Министерството за образование и Бирото за развој на образованието имаат подготвено скратени наставни програми во форма на упатство до наставниците во случај наставата во вонредни услови да треба да продолжи и од септември.
– Одлуката за децата да не се враќаат во училиште до крајот на учебната година ја имаат и други земји од регионот. Секој би бил среќен опасноста од ковид-19 да исчезне и да се вратиме во училишните клупи. Секако, ние со Бирото за развој на образованието имаме подготвено скратени наставни програми во форма на упатство до наставниците. Ова не е нешто ново зашто и порано кога имало прекин на наставата, од една или од друга причина, сме имале упатства до наставниците кои теми и содржини би требало да се обработат уште еднаш за учениците да стекнат знаења за нив, без кои не може да има проодност во следна учебна година односно во понатамошно образование. За ова, би кажал позитивно сценарио, сме подготвени. Ако би почнале со учебната година во училишните клупи, тоа упатство за скратени наставни програми е веќе подготвено. Значи, за теми и содржини што се неопходни за учениците, кои се обработени во периодот на пандемијата преку средствата за електронска комуникација – вели министерот за образование Арбер Адеми во интервју за МИА.
Тој вели дека се разговара и за прашања како би постапиле ако се соочиме повторно со исти околности или полоши.
– Веќе има препораки од страна на УНИЦЕФ, Светска банка и други партнери за земјите кои сакаат повторно да ги отворат училиштата. Со шефицата на Канцеларијата на УНИЦЕФ во Македонија сме разговарале на оваа тема и тие се спремни да ни помогнат кои мерки и активности да ги преземеме. Генерално, ако имаме иста ситуација, исти околности, можеби ќе се соочиме со исти мерки или ќе размислиме во насока на реорганизирање или поинакво организирање и реализирање на наставата во училишните клупи – додава Адеми.