Подлиот систем на лаги како македонска реалност
Последниве седум години се страшна цивилизациска катастрофа за Македонија, особено заради тие шупелки кои го гледаа само сопствениот џеб. И повторно, по којзнае кој пат: тие кои сакаат да се тешат за своите морални и интелектуални падови можеби имаат право да се залажуваат себеси. Колку сакаат и како сакаат. Но немаат право тоа да го прават онака јавно, отворено лажливо, навивачки…, но пред сѐ – измамнички. Зашто нивното „мислење“ не е само личен став туку е подла јавна измама каква што одамна не сме слушнале.
Реалноста дека македонските политикантски елити цели три децении речиси и да не направија ама баш ништо за државата, не им дава за право да го уништуваат и она малку што преостанало како некаква култура, традиција, историја, идентитет… И да воведуваат некакви нивни лично-приватни „стандарди“, „вредности“, па и „истории“ што не се случиле, ниту пак некој ги памети. Реалноста е сепак – обратна.
И безмалку секој ден слуша(в)ме некакви нови „толкувања“ на старите „државотворни“ успеси, особено на сектана и нивната приколка од Мала Речица. Но, уште ова не го бевме слушнале, па да ја комплетираме сликата за добрите и лошите, за заслужните и оние другите, за националистите и „прогресивните: дека предизборната битка пред неколку месеци била „нефер“, и „дека со бројните отстапки, како држава, сме ја покажале на дело нашата посветеност кон Унијата и нејзините вредности (sic!).“ За што пак, ние сме требале да им одадеме – признание! Каква подлост.
Или, во превод, тоа био значело дека онаа лажлива коалиција сдсм-дуи (малите букви се… знаете веќе што), во онаа „пресвртничка“ 2017 година дојде на власт чисто, фер, демократски, транспарентно…, а пак за сите оние катастрофални ујдурми, купи-продај политики, тезгарошки меѓународни односи, скадалозна неспособност и неукост…, а особено за Преспанскиот договор и оној со Бугарија за добрососедство и пријателство некој денес требал да им даде ордени. И двете „тези“ се провираат низ секое текстче на една бедна групичка луѓе кои очигледно добиле задача да ни ја прикажуваат блиската историја како некаква херојска борба на оние шупелки од сектата. Тоа им поминува, се разбира, кај еден ограничен – во секој поглед – дел на јавноста, но сепак е со „кратки нозе“. Или кратка памет. (Апропо, како никој од овие кои ги застапуваат тие „тези“ не се запраша зошто тезгаџијана од Муртино не ја доби Нобеловата награда за мир?).
Еден американски теоретичар на физиката (Ричард Фајнман), нобеловец (1965) и познат по истражувањата на квантната механика и електродинамика, во едно свое предавање говори за суштинските принципи во науката, применливи и во животот односно политиката, при што основниот негов совет е: првиот принцип е дека не смеете да се залажувате; со тоа морате да бидете многу внимателни бидејќи ако не се залажувате себеси полесно е да не ги залажувате ни другите!
А нашава локална секта и нивната „интелектуална“ клиентела упорно и темелно го прави спротивното – не само што се залажуваат себеси туку страотно безобразно го лажат и нивното (преостанато) членство и јавноста. Па, ако не повеќе, тогаш сигурно цели седум години лажеа – повеќе нас отколку себеси – дека уште утре стапуваат во преговори со еу, дека преговарачкиот процес само што не започнал, па се сликаат во авиони со палците горе а умот долу…, и сето тоа додека не дојдоа изборите. И сиот нормален свет мислеше дека сепак ќе најдат време да се преиспитаат себеси и нивните „политики“, дека разумот конечно мора да превладее…, ама – не. Секташкиот култ е секогаш посилен од разумот, барем на Балканот, а политикантството е по правило надредено над политиката.
Или, можеби, ги „заборавиле“ оние „фер“ заклетви и удирање во градите на првите луѓе во државата за неменување на името? И не само за тоа туку и за сите други „политики“ што беа надолго и нашироко раскажувани во јавноста, за реформите, за моралот и чесноста итн.? И што остана од тоа? Еден силно распукан розев балон на лаги коишто денес ние треба да ги прифатиме како фер, па дури и да им оддадеме признание? Што стана со она „па кој смее да чепне во историското име“ или „жив ќе го изедат“ и слични грандиозни измислици на коишто и еден Минхаузен би им позавидел?! И кој фрлаше боја по она грозоморно „Скопје 2014“ и што ветуваше? Па ене ви го, уште ви стои пред очи!
И сега некој решил да ни држи предавања за фер и нефер и за некакви признанија? Има само едно „признание“ што тие треба да го добијат, ама не сум сигурен дека (и) оваа власт е подготвена за тоа.
Последниве седум години се страшна цивилизациска катастрофа за Македонија, особено заради тие шупелки кои го гледаа само сопствениот џеб. И повторно, по којзнае кој пат: тие кои сакаат да се тешат за своите морални и интелектуални падови можеби имаат право да се залажуваат себеси. Колку сакаат и како сакаат. Но немаат право тоа да го прават онака јавно, отворено лажливо, навивачки…, но пред сѐ – измамнички. Зашто нивното „мислење“ не е само личен став туку е подла јавна измама каква што одамна не сме слушнале.
Истото го прави и нивниот алфа „предводник“: во Собранието се расфрла со лаги и пароли, а кога отворено ќе му понудат нови избори – молчи како мало дете што ја докусурило теглата со слатко. Но, што е уште потрагично, тој е мало дете во политиката, заедно со оние неколкумина околу него кои ја киднапираа партијата и ја претворија во секта!
Во нивните очи, и особено во очите на нивните интелектуално сиромашни магафони јавноста секогаш е „некои луѓе“, таа нема право на свое мислење туку мора слепо да го прифати она сервирано од нив: оние нивни „факти“, „вистини“, „реалности“… иако се многу, многу далеку и од фактите и реалноста, па и вистините, зашто не знаат што говорат. За секоја туѓа иницијатива, за секој различен предлог од нивниот, таквите „интелектуални“ капацитети имаат само еден одговор: тоа така не може. И веднаш почнуваат со цитирање на оние „госпоѓи“ од еу – Бербок, фон дер Лајен, па дури и Борел и Мишел (две мрачни и крајно неспособни бриселски фигури).
Едно американско истражување вели дека младите луѓе, до мигот кога ќе наполнат 17 години, го слушаат тоа „не можеш така“ најмалку 150.000 пати, што е околу 24 пати дневно. Во истиот период тие го слушаат она позитивното „да, можеш“ само 5.000 пати, што е помалку од еднаш дневно! Ние сме, веројатно, со уште полош просек, кај нас младите живеат со родителите до 32-рата година.
Таквите ужасни ограничувања се својствени за неуки, неспособни луѓе кои бараат поддршка за своите „дела“ во цитатите и укажувањата на „големите“ еу политиканти. И тоа ни го претставуваат како – реалност. А истите тие, повеќе или помалку, го влечкаа процесот со името цели дваесет и кусур години! Кои беа „нивните факти“ за таа катастрофа? Токму таквиот „негативен feedback“ води кон учмаеност, самоограничување (бидејќи некој друг тоа ни го сугерира), до затвореност за слободно мислење и развивање на сите потенцијали. Но тие повторно ќе ви го поттурнат под нос „фактот“ дека има два света – идеален и реален – а идеалниот никаде не постои освен само во нечии глави. Или во книгите. Ама оној „реалниот“, оној на китовите и ајкулите, е тој е вистинскиот и ние мораме да се претвориме во слуги на европскиот и американскиот капитал, тие да ни ги бираат името на државата, владите и пријателите – зашто сега било забрането Русија да ти биде пријателска земја! – да учествуваме во нивните „нечисти војни“, а ако треба да бидеме и нивна депонија итн.
И сето тоа денес да ти било доблесно, морално, правилно и реално, а оние кои тоа го прифаќаа(т) да ги наградиме со највисоки државни ордени!? Македонската реалност денес е безмалку целосно разглобена, релиси расчеречена од ваквиот постојано подметнуван систем на лаги и неморал што се обидува да нѐ убеди дека е подобро сите да бидеме нечесни, неморални, криминалци, лажговци… за да – преживееме. Зашто таква била реалноста. А каква беше онаа во 1903? Или во 1941 година?
извор: теодосиевскиуметност