ПОЕВТИНО ИМ Е ДА ПЛАТАТ КАЗНА ОТКОЛКУ ДА ПРИЈАВАТ ИМОТ На списокот на Антикорупциска се Груби, Џафери, Крмов, Мојсоска, Изет Меџити…
За непријавување имотна состојба казни од по 300 евра добија повеќемина поранешни и актуелни функционери.
Осумдесетина поранешни и актуелни функционери ќе платат казни откако Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) утврдила дека не пријавиле имотна состојба, не ги доставиле бараните документи во определен рок или не се изземале во одредена постапка.
Меѓу казнетите поради недоставување документација со казна од по 200 евра се поранешниот вицепремиер Артан Груби и поранешниот министер за здравство Фатмир Меџити.
За непријавување имотна состојба казни од по 300 евра добија Азис Ибраими, по престанок на функцијата претседател на Комисијата за правото на поврат на средства на Агенцијата за филм на РСМ, Зекирија Идризи, декан на Факултетот за градежништво и архитектура при Универзитет „Мајка Тереза“ Скопје, Бранка Марковиќ, по избор на функцијата член на Нацоналната комисија за УНЕСКО на РСМ, Талат Џафери, претседател на Владата на РСМ и пратеник во Собранието, Борислав Крмов по избор на функцијата пратеник во Собранието, Илир Демири, пратеник во Собранието на РСМ и министер за здравство.
Информации за имотната состојба не поднеле ниту Арбер Адеми и Иванка Василева, по престанок на функцијата пратеник во Собранието, Изет Меџити и Јована Мојсовска по избор на функцијата пратеник во Собранието, Борислав Крмов, по престанок на функцијата пратеник во Собранието на РСМ не поднел изјава за имотна состојба, а Александар Даштевски, претседател на ДИК, ја прекршил забраната за користење на грант, заеми, односно финансиска поддршка.
Меѓу наведените имиња кои не поднеле имотна состојба се и пратеникот Горан Мисовски, сменетата директорка на Институтот за белодрони заболувања кај децата Козле, Каролина Симоновска, која по изборот ниту по разрешувањето не поднела изјава за имотна состојба.
Целиот список погледнете го на овој линк.
Државната комисија за спречување на корупција во согласност со член 98 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси има обврска јавно да ги објави информациите за извршените контроли, спроведените постапки и глобите кои се изречени за сторените прекршоци.
Досега од донесувањето на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси („Службен весник на Репубилика Македонија бр.12/2019“) ДКСК ги нема јавно објавувано овие информации, а Комисијата најавува дека ова во иднина ќе биде редовна пракса.
„Преку објавување на овие информации ДКСК има за цел да ја информира јавноста во насока на охрабрување на граѓаните, како и институциите да се придржуваат до правните норми. Очекуваме дека со исполнување на оваа законска обврскa ќе се зголеми довербата во процесите на надзор и контрола, но и ќе се зајакнат напорите за ефикасно спречување на корупцијата и судирот на интереси во Република Северна Македонија. ДКСК смета дека оваа мерка е исклучително значајна за зголемувањето на транспарентноста и отчетноста на секоја институција во борбата против корупцијат“, се наведува во соопштението од ДКСК.