Нудат балони на семафори, а всушност продаваат петарди и ракети
Казната за употреба на пиротехнички средства се движи од 200 до 500 евра.
Како во изминатите години, така и оваа, во предновогодишниот период „цвета“ бизнисот со продажба на пиротехнички средства, а од друга страна, пак, полициските билтени речиси секојдневно се полнат со извештаи за приведени продавачи на петарди.
Како што раскажува еден наш читател, петарди деновиве му биле понудени додека со својот автомобил чекал зелено светло на семафор во главниот град. Како што објаснува, на неговиот прозорец тропнал средовечен човек кој најпрво му понудил балони и ароматизери, а подоцна, веројатно откако се уверил дека не си има работа со полицаец, ја откопчал јакната и од неа извадил најразлични кутии со петарди, ракети, огномети…
– Пред некој ден на една од скопските крстосници, додека чекав зелено светло на семафор, до автомобилот ми се приближи еден човек кој сакаше да ми продаде новогодишни балони и други дрнгулии. Откако му соопштив дека не сум заинтересиран, тој од под јакната извади најразлични кутии со петарди, ракети, огномети, „бомби“, жижици. Искрено се зачудив со каква само слобода човекот ми понуди нешто што е забрането. Што ако бев полицаец? Како и да е, ова е доказ дека многу лесно може да се купат петарди – раскажа нашиот читател.
Од МВР секоја година потсетуваат дека употребата на петарди и други пиротехнички средства е казниво дело и глобата за ваквото здоволство ќе ги чини граѓаните за време на претстојните новогодишни празници од 200 до 500 евра во денарска противредност. Оттаму предупредуваат дека продавање, купување и активирањето на петарди на јавни места, улица, дворови, влезови на станбени згради и слично, претставува законски прекршок, за кој согласно члeн 31 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.
– Нивното набавување и дистрибуирање на пазарот во поголеми количини е спротивно на Кривичниот законик и за тоа дело е предвидена казна затвор од најмалку пет години. Секторот за внатрешни работи Тетово апелира подалеку од ваквите опасни „играчки“, кои неретко можат да предизвикаат и сериозни последици по здравјето, односно повреди на рацете, очите и другите делови од телото, а можат да повредат и други лица – потенцира портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.