ПОДГОТВЕТЕ ГИ ОЏАЦИТЕ ВО ПРЕСРЕТ НА ЗИМАТА Град Скопје апелира да не се палат отпадни материјали
Град Скопје издаде препораки за правилно греење и најави строги инспекциски контроли во борбата против зимското загадување.
Во пресрет на зимата и очекуваните денови со густ смог, Град Скопје упати низа препораки до граѓаните со цел да се намали загадувањето и да се подобри квалитетот на воздухот во главниот град.
Од Секторот за заштита на животната средина потсетуваат дека одржувањето на грејните уреди и избегнувањето на штетни материјали за согорување може значително да влијае на чистиот воздух.
Од Градот апелираат редовно да се чистат оџаците и да се сервисираат печките, котлите и клима уредите. Граѓаните се предупредуваат да не палат отпадни материјали – стиропор, гуми, ПЕТ-амбалажа, лакирано дрво и прегорени масла, бидејќи тие го зголемуваат загадувањето и го загрозуваат здравјето.
Дополнително се советува користење суво и чисто дрво без земја и нечистотии, како и правилно одржување на печките според упатствата на производителите.
Од Град Скопје најавуваат дека во наредниот период ќе следат засилени инспекциски контроли на постројките кои имаат елаборати за животна средина или Б-интегрирани дозволи. Инспекторите ќе бидат фокусирани особено на откривање и спречување на незаконско палење отпад.