ПОКАЖАВМЕ ДЕКА ЗНАЕМЕ ДА ГИ РЕШАВАМЕ ГОРЛИВИТЕ ПРОБЛЕМИ Заев очекува и заслугите на сегашните политичари да бидат чествувани од новите генерации

Премиерот рече дека нашите големци и дејци од минатото ги паметиме по големите косполитиски идеи кои ги надминуваат границите на националното. Нашата борба секогаш била само да се биде свој на своето и да се подава рака, да се трага по заедништво.

390

Празниците се моменти кога секоја генерација што ги слави треба да се запраша дали со секоја измината година правиме подобра држава, поубаво место за живеење рече премиерот Зоран Заев во обраќањето по повод јубилејот „80 години од Денот на народното востание – 11 Oктомври“ вечерва во Прилеп.

– Македонскиот народ никогаш не окупирал и не земал туѓо. Нашите големци и дејци од минатото ги паметиме по големите косполитиски идеи кои ги надминуваат границите на националното. Нашата борба секогаш била само да се биде свој на своето и да се подава рака, да се трага по заедништво. Стремеж за држава на сите и за сите, пријател со сите. Нашите борци од народно-ослободителната војна, и сите наши претходни генерации, оние што ги вградија своите дела и животи во слободата, ни ја дадоа државата како дом за сите, како дом на слободата – рече Заев.

Тој додаде дека поради храбрите борци на НОБ, сега стоиме тука горди, со кренати глави чувајќи го аманетот на нашите државотворци.

– Аманет поради кој денес, – сите ние – Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и сите други, имаме патриотска должност секогаш да бидеме обединети во негувањето на нашето праведно општество.. Општество на еднакви можности, општество на правда, одговорност и еднаквост – Едно општество за сите! – рече Заев.

Заев, како што рече, очекува заслугите на денешните политичари да бидат празнувани исто како што денес им се оддава чест на сите наши претходници вградени во државноста и во слободата.

– Така ќе биде и со нашите заслуги. Нашиот патриотизам, идните генерации ќе го слават само ако им дадеме повеќе причини за тоа. Како што нам, причини за славје ни даде генерацијата борци од антифашистичката и народноослободителната борба – рече Заев.

Тој рече и дека одбележувањето на овие важни денови е најсилниот потсетник за начелата и вредностите, кои никогаш не смееме да се заборават, но и за патот по кој треба да продолжиме.

– Покажавме дека знаеме и дека имаме волја да ги решаваме горливите проблеми. Преку отворен пристап воспоставивме соработка со сите наши соседи и ја стекнавме нивната доверба. Градиме партнерски однос со сите држави од соседството – Бугарија, Србија, Косово, Албанија и Грција, со коишто секојдневно заедно соработуваме на сите полиња. Со упорност и одважност ги постигнавме  Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија и Договорот од Преспа со Грција.Тоа беа крупни, храбри чекори за да потврдиме дека нашата земја била, и секогаш ќе биде Европа –  рече Заев.

Заев зборуваше и за изјавите во кои се вели дека АСНО се брише од историјата и од  Уставот.

– Никогаш, по никоја цена! Не само што не се избриша во Преамбулата на Уставот, туку напротив, АСНОМ сега се спомнува и вреднува уште повеќе. Уште посилно го зацврстивме местото и значењето на АСНОМ во државно-правната традиција на нашата земја. Се зборувало ли повеќе, било кога, за македонскиот јазик. Посветивме и Ден, празник на македонскиот јазик, тоа 5 Мај – рече Заев.

Тој говореше и за приемот на земјава во НАТО и очекувањата евроинтеграција.

– Со тој чин, химната, грбот и знамето останаа засекогаш во кодот на македонскиот идентитет. Исто како и нашата територија, јазикот, именувањето на народот со сите атрибути, со својата историја, култура и наследство. Македонски. Засекогаш. Од држава оставена на маргините денес сме дел од моќното НАТО семејство. Нашата држава стана фактор на стабилност во регионот. Не прогласуваат за најбезбедна држава на Западен Балкан, со најтранспарентна Влада. Тоа го велат другите за нас – рече премиерот.

Тој додаде декасе преземаат чекори, да им се докаже на последните скептици дека Северна Македонија треба да биде новата ѕвезда во европското соѕвездие.

– Дека го заслужуваме тоа место и дека ќе го добиеме.Никој нема забелешки на нашите реформи. Напротив, препознаени се и пофалени. Покажавме капацитет дома постојано да ги имплементираме европските вредности. Овој развој на државата е неопходен пред сè за сите нас овде. За жал нашето столче во Европската Унија сè уште не е поставено. Сега од Брисел и особено од Софија очекуваме реално да покажат дека европските вредности и принципи за проширување се сѐ уште стратешка цел. Дека процесот на проширување на Западниот Балкан е жив. Дека гледаат напред, исто како што македонскиот народ гледа напред. Тоа е европски поглед – рече Заев.

Оваа генерација избра, рече Заев, да ја обезбеди иднината на Северна Македонија како членка на НАТО и да ја оствари нашата следна стратешка цел –  да бидеме членка на ЕУ.

Поврзани содржини