Покорна стручност
Ако само малку се препрочитаат регионалните информации за узбуната што ја крена „белградскиот случај“, точно ќе се види каде сме ние. Никаде!
Дали трагичниот факт дека девојчето рането во пукањето во Белград почина, ќе смени нешто и во нашиот однос кон прашањето на малолетничкото насилство? И ќе се најде ли барем еден воспитан и сочувствителен висок македонски функционер кој – барем сега! – ќе изрази сочувство? Веројатно – не.
Но затоа останува фактот дека целото општество ги чекаше „мерките“ на двоецот Шаќири/Мерко за унапредување на механизмите за безбедност во училиштата и превенирање на меѓуврсничкото насилство, за да дознаеме дека до вчера децата можеле да си играат со мобилните телефони за време на наставата, дека мерка за безбедност е и воведувањето униформи за учениците и наставниците, дека треба да се зајакнат превентивни програми за промоција на добросостојба на учениците (што и да значи таа глупост) итн., итн. Би било смешно да не е трагично.
И факт е дека сето тоа ни го сервира државата олицетворена во МОН и Владата, како ова општество да е комплетно малоумно и без стручни институции, асоцијации и поединци, оставено на милост и немилост на два-тројца приучени што делат лекции на сите. Како во ова општество да не остана ни минимум стручност што би можела компетентно и современо да укаже на слабите точки во досегашниот систем и да понуди излез од овој македонски провинциски жабурник. Навистина ли ја прифативме власта/државата како замена за струката, науката, професионалноста… знаењето?!
Ако веќе одамна нема одговорност за стореното и/или нестореното, ако заборавот форсирано „ги голта“ и најтрагичните настани, ако надежта сме ја прогласиле за мртва…, тоа веројатно не значи дека се збришани до нула професионалните асоцијации, граѓанските здруженија, невладините организации, институтите и универзитетите. Зарем сите овие сегменти на едно современо општество и негови елитни стручни столбови се замолчени од силата на партократијата и нејзините експоненти, зарем професионалецот, но и граѓанинот, е подготвен гласно – и незаинтересирано! – да молчи пред налетот на самоволието и дилетантизмот?
Постојат ли во државава стручни здруженија од областа на детската заштита, од областа на психологијата и психијатријата, немаат ли тие што да кажат и да советуваат во врска со сите овие настани со децата кај нас и во регионот? Работат ли спомнативе нешто, ги следат ли јавните случувања, можат ли да нѐ просветлат – нас и децата – со стручен совет наместо да ги слушаме глупостите на слепциве од власта? Или – не смеат? И зошто? И поради кого? Постои ли на Филозофскиот факултет катедра за психологија, постои ли на Медицинскиот факултет катедра за психијатрија и имаат ли тие нешто да кажат?
Зошто никој не го спомнува силуваното дете во Чаир и што презеде струката и општеството за тоа? Повторно не говорам за политиката односно власта, тие никогаш и ништо не преземаат, туку говорам за оние погоре спомнатите. Не ги допира тој случај, поважни се списоците што ги прават децата во училиштата мерејќи ни го умот? Не мислам дека тоа треба да се игнорира, напротив, но уште еднаш: кои мерки ги презеде струката, а со неа и целото општество, контра таквите опасни играрии? И зошто и опозицијата молчи за овие нешта? Не ги смета овие случаи за доволно провокативни примери за неспособноста и негрижата на оваа власт за сопствените деца? Зарем навистина најважната работа во државава се коридорите, оние што ги градат и преку нив нѐ крадат? Па дури и да е така, зарем децата и нивните проблеми не заслужуваат барем еднакво внимание од нивна страна?
Струката, во принцип, молчи само и единствено – од страв. Но, од кого, и од што? Ќе ги загубат работните места ако дадат совет како да се постапува после вакви шокови, ако посочат на евентуални превентивни мерки, па дури и ако ги критикуваат постојните состојби? Постои ли во државава здружение на педагози и имаат ли тие нешто да им кажат на родителите?
Да, знам, има и такви кои ќе речат: што па овој запнал за оваа тема? Но, сигурни ли сме дека со новиве „мерки“, комбинирани со нашиов молк и незаинтересиран однос, утрешнината на децата е безбедна? Гледаат ли надлежните што сѐ (сепак) се случува во Србија и како тоа општество, какво-такво, се самоорганизира за помош на учениците? Чекаме ли и кај нас да се случи најстрашното зашто културата на насилството е доминантна култура во државава?
Вакво срамно однесување на стручната јавност сме гледале многупати во изминатава деценија и половина. По разни поводи. Никој не пушти глас – со чесни исклучоците – кога степенот на загаденост во државава нѐ однесе на првото место во светот. Овие деца овде го дишеа тој воздух, не оние кои учат во Солун, Рим, Париз или Брисел. Денес, никој веќе не ја ни спомнува загаденоста во Скопје, небаре не постои. Имаме поважни проблеми? Кои? И ќе се решеше ли нешто во таа насока со оние 15,5 милиони евра што власта буквално ги исцица од буџетот за да си ги покачи платите?
Кога гореше модуларната болница во Тетово со сите пациенти внатре, ниту еден лекар не кажа ни збор. Да не го налути тогашниот „министер“? Но молчеше и кога нивен колега заврши како обвинет за пожарот! И зошто никој од стручните архитектонско-градежни асоцијации, инаку редовни буџетски абоненти, не објасни како биле проектирани и градени тие „болници“?
Кога никнуваше „Скопје 2014“ ниту една – ниту една! – стручна институција или здружение (Факултет за ликовни уметности, Катедра за историја на уметноста при Филозофскиот факултет, Средно уметничко училиште, Музеј на современата уметност, Национална галерија, ДЛУМ итн.) не кажаа ни збор за грдотијата и кичерајот што беше на повидок. Дури напротив, сите гледаа како бргу да се престројат и да чепнат нешто од богатите хонорари што ги делеше тогашната власт! „Видни“ уметници, „реномирани“ критичари, „поетеси“ и „писателки“, „филозофи“ и „професори“ и остала лукративна братија без срам се втурнаа во лов на сребреници заборавајќи на струката и стручноста во којашто инаку се колнат. Се случува ли денес истото и со проблемот со малолетното насилство?
Ако само малку се препрочитаат регионалните информации за узбуната што ја крена „белградскиот случај“, точно ќе се види каде сме ние. Никаде! Ако алармот за малолетничкото насилство е вклучен на најсилно во регионот, кој тоа кај нас мисли дека исклучувањето (?) од училиште на ученичка која правела „список“ е – соодветен одговор? Или дека овие „мерки“ се оние очекуваните? И за тоа ли нема струката да каже барем два збора и навистина ли ќе им ја препушти и науката на коекакви партиски протежеа и шушумиги?
Оттука, историјата на нашата молчалива стручност е долга. И болна. Денес само се дополнува со нови и нови шизоидни контроверзи, меѓу нив и актуелниве произволни квалификации на огромен дел од граѓанството за „психопатолошко“ бидејќи не се согласувало со начинот како власта го води процесот на евроинтеграциите, или она бесрамно и до зла бога малоумно ламентирање за некакво „жртвување за националниот интерес“ (sic!), итн. Кои се овие ликови, која е нивната стручност за овие прашања и навистина ли нема кој да им одговори? Па и на најновиве „мерки“: што воопшто тие можат да решат?!
Извор: Теодосиевски уметност