ПОДГОТВЕТЕ СЕ, НЀ ЧЕКА РАБОТА! Мицкоски реизбран за лидер на ВМРО-ДПМНЕ
Реизбраниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ побара да се покаже заеднички патриотизам и при тоа повика да се мобилизира секоја креативна индивидуа.
Подгответе се, нѐ чека многу работа. Народот има очекувања од нас и мора да ги оправдаме. Народот сака избори. Не смееме да разочараме, не смееме да потфрлиме, мораме да успееме, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој попладнево беше реизбран за претседател на партијата на 17. Конгрес.
– Свесни сме за предизвиците пред нас. Станавме робови на анархија. Не ги обвинувам луѓето кои се подведуваат на таквото секојдневие затоа што системот не им нуди избор. Мора на народот да му се покаже алтернатива од болната реалност во која денес живееме. Системот е во распаѓање. Доста се замижува пред митаџиство и врски. Знам за вашите проблеми, не ја губете надежта. Заедно ќе успееме! Никогаш не сум се надевал повеќе како денес. Ќе ве слушам, посебно кога нема да се согласуваме – рече тој.
Мицкоски повика на општествено обединување. Ги повика сите слободни индивидуи дома и во светот, и сите кои имаат свој став и визија да се обединат со цел да се обнови Македонија.
– Да покажеме заеднички патриотизам преку мобилизација на секоја креативна индивидуа. Заедничкиот патриотизам значи создавање на имунитет кон секој обид на манипулација на власта кон етничките прашања кои нè разединуваат. Заедничкиот патриотизам значи да имаме различност која меѓусебно ќе ја почитуваме – повика тој најавувајќи втора епоха во делувањето на партијата.
– Најавувам на овој 17. Конгрес нова политика, нов концепт на заедништво, наречен Нов договор! Ни треба нов општествен консезус на сите рамноправни чинители околу она што треба да претставува нов заеднички патриотизам. На Македонија ѝ треба нов договор кој ќе го оделотвори заедничкиот патриотизам низ ново одредување за она што претставува наша првенствена цел. Таквиот општествен договор кој ќе го понуди заедничкиот патриотизам е враќање на нашите надежи за тоа како требаше да изгледа државата во моментите кога се создаваше, како активна целина на рамноправни чинители, која ќе обезбеди праведен напредок и еднакви можности за сите, од која идеја длабоко низ овие 3 децении се застрани – рече Мицкоски.
Тој најави и ново стратешко позиционирање кон сите останати заедници кои се дел од македонската нација, намалување на персоналниот данок и на данокот на добивка на 8 отсто, за млади луѓе данокот да биде 0 проценти, едноцифрена невработеност, борба против корупцијата, заздравување на поделеноста…
– Можеби не го добивме вашиот глас на овие избори, но го слушам вашиот глас. Потребна ни е вашата помош – рече тој најавувајќи нова ера на македонското лидерство.
– Тие што мислат дека Македонија нема да успее, ќе ве поразиме. Ајде заедно да го создадеме македонскиот сон – повика тој.
Тој додаде дека втората епоха значи и подавање рака на секој еден интелектуалец, отпочнување дијалог со мудрите глави на ова општество чиј глас, како што рече, се заборави меѓу децениите на разграбување на државниот капитал и доминацијата на лукративните поединци и медиокритетите.
– Дијалог со професорите, со писателите, научниците, младите, студентите, синдикатите, стопанството, коморите. Дијалог со луѓето поттурнати настрана, а чиј глас го сочинува она што го викам тивкото мнозинство. Ви говорам за општествено обединување и таа палка со себе и пред себе ја зема ВМРО-ДПМНЕ и тој процес имам намера да го предводам со широко отворени раце пред секој еден човек и ги повикувам сите слободни индивидуи кои низ годините се распослаа низ светот, кои се демотивираа поради отсуството на организирано делување и станаа тивки пред неправдите, ги повикувам сите оние кои имаат свој став, кои имаат свое дело и почит кон себе и оваа наша земја, кои имаат визија, а кои губеа надеж низ годините, и кои се чувствуваат поразени не затоа што не се во право туку затоа што овие триесет години сите нас нè разединија, за полесно да владеат таквите медокритети, да им кажеме едно нешто – се обединуваме. Се обединуваме како тенки гранки собрани на едно место и во еден сноп кои стануваат непобедливи и нескршливи, и тој процес ВМРО започнува да го води по овој конгрес – рече Мицкоски.
На затворениот дел од 17. Конгрес Мицкоски во својот говор истакнал дека денес ВМРО-ДПМНЕ е посакуван политички партнер од сите партии кои веруваат во нивните принципи и вредности.
– За прв пат по подолго време ВМРО-ДПМНЕ ги сруши стереотипите и направи коалиција со албанска политичка партија затоа што мојата филозофија е да веруваме и да инвестираме во вредности и работи кои нè обединуваат. Тоа пред само 4 години беше незамисливо за ВМРО-ДПМНЕ која во очите на пошироката и меѓународна јавност беше претставувана за радикален елемент. Денес имаме отворена комуникација со сите партии, без оглед на тоа каков предзнак имаат – рекол тој.
Мицкоски ги известил делегатите и дека ги подобрил односите со стратешките партнери САД и ЕУ.
– Тука вложив доста труд и денес ВМРО има нормална и подобрена комуникација со меѓународните пријатели. Јасна и недвосмислена е нашата ориентација кон САД и ЕУ – рекол тој.
Неговата трета заложба била да се реформир и зајакне партијата.
– На сцена се многу нови луѓе, засилена организација на комитетите и нови градоначалници кои за прв пат ја имаат одговорноста да управуваат со општините. Но истовремено собравме сили да ги обединиме сите структури. Денес ВМРО има нов лик, нов потенцијал за градење иднина. Не велам само една нова генерација, туку спој на најдобрите генерации кои ќе донесат успеси. Ќе го покажеме најдоброто од сите генерации – рекол Мицкоски.