„ПОДГОТВЕТЕ СЕ ЗА ВОЈНА ЗА ДА ИМА МИР“ Руте повика на историски скок, НАТО ќе троши повеќе од кога било

Генералниот секретар на НАТО бара агресивна реакција на вооружувањето од Русија, Иран и од Северна Кореја. Тој побара зголемување од 5 проценти од буџетот на земјите-членки за да се зголемат приходите на Алијансата.

277

Европа и Северна Америка само заедно можат да се справат со современите предизвици и затоа треба да инвестираат во одбраната повеќе, подобро, заедно и сега, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Марк Руте во обраќањето на Пленарната сесија на Форумот за одбранбена индустрија, што се одржа на маргините на Самитот на Алијансата во Хаг.

– Едноставно е незамисливо Русија со економија 25 пати помала од онаа на НАТО, да може да не надмине во производството на оружје. Мора да трошиме повеќе, за да спречиме војна. Мора да ја добиеме оваа нова војна на производство – рече Руте.






Тој нагласи дека воената предност на НАТО денес е агресивно предизвикана од брзото вооружување на Русија, поддржано од кинеската технологија и со иранско и севернокорејско оружје, па затоа сојузниците треба да се обединат, да инвестираат во иновации и да испорачуваат.

– Постои една древна римска поговорка: „Ако сакаш мир, подготви се за војна“. Тоа е едноставна идеја. Направете ја вашата одбрана толку силна што никој нема да се осмели да ве нападне. Токму за тоа е овој форум – рече Руте.

Тој нагласи дека ширум Алијансата се отворени стотици нови производствени линии и земјите членки на НАТО сега се на пат да произведуваат повеќе бродови, авиони и муниција, отколку што беа произведени изминатите децении.

– НАТО ја користи својата единствена моќ за да ја поттикне побарувачката, да ја зголеми соработката и да ги подобри иновациите. Само пред неколку моменти, ги собравме сојузниците за да потпишат уште еден сет важни мултинационални проекти. Ова вклучува воспоставување на иновативни полигони на НАТО за подобро интегрирање на технологијата во нашите вооружени сили и уште еден проект за обезбедување на синџирот на снабдување со критични суровини од одбраната – рече Руте.

Тој го поздрави планот на ЕУ „Подготвеност 2030“ со кој се предвидени 800 милијарди евра за потребите на одбраната, посочувајќи дека нема одбрана без силна одбранбена индустрија и нема европска безбедност без силна трансатлантска врска и одбранбена соработка.

– Сојузниците се согласија за невидено зголемување на нашите цели за способности. Точно знаеме какви сили, ресурси и капацитети треба да обезбеди секој сојузник. Ова ќе бара квантен скок во нашата колективна одбрана, но знам дека кога има волја, нашите индустрии и претприемачи од светска класа ќе најдат начин – истакна Руте.

Според него, за да се реализира тоа ќе бидат потребни смели одлуки од политичките лидери и тие ќе го сторат тоа на Самитот во текот на утрешниот ден со усвојување на амбициозен нов план за инвестиции во одбраната на ниво од пет проценти од БДП.

– Тоа ќе донесе огромна дивиденда од одбраната. Мотор за раст на нашите економии. Создавање милиони работни места, од двете страни на Атлантикот. Лидерите на НАТО се на пат да преземат историски чекор за да ги обезбедат ресурсите потребни за силна одбрана. Сега е до индустријата да испорача, да испорача и да, да испорача. Па, да се фатиме за работа – додаде Руте во обраќањето на Форумот.

Поврзани содржини