Покерашка пресметка помеѓу Трамп и Путин
Поголемиот проблем е што мирот во Украина, макар и некако се постигнал, не делува дека ќе создаде предуслови за траен мир. Вака поставен мирот во Украина наликува на „колонизаторски“ мир. И тука клучна улога играат токму „ретките минерали“. Секој пат кога сме сведоци на еден технолошки скок, сведоци сме и на трката помеѓу светските сили за во иднина да си обезбедат доминантна позиција. Тогаш во погон се ставаат колонизаторските механизми поврзани со ресурсите и суровините.
Со договорот од Џеда и предлогот за 30-дневен прекин на огнот помеѓу Украина и Русија, американскиот претседател Доналд Трамп и формално се наметна како посредник за прекин на војната која веќе три години беснее во Европа, пишува Ивор Мицковски во колумна за Дојче веле.
Тешкиот дел допрва доаѓа каде главниот тест е да се убеди Владимир Путин. Путин начелно ја поддржа идејата за прекин на огнот, додавајќи дека сѐ уште постојат нијанси кои треба да се испеглаат. Со други зборови, и покрај сите концесии на Трамп, Путин и потанаму го подига влогот за да добие што може повеќе пред почетокот на вистинските преговори, додека во суштина купува време или одолговлекува. Купува време додека спроведува нов бран на мобилизација, што ни кажува дека целта на Москва целосно да ја уништи Украина не е промената, како и дека учеството на Русија во преговорите е инструментално – зависно од тоа колку повеќе концесии ќе успее да извлече, со цел да ја зајакне својата преговарачка моќ.
За Трамп ова се ветувачки зборови, но сѐ уште нецелосни. Во секој случај ваквата ситуација за Трамп претставува голем успех и тоа на три фронта. Првиот е што на терен докажува дека по секоја цена сака да ја оствари својата предизборна цел за ставање крај на „бескрајните конфликти“, каде после прекинот на огнот во Газа и Либан, сега тоа станува возможно и во Украина.
Втор голем успех за Трамп е што успеа да го прекрши и придобие Зеленски после силниот притисок и понижувањето кое му го приреди во Овалната соба, како и потоа со прекинот на воената помош и споделувањето на разузнавачките информации. Нешто што Украинците ги кошташе многу животи и загуба на Курск, но такви се насилните методи на Трамп.
Конечно, Трамп успеа да се појави пред Путин засилен со мандатот кој украинската делегација му го довери во Саудиска Арабија, и на тој начин да ја наметне Америка како посредник, нешто во што малкумина веруваа дека е возможно. Веројатно и самиот Путин кој и понатаму ја тестира ефикасноста на Трамп и неговата способност. Доколку Трамп не е во состојба да произведе позитивни резултати во Украина, тогаш што би можел да очекува Путин од американско-руската соработка на други полиња?!
Партија покер
Вистинскиот проблем за Трамп настанува токму околу третиот успех, имајќи ги предвид екстремно тврдите позиции на Путин кој бара дефинитивно да ја задржи контролата над окупираните територии или четвртина од Украина, да наметне тотална демилитаризација на Украина со цел да ја претвори во вазал, односно, да излезе како комплетен победник од војната на агресија која и самиот ја започна пред точно 3 години.
Во секој случај, екстремната ригидност на Путин и комплетната отвореност на Трамп ни говорат за една нерамнотежа во партијата покер која двајцата ја играат и која ќе има крајно непредвидлив исход. Од проста причина што целите на обајцата се крајно различни.
Путин сака да го наметне рускиот суверенитет над Украина со цел да воскресне еден поголем стратешки план за создавање сопствена сфера на влијание долж националните граници. Трамп од друга страна гледа многу подалеку од Украина затоа што неговата цел е да ја откачи Русија од Кина и мирот во Украина да го трансформира во зачеток на еден нов светски поредок.
Трамп е во потрага на разбирање со Путин од аспект на реалполитиката, а на штета на човековите права, една иста матрица и метод како и оној употребен од страна на Рузвелт со Сталин во Јалта, или пак на Никсон и Кисинџер со Кина на Мао во 1972 година. И Путин и Трамп во овој момент се носители на два амбициозни проекти за ревизија на постоечкиот светски поредок и безбедносната рамнотежа, но два проекта кои не делуваат како компатибилни.
Од тие причини сѐ е возможно во оваа покер партија: можно е да се дојде до „конечен“ мир во Украина, како и што е возможно да дојде до комплетен колапс на преговорите, нешто што пак би предизвикало еден далеку поголем и пострашен конфликт.
Каков и да биде исходот, тој директно ја загрозува Европа, приморувајќи ја ЕУ да го забрза процесот кон заедничка Одбрана. Затоа што врвната цел на ЕУ е да избегне капитулација на Киев, да ја отстрани опасноста од раѓањето на пост-советска сфера на влијание и да ја гарантира безбедноста на сите земји-членки кои се граничат со Руската Федерација.
„Колонизаторски“ мир
Само доколку Европа успее да се наметне како кредибилен субјект, воено моќен на терен и способен да води автономна безбедносна политика, ќе може да ја преземе улогата на гарант за Украина во преговорите што следуваат и да ја возврати Русија од идни планови за воени и агресивни дејствија во Европа.
Поголемиот проблем е што мирот во Украина, макар и некако се постигнал, не делува дека ќе создаде предуслови за траен мир. Вака поставен мирот во Украина наликува на „колонизаторски“ мир. И тука клучна улога играат токму „ретките минерали“. Секој пат кога сме сведоци на еден технолошки скок, сведоци сме и на трката помеѓу светските сили за во иднина да си обезбедат доминантна позиција. Тогаш во погон се ставаат колонизаторските механизми поврзани со ресурсите и суровините.
Како за пример можеме да ја земеме Британската империја за која Блискиот Исток не постоеше на мапата сѐ до моментот додека не се појави моторот на внатрешно согорување. Само во тој момент Лондон ќе сфати дека има потреба од нафта и потреба од доминација над Палестина. Блискиот Исток и денеска ја плаќа цената за тие одлуки тогаш и за тогашната борба за ресурси и суровини. Оттука, колонизаторските мирови, во суштина никогаш не се вистински мир. Историјата денес се повторува во Украина.
Планот кој произлегува од Џеда е мошне едноставен. Путин и Трамп ќе си ги поделат трофеите од победата, Зеленски може да ја спаси Украина од тотална катастрофа, по многу висока цена, за тронка гордост, Трамп ќе си ги присвои „ретките минерали“, Путин ќе излезе како победник дома, а Европа ќе заврши со нередот и со финалната сметка за плаќање.
Засега Европа е исклучена од големата колонизаторска игра, без какви било гаранции дека во рускиот дел од Украина, нема во еден момент да се уфрли и Кина. За волја на вистината и ЕУ се обиде да развие партнерство со Киев за пристап до ретките минерали, нешто што европскиот Комесар за индустриска стратегија, Стефан Сежурн ќе го нарече како вин-вин ситуација.