ПОГРЕШНО ПРИВЕДЕНИОТ НИКОЛА МОЖЕ ДА ТУЖИ И ДА ЛАПНЕ ОТШТЕТА Нов поен за заканувачите со бомби, уште еднаш ја издриблаа полицијата
Поради тоа што во заканувачките мејлови било оставено името и презимето на момчето, добро е да се изврши информативен разговор со лицето, но никако на таков груб начин со спектакуларно приведување, со брутален претрес во неговиот дом, со 10-часовно држење во станица како да е терорист, вели за Плусинфо поранешниот технички министер за внатрешни работи Наќе Чулев.
Човек, ни крив ни должен, може во еден момент спектакуларно да биде уапсен и да биде однесен во полициска станица на 10-часовно испитување за нешто што никогаш не ни помислил да го стори во животот.
Вакво нешто му се случи вчера на 23-годишниот Никола Николовски од Скопје, кому против негова воља му била доделена главната улога во „Монти Пајтон“ епизодата во режија на Министерството за внатрешни работи (МВР).
Ни на крајот на паметот не му дошло на младиот Никола дека во неговиот дом ќе влетаат вооружени полициски специјалци, дека ќе му ги отворат сите фиоки во станот и дека ќе го уапсат на начин на кој се апсат најголемите терористи. Причина: во заканувачките мејлови со дојави за бомби во средните скопски училишта било наведено неговото име и презиме, како и неговиот телефонски број.
За да биде комедијата уште посмешна, МВР рано утрово го ослободи Николовски со образложение дека момчето сепак немало никаква поврзаност со лажните дојави за бомби.
Плусинфо разговараше на оваа тема со универзитетски професори и со поранешни министри за внатрешни работи, па како што велат нашите соговорници, најмалку што може да направи МВР во моментов е да му се извини на момчето поради својата брзоплетост, додека, пак, на Николовски останува дали ќе поднесе тужба поради претрпен стрес, страв и траума.
Што ако го напишат моето име?
Поранешниот технички министер за внатрешни работи Наќе Чулев, во разговор за Плусинфо вели дека МВР направило кардинална грешка и дека во никој случај не требало да се случи спектакуларното апсење на младиот Никола Николовски.

– Се работи за спектакуларно приведување на момче. Оние што ја познаваат криминалистичката тактика и методика знаат дека ниту еден сторител на кривично дело нема да остави потпис, односно име и презиме. Меѓутоа, поради тоа што во заканувачките мејлови било оставено името и презимето на момчето, добро е да се изврши информативен разговор со лицето, но никако на таков груб начин со спектакуларно приведување, со брутален претрес во неговиот дом, со 10-часовно држење во станица како да е терорист. Не знаеме со какви заканувачи си имаме работа, но што ако тие почнат во секој следен заканувачки мејл да пишуваат по нечие име и презиме? Што ако во следниот мејл го напишат моето име? Ќе ме уапсат специјалци и ќе ми ја претресуваат куќата? Замислете како се чувствувал младиот Никола кога влегле полицајците да го уапсат. Сепак станува збор за младо и воспитано дете кое може да има трауми во иднина – објаснува Чулев.
Од тоа што јас го гледам на терен, иако лично не сум вклучен во истрагата за изнаоѓање на заканувачите со бомби, е дека ресурсите неправилно се трошат, не се постигнуваат никакви резултати, а во јавноста се излегува со изјави дека сме блиску до затворање на случајот, додава Чулев.
– Треба да се делува на три начини. Прво, треба да се примени оперативно-криминалистичко работење. Со оглед на тоа што заканувачите најверојатно користат технологија за да се сокрие локацијата од којашто се испратени мејловите, потребно е да се излезе на терен и да се добие оперативен податок којшто ќе даде индиции за одреден сторител. Второ, потребна е криминалистичка форензика, односно техника. Треба да се видат ИП-адресите, можните поврзаности за мобилни оператори, рутери за интернет и тн. И трето, за да не се трошат ресурсите и да не се прави толкава паника во општеството, потребно е да се постави 24-часовно полициско обезбедување пред влезовите на средните училишта, но секако, претходно треба да се изврши проверка и да се утврди дека просторот е чист и дека нема никаква бомба. Не мора на секоја закана да се изнесуваат учениците и да се прави паника. При секој влез и излез на учениците може да им се проверуваат ранците, па дури може и да им се каже на децата да доаѓаат на училиште без ранци. На тој начин ќе видиме дали заканите се само кон средните училишта или сторителот ќе се насочи и кон други институции. И тоа многу може да ни помогне во оперативното работење – изјави Чулев за Плусинфо.
Експерименти не се дозволени
МВР треба во најмала рака да му се извини на младиот Никола Николовски поради приведувањето, вели поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов.
– Полицијата е под голем притисок на јавноста кога се работи за лажните дојави за бомби во средните училишта и верувам дека токму поради тој притисок е направена оваа грешка со приведеното момче. Полицијата мора да му се извини на момчето и да призае дека постапила брзоплето. МВР мора претходно да ги проверува работите, па тогаш кога ќе биде сигурно дека се работи за личност за која има сериозни сомненија, дури тогаш треба да постапува. А вака, со апсење невини луѓе само ќе се девалвира институцијата, оти сепак се работи за сериозно министерство кое не смее да си дозволи експерименти во своето работење. Немаше да биде ништо спорно доколку момчето беше уредно повикано на информативен разговор во полициска станица, меѓутоа лицето беше држено цела ноќ и му беше извршено брутален претрес во домот – објаснува Трајанов.
Тој не смета дека лажните дојави за бомби се дел од некаква хибридна војна.
– Заканувачите најверојатно се некои деца кои си играат играчки и кои имаат цел да создадат тензија или да го оневозможат држењето на часовите во училиштата. Ова не е некоја специјална хибридна војна против Македонија. Утре може да биде испратен мејл во кој се вели дека „Павле Трајанов е незадоволен од некои работи во општеството и дека е спремен да направи дестабилизација“. Дали тоа значи дека ќе ме уапсат? Мора да се вршат темелни проверки пред да се реагира. Може секој секому да му подметнува. Но, ние имаме Агенција за национална безбедност, имаме соработка со странски служби, па дури можеме да побараме и стручна помош од Израел за да им влеземе во траг на заканувачите, но никако не смееме брзоплето да делуваме и да апсиме невини луѓе по улица. Не е лесно да се откријат заканувачите, меѓутоа сите служби треба заеднички да работат и да соработуваат – објаснува Трајанов.
Момчето може да тужи
Приведеното момче Никола Николовски има право да го тужи Министерството за внатрешни работи и да бара отштета од државата, вели за Плусинфо универзитетскиот професор Гордан Калајџиев.
Од самиот Николовски зависи дали ќе започне судска постапка, па ако се утврди дека немало законитост во неговото приведување, тој може да бара отштета
– Конкретното лице има право да се жали до судија и судијата е тој што треба да одлучи дали било разумно и законито сомневањето. И тука нашите судии до скоро беа попустливи и постојано одобруваа сѐ што ќе дадеше полицијата како причина за апсење и за претрес, меѓутоа пред неколку години изгубивме еден случај во Стразбур и не знам дали од тој случај сега имаат извлечено поука. Тој случај се викаше: „Лазороски против Република Македонија“. Управата за безбедност и контраразузнавање го уапсила лицето, го држела со часови и на крајот го ослободила. Но, судот во Стразбур забележал дека за време на апсењето немало доволно докази. Така што, во случајов, од самиот Николовски зависи дали ќе започне судска постапка, па ако се утврди дека немало законитост во неговото приведување, тој може да бара отштета – објаснува Калајџиев.
Професорот, сепак, смета дека не треба да бидеме толку строги и сурови кон полицијата.
– Од една страна очекуваме од полицајците експресно да реагираат во такви опасни ситуации, бидејќи од општ интерес е да се разрешуваат таквите будалаштини во што е можно пократок период, а од друга страна не умееме да им простиме ако направат грешка. Сепак, постои еден термин кој се нарекува – колатерална штета. Токму таква колатерална штета е младиот Николовски. Впрочем, како дозволуваме на аеродром да ни вршат претреси, да нѐ тераат да ги соблекуваме кондурите, па и чорапите? Затоа сметам дека не треба по секоја цена да ја критикуваме полицијата, која понекогаш е во ситуација брзо да носи одлука која треба да е во корист на општата безбедност – вели Калајџиев.
Муцунски: Некој сакал да го намести!
Синоќешното приведување на Никола Николовски уште еднаш ја потврдува жалната констатација дека Македонија целосно го има изгубено демократскиот компас, реагираше на Фејсбук актуелниот градоначалник на Општина Аеродром од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски.
Тој вели дека приведувањето на Никола пушта уште еден загрижувачки сигнал, дека ако си млад, воспитан, едуциран, успешен и слободоумен, тогаш те демне и опасноста да бидеш урнат, поттиснат, навреден и замолчен.
„Фактот што некој пуштил порака од наводен е-маил на Николовски, во кој бил содржан и неговиот телефонски број е логична индиција дека некој се обидел да го намести. Дополнително, непостоењето на форензички доказ кој упатува на него, исто така би бил логичен индикатор кој упатува на противправно дејствие сторено од некое друго лице. И покрај наведеното, синоќа над 10 часа беше држано 23-годишно младо, невино и перспективно лице, беше извршен претрес на неговиот дом и се наруши достоинството и честа на еден наш граѓанин и едно македонско семејство. Утре Никола може да биде секој еден од нас и затоа ова треба да биде уште една научена лекција упатена да оние кои владеат, да престанат да конструираат случаи кои не постојат и кои се спротивставени со здравата логика. Правдата, колку и споро да доаѓа во нашата татковина, таа секогаш излегува на виделина. По овој немил настан очекувано е МВР да се извини на цела македонска јавност, истовремено да се зафати со сериозна стручна работа и конечно да ги разоткрие вистинските сторители на ова дело кое создава немир кај учениците и сите наши граѓани“, напиша Муцунски на Фејсбук.