ПОДЗЕМНИОТ БУЛЕВАР ПОД „ЛИМАК“ И ДВАТА НОВИ КРУЖНИ ТЕКА ЌЕ ГО ОЛЕСНАТ СООБРАЌАЈОТ Ѓорѓиевски и Лабудовиќ ветија соработка за Скопје да биде подобро место за живеење
Орце Ѓорѓиевски побара граѓаните да го поддржат кандидатот за градоначалник на Општина Центар од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Мирослав Лабудовиќ.
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски денеска најави проект кој, како што рече, ќе ја промени сообраќајната иднина на градот, првата фаза од булеварот Македонија и улицата Даме Груев да прерасне во булевар.
– Овој проект не е само дел од мојата програма, туку вистински пресврт за централното градско подрачје. Се работи за клучен проект што ќе го растовари целосно метежот во центарот на Скопје. Новиот кружен тек кај „Нова Македонија“ и двата кружни тека кај булеварот Кочо Рацин и улицата Железничка ќе донесат побезбеден проток и паметни сообраќајни решенија според европските стандарди – изјави Ѓорѓиевски.
Со пуштањето во употреба на подземната сообраќајница под „Лимак“, Скопје ќе ја добие првата подземна сообраќајница.
– Таа ќе има шест ленти, четири за двосмерен сообраќај на автомобили, две за автобуси и дополнителни тротоари. Со оваа подземна сообраќајница под „Лимак“, сообраќајот ќе тече, би рекол, сосема непречено, а центарот ќе доживее значително растоварување, што ќе го направи движењето низ целиот град многу покомфорно и побезбедно. Мислам дека ќе успееме да постигнеме и целосно ослободување од метежот во центарот – изјави Ѓорѓиевски.
Се предвидува уште едно капитално решение, а тоа е улицата Даме Груев да премине во булеварско решение.
– Иако постојат предизвици со зградата на „Макотекс“, имаме јасен план за правно и техничко решение. Со реализацијата на овој проект, централното градско подрачје ќе биде речиси целосно растоварено, создавајќи современ, урбан и проточен простор кој ќе го трансформира секојдневното движење на граѓаните – Ѓорѓиевски.
Во однос на паркирањето, кандидатот за градоначалник на Скопје најави дека тоа значително ќе се подобри со изградбата на современа катна гаража од европски тип на местото од дотраените бараки и постојниот монтажен паркинг во Буњаковец. Преку монтажни паркинзи во Капиштец и под Кале ќе им се овозможи на жителите и многу поудобен пристап до паркинг.
Орце Ѓорѓиевски побара граѓаните да го поддржат кандидатот за градоначалник на Општина Центар од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Мирослав Лабудовиќ.
– Некои од проектите Орце ги кажа. Максимална поддршка ќе има општината, со максимална заемна координација и соработка, ќе го направиме градот многу подобро место за живеење. Граѓаните на Центар и на Скопје очекуваат и ќе добијат промени, како организиран јавен превоз, повеќе паркинг места, смарт паркинг системи. Зборуваме за ред и да се тргне хаосот што ни се случува во овој момент – рече Лабудовиќ.
Тој додаде дека работат на проекти за нова општинска зграда, за нови градинки и основни училишта и за вклучување на младите во спортот и во културата.