ПОДОБАР УВИД ВО ДОЛГОВИТЕ НА БУЏЕТСКИТЕ КОРИСНИЦИ Се реформира сметководство за трошењето на државните пари
Овој концепт на евиденција ќе овозможи пореално и поажурно следење на неподмирените обврски кај буџетските корисници.
До крајот на 2022 година ќе се спроведе реформа во буџетското сметководство и од готовинско ќе се премине на пресметковно начело, најави заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски на ИПСАС обуката за сметковители во јавниот сектор организирана од страна на Центарот за извонредност на финансиите што денеска се одржа во Охрид.
– Согласно „модифицирано пресметковно начело“ расходите ќе се евидентираат во моментот на настанување на деловниот настан во извештајниот период, а не во моментот на плаќање, а приходите и понатаму ќе се признаваат во моментот на наплатата. Овој концепт на евиденција ќе овозможи пореално и поажурно следење на неподмирените обврски кај буџетските корисници. Ова начело ќе го имплементираме во системот на државниот трезор преку имплементацијата на новиот Информациски систем за управување со финансиите – рече Ковачевски.
Тој оцени дека сметководителите во јавниот сектор имаат важна улога во секојдневната работа и процесите на донесување на одлуки на институциите.
– Сметководството, финансиското известување и обелоденувањето на сметководствените информации се битни претпоставки на добрата пракса на финансиското управување во јавниот сектор – истакна Ковачевски.
Следната година, како што посочи, е планирана реформа на сметководствената професија која ќе опфати воведување задолжителна обука и полагање испит за вршење сметководствени работи во јавниот сектор.