ПОГРЕБАНИ ЖРТВИТЕ ОД ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ Граѓаните од земјава и од регионот им оддадоа почит
Погребната церемонија во Кочани започна напладне, а со неа чиноначалствуваше поглаварот на Македонската православна црква -Охридска архиепископија г.г. Стефан. Церемонијата на давање последна почит се одржа по посебни протоколи.
Во Кочани денеска се погребани триесет и едно лице од 59 загинати во пожарот во дискотеката „Пулс“ што се случи во неделата рано наутро. Останатите жртви беа погребани во Скопје, Штип и во Облешево.
Погребната церемонија во Кочани започна напладне, а со неа чиноначалствуваше поглаварот на Македонската православна црква -Охридска архиепископија г.г. Стефан. Церемонијата на давање последна почит се одржа по посебни протоколи.
Со починатите, од кои голем дел млади лица, се простија членови на нивните семејства, роднини, нивни сограѓани… На и околу местата на погребите беа распоредени поголем број лекарски тимови и вода за пиење. Погребот го следеа медиумски екипи од земјата и од странство.
Во Скопје денеска беа погребани членови на бендот ДНК кои загинаа во пожарот. Пејачот на бендот Андреј Ѓорѓиески, е погребан на градските гробишта Бутел, а членката на бендот и професорка на Факултетот за музичка уметност (ФМУ), Сара Пројковска на гробиштата во Лисиче. Погребот на младиот музичар од Струмица, тапанар на бендот, Ѓорѓи Ѓорѓиев е на градските гробишта во Струмица. Во Штип се погребани Филип Стевановски, Александар Коларов и Александар Ефремов, кои исто така беа дел од бендот.
Од загинатите во пожарот се простуваат и последна чест им оддаваат граѓаните од целата земја. Во Скопје и денеска граѓани на плоштадот Македонија палеа свеќи.
Министерството за здравство денеска ги објави имињата на сите 59 загинати во пожарот кои се на возраст од 16 до 48 години. Најголем број од починатите се на возраст на 24 и 26 години.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во неделата наутро загинаа 59 лица, а повеќе од 170 беа повредени, од кои 101 се лекуваат во болници во странство.