ПОДОБРО ЗА „ЛАЈКА“ ОТКОЛКУ ЗА ОТШТЕТИ! „Анима мунди” бара повеќе пари за јавното претпријатие
Дали е подобро парите да се трошат за плаќање отшети на граѓани или за подобрување на условите на ЈП „Лајка“, прашуваат од здружението.
Советот на Град Скопје да одобри неповратна финансиска помош за ЈП Лајка, побара здружението за заштита на животните „Анима мунди”,
„Бездомните кучиња и нивениот третман не се само проблем од етичка природа, туку реалност која секојдневно влијае врз севкупниот живот на Скопјани и сите посетители на градот. Не сакаме да гледаме гладни, несреќни животни по улиците, животни без дом. Граѓаните на Град Скопје бараат од Вас решавање на овие проблеми, хуман третман, поголема грижа за нивната безбедност и здравје. Како Совет на Град Скопје должни сте за рационално, одговорно, ефикасно распоредување на нивните средства“ – се вели во соопштението на „Анима мунди“.
Здружението потсетува дека в понеделник се одлучува дали парите на граѓаните ќе одат за превенција на штети, унапредување на севкупниот животен стандард во градот, хумано намалување на бројката бездомни животни, или пак ќе се трошат за санирање штета, исплата на оштети од претрпен страв и физички повреди на граѓани нападнати од бездомни кучиња.
„Во име на активистите за права на животни, хуманите граѓани и секој еден кој е директно или индиректно засегнат од оваа проблематика, бараме да ја согледате важноста на ЈП Лајка и в понеделник да дадете поддршка за финансиска помош на претпријатието“ – се вели во соопштението.