ПОКАЖЕТЕ КОНСТРУКТИВНОСТ БАРЕМ ЕДНАШ Ковачки го повикува раководството на СДСМ да ја поддржи стратегијата на Мицкоски

Визијата на премиерот Христијан Мицкоски за стратегија на државата до 2050 година е столб кој мора да нѐ обедини како општество. ВМРО-ДПМНЕ ја повикува СДСМ да ги напушти теснопартиските интереси и да го прифати предлогот на претседателот Мицкоски. Важно е како опозиција да покажат конструктивност и чувство на одговорност кон државата, изјави пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.

700

СДСМ треба да се охрабри и да ја поддржи визијата на премиерот Христијан Мицкоски за стратегија за Македонија до 2050 година, порача денеска пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.

Тој на прес-конференција истакна дека Македонија има потреба од сеопфатна стратегија за правецот во кој ќе се движи во наредните децении.






– Визијата на премиерот Христијан Мицкоски за стратегија на државата до 2050 година е столб кој мора да нѐ обедини како општество. ВМРО-ДПМНЕ ја повикува СДСМ да ги напушти теснопартиските интереси и да го прифати предлогот на претседателот Мицкоски. Важно е како опозиција да покажат конструктивност и чувство на одговорност кон државата. Ги повикуваме од СДСМ да се произнесат. Визијата на премиерот Мицкоски за стратегија на државата до 2050 година ги опфаќа приоритетите на развој на државата, демографските предизвици, економските цели и како да се стигне до нив, земјоделски и технолошки развој, енергетски и транспортен развој, подобрување на животната средина, образование и здравство во тек со светските достигнувања. Македонија има потреба од нова парадигма, која ќе ја внесе државата во новото време. Ние не смееме да заостануваме кога сѐ во светот се менува, а научните и економски процеси забрзано се развиваат.
Македонија не смее да биде заложник на нечии теснопартиски интереси, ниту да биде монета за поткусурување на нечии политички кариери – истакна Ковачки.

Интересот на државата и на генерациите кои доаѓаат после нас мора да биде врвен приоритет, додаде тој.

– Тоа може да се оствари само со една сеопфатна стратегија, која ќе го трасира патот за развој на државата, каде граѓанинот и неговиот интерес ќе бидат јадрото. Од СДСМ да излезат од својата деструктивна матрица во која се затворени со години, и да покажат конструктивност и одговорност, затоа што потоа нема да имаат можност со ништо да се оправдаат пред идните генерации. Имаме одговорност како генерација да ја унапредиме државата и да овозможиме подобра стартна основа на генерацијата после нас, од таа што сме ја имале ние. И нека тоа биде императив за секоја идна генерација, така Македонија ќе биде секогаш држава која расте и се развива. Премиерот Мицкоски отвори дебата, ги повикуваме сите чинители во општеството да се вклучат – рече Ковачки.

Од СДСМ, пак, одговорија дека стратегијата веќе постои и дека Мицкоски повторно се служи со празни зборови без конкретни идеи.

„Државата веќе има национална стратегија која претходната влада, со помош на експерти и претставници на сите политички партии, ја изготви и ја поднесе до Собранието – Стратегијата за развој 2024-2044. Тоа е платформата околу која треба да се води разговорот, а Собранието е местото каде што се одржуваат овие дебати. Фактот што Мицкоски го деградира Собранието како форум за вакви важни теми е само доказ за неговата несериозност. Мицкоски веќе повикуваше на обединување околу 10 точки и вредности, кои самиот не ги почитува. Сега повикува на обединување околу стратегија која веќе постои, и овој пристап го сметаме за крајно несериозен. Мицкоски за четири месеци не понуди конкретни и мерливи цели во ниедна стратешка област, цели за кои државата би имала план и временска рамка за реализација. СДСМ, за жал, препознава само празна реторика со која Мицкоски се обидува да се прикаже како конструктивен политичар, но во реалноста тоа не е така. СДСМ, од досегашните политики на Мицкоски, не може да препознае ниедна политика која е во интерес на граѓаните, околу која би можеле да се обединиме. Во изминатите четири месеци забележуваме драстичен пад на животниот стандард поради лоши политики, ниски плати и заштита на трговците наместо на граѓаните.

Има паушално најавена борба против корупцијата и криминалот, додека од друга страна се помилуваат нарко-дилери и картели. Безбедноста во државата е на најниско ниво, со престрелки на улиците и владеење на криминалците“, се вели во партиското соопштение.

Сведоци сме, наведено е таму, на назадување на демократијата преку назначување на партиски кадри на клучни безбедносни институции, што е јасен сигнал како планира да владее Мицкоски.

„Имаме паралелни институции формирани од ВЛЕН, се создаваат паралелни академии на науки и се врши брутална партизација. Ова ги брка младите и образованите кадри надвор од државата. Околу вакви катастрофални политики не можеме да се обединиме. Државата и граѓаните со години беа обединети околу една единствена цел – ЕУ и НАТО интеграции – но и за ова нема конкретен план. СДСМ бара конструктивност од ВМРО-ДПМНЕ и конкретни решенија кои се во интерес на граѓаните, околу кои може да се дебатира. Додека ВМРО-ДПМНЕ не созрее и не разбере дека обединувањето не смее да се користи како политичка флоскула и манипулација, туку за тоа е потребно вистинско лидерство, државата, за жал, нема да напредува“, реагираше СДСМ.

Поврзани содржини