ПОКАЧУВАЊЕТО ДА БИДЕ ИСТО, ПО 3.500 ДЕНАРИ, А НЕ ПРОЦЕНТУАЛНО Пензионерите протестираат пред Владата
Со вакви пензии пензионерите се понижени, тие не можат да имаат достоинствен живот во староста, не можат доволно храна да купат, а да не зборуваме за здрава храна, а проблем ни е и да ги озбезбедиме сите лекарства кои ни се потребни - велат пензионерите кои протестираат.
Пензионери од повеќе градови од земјава денеска, на Меѓународниот ден на пензионерите – 20 Септември, протеститарат пред зградата на Владата. Поради протестот затворен е за сообраќај булеварот „Илинден“.
Барањата на пензионерите се линеарно зголемување на пензиите за 3.500 денари за секој пензионер, а не процентуално согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување, како и промена на методологијата за пресметка на пензиите.
– Остануваме на барањето сите пензии да се зголемат линеарно за 3.500 денари. Потоа да се изврши нивелирање со кое минималната пензија ќе биде барем 45 отсто од просечната нето-плата. Ако итно не биде остварено овие наши барања, за кои слушаме дека е формирана работна група, тогаш ќе побараме оставка на министерката за труд и социјална политика. Но оставка ќе побараме и од премиерот кој многупати има изјавено дека Владата се грижи за пензионерите и дека пензиите во изминатиот период се покачени – но, тоа не е доволно! Со вакви пензии пензионерите се понижени, тие не можат да имаат достоинствен живот во староста, не можат доволно храна да купат, а да не зборуваме за здрава храна, а проблем ни е и да ги обезбедиме сите лекарства кои ни се потребни – велат пензионерите кои протестираат.
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска завчера најави дека до крајот на месецот очекува конкретни предлози во однос на пензиите, со фокус на пензионерите со ниски месечни примања, а за што изминатиот период заседаваше работната група формирана по првиот протест на пензионери во Скопје.