дојде во Скопје и да нѐ нарече – Северномакедонци.
Toa ли е таа иднина што ни ја гарантира Зоран Заев?
Е нема да може!
Мало сутра, друже Заев!
Нема пак да дозволиме да поминат твоите итроштини и манипулации!
Џабе вреват твоите пропагандисти:
„Не гледајте во минатото, гледајте во иднината!“
„Чуму ни се Гоце, Даме, Јане… Што сте запнале за Вапцаров?“
„Немојте да нѐ кочите на патот кон Европа!“
„Што ни фали да сме Северномакедонци?“
„Не е важна Преамбулата!“
„Што ни пречат Бугарите во Уставот?“
„Кој сака и како сака нека влезе во Уставот!“
„Што е па важен тој Устав?“
„Ова е руско влијание!
„Ова е хибридна војна против Северна Македонија!“
Уффф…
Будали едни!
Сериозно ли мислите дека овие ваши „наративи“ поминуваат?
Ние знаеме дека лошото владеење, лошата надворешна политика, капитулантските и џамбаски договори, партизирањето на администрацијата, корупцијата, рекетот и другите зла создаваат клима на страв, недоверба и револт кај Македонците.
Всушност, кај сите во Македонија, не само кај етничките Македонци. Никој не е ни слеп, ни глув, ни недоветен.
Освен оние ушупчените околу Заев.
Освен принцовите на пропагандата на СДСМ, кои ова што се случува го нарекуваат со вистинските зборови, без еуфемизми и без скрупули – убивање на Македонија!
Да, другар Заев!
Читај малку, јеби га, тоа го велат твоите пулени.
Сѐ уште можеш да продаваш пуфки надвор од „нашата земја“, но во твоето село веќе не можеш да бидеш пророк.
Умре тоа.
Те видовме и во добро, те видовме и во лошо светло.
Ти си ни прочитана книга. Сликовница, подобро кажано.
И сега имаш само една патриотска обврска кон оваа земја и кон овој народ – да му се извиниш за сите изневерени надежи што беа полагани во тебе.
И да се надеваш дека Господ ќе ти ги прости долговите.
И Господ и сите други на кои им остана должен.
Овој народ, со кој се немаш раздолжено, треба да ти прости.
И оваа наша и твоја татковина, која сепак нема да биде уништена ни од внатре, а богами ни од надвор.
Покриј се, Заев!
И не туку филозофирај веќе!
Уживај. Додека можеш…