Покрај британскиот, нѐ демнат и други новоувезени соеви на ковид-19

Од секвенционираните примероци, 56 се позитивни за присуство на британскиот сој, кој за сега го има во осум градови, а најголем број случаи се откриени во Охрид, Прилеп и во Кавадарци.

381

Анализите од МАНУ покажале дека во последниов период се детектирани поголем број на нови варијанти, кои претходно не беа присутни кај пациентите во нашата држава, што може да укажува на континуиран внес на нови случаи на ковид-19 од странство, информира Институтот за јавно здравје.

Во текот на минатата недела (01-07.02.2021), до ИЈЗ се пријавени 649 материјали кои биле секвенционирани за присуство на „британскиот” сој на SARS-CoV-2 од три лаборатории (ИЈЗ, Жан Митрев и МАНУ). Од секвенционираните, 56 се позитивни за присуство на новиот сој на SARS-CoV-2. Од овие резултати е забележано дека „британскиот” сој на SARS-CoV-2 е присутен во осум градови, а најголем број случаи се откриени во Охрид, Прилеп и Кавадарци.






Во периодот од 1 до 7 февруари, тестирани се вкупно 14.398 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 4,8 отсто во однос на минатата недела. Регистрирани сe 2.120 нови позитивни случаи од 34 градови во државата со зголемување од 4,1 отсто во однос на минатата недела, информира Институтот за јавно здравје.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=1.011; 47,7 отсто), со неделна инциденца – 163,7/100.000. Највисока неделна инциденца од 415,7/100.000 е регистрирана во Демир Капија.

Процентот на позитивност се движи од 10,3 до 17,7 отсто, просечно 14,2 отсто, идентично како минатата недела.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=568, 26,8 отсто). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30-39 (n=422; 19,9 отсто), 50-59  (n=381; 18,0 отсто), 40-49 (n=358; 16,9 отсто) и 20-29 (n=257; 12,1 отсто). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=40; 1,9 отсто) и 10-19 години (n=94; 4,4 отсто).

По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 3.322 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 11,6 отсто повеќе во споредба со минатата недела.

Пријавени се 66 смртни случаи од 21 град, со зголемување од 3,1 отсто во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 58 лицa биле над 60 години, 5 лица на возраст од 50-59 години и по едно лице на возраст од 40-49, 30-39 и 20-29 години.

 

Поврзани содржини