📷 ПОГЛЕДНЕТЕ КАКО ЌЕ ИЗГЛЕДА НОВАТА УНИВЕРЗАЛНА САЛА Помалку седишта, за поголем комфор
Предвиден е поголем простор за влезови и излези, што е клучно за брза и сигурна евакуација во случај на потреба – открива министерот за култура во настап на 4ТВ.
Реконструкцијата на култната Универзална сала во Скопје конечно се одвива со посакуваната динамика, а граѓаните може да очекуваат нејзино отворање на почетокот на 2028 година, изјави министерот за култура и туризам Зоран Љутков во гостување на 4ТВ.
– Пожарот и долгиот застој наложија ревизија на целиот проект, со што се увидени одредени недостатоци кои сега се коригираат за да се добие модерен и безбеден објект – рече министерот.
Според него, новата челична конструкција е десетпати постабилна и побезбедна од претходната. Таа е специјално направена за да може да ја издржи новата фасада и најсовремената сценска технологија.
Новата сала ќе има помал број на седишта, но ќе има поголем комфор.
– Доколку старата Универзална сала имаше околу 1.500 седишта, новиот капацитет е намален на околу 1.200 (1210) места. Ова овозможува поголема ширина помеѓу седиштата за максимален комфор на посетителите. Предвиден е поголем простор за влезови и излези, што е клучно за брза и сигурна евакуација во случај на потреба. Бидејќи објектот се наоѓа меѓу станбени згради, предвидена е дополнителна звучна изолација, како и комплетно нови системи за дополнително греење и ладење – рече министерот,
Планот е објектот да биде отворен на почетокот на 2028 година (февруари или март), како дел од активностите за Скопје – Европска престолнина на културата. Доколку не се испочитува рокот од страна на изведувачот, ќе биде активирана банкарската гаранција.


