Погубна македонска недораснатост
Зарем Пендаровски не се сеќава дека при приемот на нашата земја во ОН, не само на крајно нелегален, туку и на агресивен начин, нашето барање прво беше долго држано во фиока, за потоа да ни постават ултиматум, спротивен на Повелбата (Уставот) на организацијата! На најбезобразен начин, ни беше порачано дека не можеме да станеме членка со нашето историско и уставно име!
Во ООН, претседателот Пендаровски учествуваше на Генералното собрание (ГС). Во таа прилика, тој ја одликува светската организација – „за големата помош и поддршка на ОН при справувањето со последиците од катастрофалниот скопски земјотрес…“.
При предавањето на одликувањето, на генералниот секретар, Гутерес – „Пендаровски се заблагодарил за посветеноста на ОН во нашата земја…“. Просто да не веруваш. Одликуваме по 60 години, што е само по себе чиста глупост и бесмислица, а забораваме дека токму ОН, пред 30 години, при приемот во членство, ни имаат донесено нелегална смртна пресуда!
Зарем Пендаровски не се сеќава дека при приемот на нашата земја во ОН, не само на крајно нелегален, туку и на агресивен начин, нашето барање прво беше долго држано во фиока, за потоа да ни постават ултиматум, спротивен на Повелбата (Уставот) на организацијата! На најбезобразен начин, ни беше порачано дека не можеме да станеме членка со нашето историско и уставно име!
Без никаква основа, надвор од сите принципи и правила, силеџиски ни го суспендираа името од меѓународна употреба, ни наметнаа референца, како некаков код под кој ќе не водат, и не присилија да преговараме за нашето име! А, името на државата, во принцип, го симболизира националниот идентитет на народот – Франција, Французи; Кина, Кинези; Уругвај, Уругвајци; Конго, Конгоанци… Практично, ОН забранија во земјава да има Македонци! Целта беше неспорна и туѓа – разнебитување на македонскиот народ. Тоа не беше ниту случајно, ниту заради краткотрајни ефекти. Беше сценарио на единствената супер сила, коешто упорно се спроведува до денес, заради нејзините регионални интереси.
Тоа се веројатно најголемиот срам, злоупотреба и манипулација коишто ги „оствариле“ ОН во својата историја. За нас, пак, тоа е коренот на сите наши последователни голготи, коишто и не доведоа на ова дереџе.
И, сега, замислете, Пендаровски го одликува џелатот на Македонија и на македонскиот народ. Ако веќе тој не ги разбира работите, зарем нема никој асолен и во неговиот кабинет? Зарем е можна ваква невидена глупост?
Во САД, Пендаровски го одликувал и Дејвид Л. Калхун, главен извршен директор на Боинг – “за неговиот особен и посветен придонес во развојот и унапредувањето на македонско – американските стратешки и деловни односи и за економскиот напредок на нашата земја“. Човекот е недвосмислено важна светска бизнис ѕверка, ама сте чуле ли вие за него? Јас не. Да имаше такви заслуги, сите ќе го знаевме. Тоа е секако нечии интерес, ама не и на Македонија. Или, тој делува тајно?
А бројни личности, коишто навистина имаат заслуги за оваа земја, остануваат заборавени. Ќе го спомнеме само првиот германски амбасадор во земјава, Ханс Лотар – Штепан. Има и многу други.
Во својот говор на ГС, пак, место да ги брани државните интереси, да ги критикува нелегалните и шовинистички потези на ОН кон Македонија, и негирањата на македонизмот од Софија, Брисел…, Пендаровски зборувал за војната во Украина, за климатските промени, за реформи на ООН…!? А во име на Македонија, треба и мора да зборува за нашите проблеми и да бара поддршка.
Таму беше и претседателот на Србија, Вучиќ. Како одговорен политичар, тој не ги коментирал видовите на комарци на Балканот туку грмел околу дволичноста во политиката, дека сите што извршиле агресија врз Србија и насилно го отцепиле Косово, сега го бранат територијалниот интегритет на Украина! Жестоко ги осудил двојните стандарди и барал рамноправно почитување на меѓународното право. Очигледно, Србија не е ничии сателит ниту протекторат.
Таму беше и Еди Рама, премиерот на Албанија, којашто месецов претседава со СБ на ООН, како непостојана членка. И Рама отворено ги бранел албанските интереси и влегувал во расправија дури и со рускиот амбасадор.
На состанокот на СБ, Рама го поканил и Бујар Османи, како претседавач на ОБСЕ, за што немало издржана основа. Го поканил само затоа што е – Албанец! Браво, Рама! За разлика од нашиве аматери, албанските интереси секогаш му се апсолутен приоритет.
Неодамна, во Словенија, се одржа Бледски безбедносен форум, главно, средба меѓу балканските држави и ЕУ. И таму имаше забележливи излагања на лидерите од регионот: хрватскиот премиер ја критикуваше ЕУ за односот кон Македонија; Еди Рама го направи партал Брисел за дволичноста кон Балканот; Курти ги бранеше интересите на Косово и се конфронтираше со Брнабиќ; бугарскиот премиер објасни дека ултиматумот за Бугари во уставот е политичко прашање, коешто е сега меѓу Македонија и ЕУ…
А „нашиот“ премиер, не ги ни допрел проблемите со коишто се соочуваме. Објаснувал дека на ривиерата сите келнери биле од БиХ, дека во Копер имал средба са македонски студенти…!
А токму од ЕУ, државава е изложена на жестоки притисоци да постапува против своите долгорочни стратегиски интереси, присилена е да прифаќа решенија за самонегирање како народ и држава… И сето тоа не е од вчера. Во разни форми и со разни методи, тоа трае веќе подолго од 30 години.
Две соседни држави негираат дека постоиме како македонски народ, трета има отворени територијални аспирации… Тоа се проблеми коишто мора да се споделат со меѓународната заедница со барање за разбирање и поддршка. Вака… изгледа како да сме Елдорадо!
Факт е дека македонскиот народ немал поинфериорни и понекадарни политичари и лидери од сегашните, не само како самостојна држава, или како дел од федерацијата, туку и со векови наназад, кога сме се бореле за самоопределување.
Сите меѓународни настани, на коишто учествуваат претставници на Македонија, не се можности тие да се прошетаат, да водат празни муабети, да раскажуваат бесмислени приказни, да изигруваат (смешни) глобалисти…
Со светските лидери, тие се среќаваат по функција, а не по лична заслуга, и затоа мораат да ги презентираат проблемите и неправдите со коишто се среќаваме веќе преку 30 години. Да ги осудуваат двојните стандарди и нелегалните постапки на коишто сме непрекинато изложени, да ги критикуваат празните ветувања, коишто потоа се забораваат…
Тоа се драгоцени прилики да се шири вистината за Македонија, да се бараат сојузници, да се пледира на решенија соодветни на нашите интереси и потреби…
Во меѓународните односи, секоја средба однапред се планира, со јасна дефиниција која е целта што треба да се постигне. Нивната смисла е реализација на одредени задачи, а не за да се исполни времето и/или за да се даде вест.
Ова важи и за ГС на ООН; и за средбата на Блед; и за сите други мултилатерални настани, коишто ги има доста. Токму затоа тие се и измислени и организирани.
На одредени важни средби, какви што се со челниците на ЕУ, со претставниците на САД, Германија, Франција, Велика Британија… корисно е и да им се дава одреден документ, меморандум, во којшто би биле прецизно наредени нашите аргументи за проблемите со коишто се соочуваме. Во конкретниов случај, тоа секако би биле бугарската агресија и преговорите за членство во ЕУ.
Додека Софија со сите сили се обидува да блокира се’ што е македонско, дури и било какви манифестации во САД, и сето тоа се прави на еден крајно безобразен, нечесен, игнорантски и агресивен начин, ние не ги браниме ниту своите универзално признати права. Жалосно, зар не? А, можности има, само треба да се искористат. Но, за тоа е потребна способност и умешност, подготвеност, одговорност…
Ако продолжиме со нашиот катастрофално погрешен, и капитулантски однос и кон клучни работи (договорите со Бугарија и Грција, Тиранската платформа…), од коишто зависи иднината и на државата и на народот, лошо ни се пишува. Ако и понатака трпиме и траеме (Трпе и Трајче) и кога не газат, ништо подобро не сме ниту заслужиле.