Подготовка за нова, подлабока криза!

Нема поуки од изминатите економски кризи. Дали нашиот проблем се само (лошите) лидери изнедрени од скутовите на овој народ? Јас не сум хантингтоновски поддржувач на тезата за „културолошки детерминизам“. Но, ако една неуспешна етапа трае повеќе од три или четири децении - со одвај ползечки  просечни годишни стапки на раст од 1,4%, или 1,1 %, со кои не би можеле да бидат задоволни ни нации со годишен доход на еден жител од над 60 до 70 илјади долари - тогаш главното прашање не се лидерите (кои и какви се), туку кои и какви сме сите Ние? Кои се нашите животни определби? Кои се нашите вредности? Kоја е нашата доминантна култура и каде таа, де факто, нѐ води?

11,189

Нашите „државници“, импресионирани и до екстатичност возбудени од функциите на кои се нашле, вџашени од пленот пред нив, немаат ни време ни намера да извлечат некоја поука од изминатите светски кризи: како подобро да се справат со последиците од идните. Притоа, знаат (или, би требало да знаат) дека цикличните кризи и натаму ќе ги има – зашто капитализмот не може да ја разреши таа загатка.

Знаат (од толку повторување) дека главните канали за нивно прелевање во нашата економија се трите клучни дефицити – во секторите за енергија и за храна и во хроничниот трговски дефицит. Односно, дека прелевањето на екстерно генерираната инфлација (како последица од светските кризи) не може ниту да се спречи, ниту многу да се ублажи, доколку таквите дефицити перзистираат или дополнително се продлабочуваат.






Но, наместо политики и мерки за нивно намалување, нашите „државници“ оставаат тие да се продлабочуваат. Затоа, без ризик, можеме да кажеме дека секоја наредна светска криза, со ист или дури и со помал интензитет, може да има уште поголеми девастирачки последици врз условите за живот на граѓаните.

Инфлацијата, ненадминат безимен арамија!

Инфлацијата, во зависност од нејзиното ниво и времетраење, може да се претвори во ненадминат арамија!

Во последните 15 години светот го погодија две економски кризи: финансиската од 2007 до 2008 година и неспоредливо потешката, започнатата кон крајот на 2020 година. Првата, предизвикана од повеќегодишното неконтролирано креирање побарувачка (преку финансискиот и фискалниот сектор на развиените економии); втората, настаната од кусокот понуда на важни производи на светските пазари – изнуден од пандемијата ковид-19, продолжен со агресијата на Русија врз Украина. И двете кризи предизвикаа неприфатливо ниво на инфлација во западните економии, која, преку гореспоменатите дефицити во нашата економија, беа пренесени и во нашиот економски двор.

Во првиот случај, регистриравме две последователни години со неприфатливо ниво на годишна инфлација: во 2007 година (6,1 %) и во 2008 година (4.1 %). Во текот на вторава криза, многу подраматично, тоа се случува веќе  три години: во 2021 (4.9 %); во 2022 (18.7 %), а во 2023 тешко дека ќе биде под највисоката едноцифрена бројка (8-9 %).

Општо место е дека инфлацијата најмногу ги ограбува сиромашните. Оние со фиксни примања, граѓаните со депозити во банките што немаат можност да ги заштитат со реална каматна стапка или да ги трансферираат во актива која ја штити нивната вредност од инфлацијата. Со други зборови, таа врши масовна редистрибуција на доходот, како резултат на зголемувањето на нивото на цените и менувањето на релативните (ценовни) односи помеѓу одделните производи и услугите.

Инфлацијата од 1990-тите години (изворно домашен производ), инфлацијата генерирана од последните две светски кризи (екстерно иницирана), заедно со корупцијата во последните три децении – доколку би било можно да биде пресметано – без соменение го надминува износот на грабежот над мнозинството население во нашата држава, извршен преку приватизацијата на таканаречениот општествен капитал.

Ако меѓу наведените грабежи може да се прави некоја (формална) разлика, јас би рекол: приватизацијата на општествениот капитал (доминантно) беше легализирано пљачкосување; корупцијата – отворено разбојништво, а инфлацијата – подмолен, анонимен крадец.

Виновникот е потешко препознатлив за пошироката јавност и нема правен основ за покренување постапка за кривично гонење. Понекогаш виновниците одговараат само политички и тоа во општества чиишто граѓани одамна го заслужиле квалификативот: homo politicus.

Наместо стеснување на каналите за прелевање на светските кризи врз домашната економија, „патриотите“ и „државотворците“ ги прошируваа(т)!

Екс-министерот за одбрана на САД, Доналд Рамсфелд, во едно обраќање (2012) беше рекол: „Има познати (с)познаници – нешта што знаеме дека ги знаеме. Има познати непознаници – нешта што знаеме дека не ги знаеме. Но, има исто така и непознати непознаници – нешта за кои ние не знаеме дека не ги знаеме“.

Нашиве корумпирани функционери со години не се бават ни со проблеми од првава група на градацијата на Рамсфелд – дури и со такви без чие решавање не е можен опстанокот на човекот.

Кога еден таков проблем особено се изострува, како и за сѐ друго, почнуваа(т) меѓусебно да се обвинуваа(т): која партија нанела поголема штета и какво „наследство“ ѝ оставила на другата.

„Патриотите“ (да не се враќаме поназад), во второто запоседнување на државата (2006-2016), предводени од „македонскиот Ал Капоне“ („привремено“ во Будимпешта) го дуплираа јавниот долг, како процент од БДП. На нето-основа, го зголемија за околу 4 милијарди евра.

Во истиот период, приходната страна на буџетот нарасна за  836 милиони евра (плус 66 %) со вклучен удел на кумулативната инфлација од 22,3 %. Од тој вкупен инкремент (од 4,8 милијарди евра) ништо не инвестираа во енергетиката. Напротив, дезинвестираа. Не ги одржуваа добро ни постојните капацитети. Една милијарда фрлија во т.н. проект „Скопје 2014“ – жигот на примитивизмот, на расипништвото и на патологијата на една личност, поддржана од бројни безрбетници и ментални кепеци.

Повеќе од 1 милијарда фрлија во „идејата“ за препород на земјоделството. Која, де факто, се претвори, или така било планирано, во проект за купување гласови за избори. Колку повеќе се фалеа дека „истураат“ пари за развој на овој сектор, толку стагнираше или се намалуваше производството на повеќето субвенционирани земјоделски производи. Така растеше и јазот помеѓу домашното производство на храна и увезените производи.

Огромен износ на јавни пари и јавен имот беа вложени и во т.н. проект за „привлекување странски инвестиции“, најавуван како панацеја за сите наши економски неволји: зголемување на економскиот раст, елиминирање на невработеноста и зголемување на извозот, со тоа и намалување на трговскиот дефицит. „Наѓубрен“ од нашиот неоколонијалистички комплекс и некритички базиран врз неолибералната ујдурма за софистицирана колонизација на малоумните – ниту многу му помогна на економскиот раст (ќе видиме подолу) ниту помогна да се ублажат големите структурни дефекти на нашата економија (со мало подобрување, веројатно привремено, на бројките за трговскиот дефицит). Затоа што мотивот на поединечниот капиталист е профитот, а не плановите за структурно урамнотежување на нечија вкупна економија.

Не се знае колку пари „изеде“ нашата ендемска корупција, а не се знаат ни износите за прекубројната партиска  администрација. Итн, итн.

Сумарно, од врискотниците во јавноста за преродбата во 100, 200 и така-натаму чекори, во периодот 2006-2016, македонската економија излезе уште поранлива на цикличните економски кризи во светот, бидејќи дополнително нараснаа дефицитите во двата клучни сектора.

„Државотворците“, пак, од 2017 година до денес, само го продолжија патот на фејк-патриотите. Ја пресликаа политиката на „Ал Капоне“, со разлики коишто не прават разлики, и го продолжија зголемувањето на дефицитите во наведените производни сектори. И тие заборавија што се тоа нови енергетски и инфраструктурни капацитети во земјоделството. Јадеа и крадеа (како и претходните) дури и од амортизацијата на постојните.

Имаа два големи објективни хендикепа. А и ние со нив. Во нивниот мандат се случи кризата предизвикана од пандемијата (ковид-19) и агресијата на Русија врз Украина. Од „патриотите“ наследија голем  јавен долг. Сепак, ако имаа јасни приоритети и одговорно управување, од добивањето на власта до сега имаа на располагање голем финансиски инкремент од кој мораа еден дел да инвестираат за намалување на наведените, клучни дефицити.

Имено, самите го зголемија јавниот долг за дополнителни 10 до 12 структурни поени, како дел од годишниот БДП, на нето-основа за плус 3,6 милијарди евра (од 2016 до првиот квартал на 2023 година). Прирастот во јавните приходи (2016-2022) изнесуваше околу 1,4 милијарди евра – номинално за плус 64 % (со влијание на инфлацијата од 30 %). Збирно, двете ставки изнесуваат 5 милијарди евра. Сепак, ништо не инвестираа во клучните дефицитарни производи. Се откажаа од даночната реформа (со години ветувана) и од реформата на администрацијата (уште подолго ветувана): сектори од кои можеа да обезбедат други дополнителни средства за инвестиции во енергенси и во храна.

Зошто се откажаа од даночната реформа? Затоа што во структурата на даноците требаше да ги зголемат директните, на сметка на индиректните даноци и да воведат прогресивни наместо еднакви даночни стапки. Тоа ќе значеше дека во полнењето на буџетот повеќе ќе учествуваат богатите отколку сиромашните. А тоа не е нивен интерес, зашто се „вмрежени“ во иста шема со најбогатите.

Реформата на јавната администрација не ја извршија зашто тоа би значело откажување од „партиската држава“ и од загарантираната армија гласачи „насофрени“ на неа. Затоа секојдневно ги котат т.н. bullshit jobs (како што ги именува американскиот антрополог Дејвид Грабер/David Graeber).

А што ни сервираат наместо клучни мерки за намалување на негативните удари од екстерните шокови?

Палијативни мерки, лаги и демагогија во неизмерни количини.

Бамборат за „еднакво општество за сите“, ни стокмија „четири тарифни групи“, четири различни цени, за потрошувачите на електричната енергија, спротивно на Уставот, за да матат со некакви просечни цени, оштетувајќи и дискриминирајќи невини корисници. Кловновите велат дека тоа било некое индиректно прогресивно оданочување.

„Потпикуваат“ некакви „летни шеми“ за нови зголемувања на цените, за „да не се сетат  Власите“ кога ќе застуди.

Градат „еднакво општество за сите“, смислуваат други класни и кастински решенија: палета прехранбени производи што не можат да ги јадат сиромашните. Всушност, ова е продолжение на решенијата за различни образовни и здравствени институции за богатите и за сиромашните.

Усмрдените и раскантани автобуси одамна се само за „социјалниот отпад“.

Се откажаа од битката против инфлацијата. Ја оставија НБРМ сама да се справува со неа (што воопшто не е доволно), додека самите ја стимулираат со хаотичните промени на платите во јавната администрација, чекајќи милост од цените на енергијата и на храната на светските пазари. А токму инфлацијата најсиромашните ги доведува до просјачки стап.

Пристрасните „војски“ поддржувачи на злото - партиски пешадии, платените прислужници во медиумите, недокваканите и обесчестените професори, конформистички задреманите академици - треба да размислат за сопствената одговорност за структурните дефицити во нашата економија, за колабираното јавно здравство кое убива секој ден и за урнисаното образование. Да помислиме сите Ние, колку секој од нас носи вина зашто наместо правна и социјална држава, на дело имаме сѐ почист, или во помилозвучната варијанта, Гумпловичев и Спенсеров социјален дарвинизам.

И сега, во завршницата на нивниот мандат, нов, голем глогов колец во јавните финансии. Го стокмија, досега најскапиот (коруптивен) проект: изградбата на автопатските делници по коридорите 8 и 10 Д, што, од сите искуства досега, нема да чини помалку од 2 милијарди – пет години по најмалку 400 милиони евра. Проект за речиси целосно блокирање на  јавните финансии за скорешно вложување во нови капацитети во двете клучни области (енергијата и храната) и за поуспешно справување со некоја нова деконјунктура или криза на светските пазари. И тоа во време на историско зголемување на цената на кредитите на финансиските пазари во светот, без изгледи, на подолг рок, тоа да се промени и во период на геостратешки конфликти во светот, најостри по Кубанската криза од 1962 година.

„Сицилијанската фамилија“

Како што гледате, досега не ја спомнав ДУИ. Партијата што е на власт веќе две децении. Зошто? Зашто НЕА, овој вид прашања како воопшто да не ја интересираат. Се занивама, над сѐ, со две прашања. Прво, со позицијата на членовите на својата „интегрирана партиска и бизнис врхушка“ во доходот и во богатството на земјата: како во стилот на една моќна „сицилијанска фамилија“, час поскоро да стигнат до највисоките кругови на регионални и светски богаташи. И второ, се занимава со прашања за кои смета дека се од интерес на т.н. „албански свет“ во регионот.

Всушност, и по остварувањето на клучните политички прашања на Албанците во Македонија и во регионот, под сенката на празната проевропска реторика, ДУИ ја игра истата игра (во што не е осамена) на промоторите на т.н. „српски свет“ и играта на бугарските политичари во врска со „бугарскиот свет“ во истиот регион. Првите ја иритираа(т), кон вторите е рамнодушна, па и благонаклона.

Одејќи главно по тој двоен колосек, ДУИ во оваа фаза стигна до позицијата главен деконструктор на нашата држава (со силната помош на „патриотите“ и на „државотворците“), зграпчувајќи за себе, за своите партиски и бизнис кругови, позиција на НАДЗАКОНИТОСТ. Доградувајќи ја секојдневно таа позиција, преку своите „најтемпераментни“ поединци, започна, сѐ повеќе, да применува и физичко насилство, истовремено не испуштајќи го од уста зборот „Европа“. Чекор по чекор, некој од позицијата на „мајстор“, друг од позицијата на „прислужник“, вршат деконструкција на државата што ја создадоа антифашистите.

Македонија не спаѓа во „среќните“ што сносат само последици од циклични економски кризи!

Во 2008 година, во климаксот на финансиската криза, присуствував на еден од редовните двомесечни состаноци во Банката за меѓународни порамнувања (БИС) или Банката на централните банки, со седиште во Базел, Швајцарија. Учесници: гувернерите на централните банки акционери на БИС и нејзините највисоки раководители и експерти. Тема: справување со актуелната финансиска криза (прописи, мерки итн). И патем, како да се најде лек за елиминирање на т.н. економски Bооm-Bust cycles, циклусите на експанзија и на остра контракција на економската динамика, вечно прашање на економската теорија и практика на капитализмот. По првите дискусии (на финансискиот „crem de la crem“) помислив: „Чудо, тие имаат амбиција да го спречат повременото јавување на економски меури и нивното прскање, а ние се прпелкаме (вегетираме) во перманентна економска криза што трае со децении“.

За подобро доловување на прашањето, еве мал историски потсетник.

Според Националното биро за економски истражувања на Америка (NBER), во интервалот 1854-2009 (историска секвенца од 145 години), периодите на експанзија на американската економија, во просек, траеле по 38,7 месеци (3,22 години), додека оние со остра контракција (рецесија) 17,5 месеци (1,5 години). Во тој период имало вкупно 33 бизнис-циклуси, кои, во просек, траеле по 56 месеци (4,66 години) – заедно, експанзијата и контракцијата.

Националното биро рецесијата ја дефинира како „значајно опаѓање на вкупната економската активност, што трае повеќе од неколку месеци, нормално видлива преку реалниот БДП, реалниот приход, вработеноста, индустриското производство и трговијата на големо и мало“.

Бидејќи најверодостојни се сметаат податоците за периодот 1945-2009, во овој период просечното време на експанзиите (бумовите) изнесувало 58 месеци (4,83 години), а просечниот период на контракциите изнесувал 11 месеци (0,9 години). Најдолгиот период на експанзија во историјата на САД, од 1900 година кон денешницава, траел од март 1991 до март 2001 година (10 години), додека најдолгиот период на контракција (рецесија, криза) траел 43 месеци (3,58 години), за време на Големата светска криза (1929-1933). По оваа криза, најдолгиот период на контракција (рецесија) траел само 18 месеци (1,5 години) започнат во 2007 година, за време на претпоследната криза – финансиската. (Извор: W.B, and OECD National Accounts data files.)

Нашата криза – според горната дефиниција, период без раст и намалување на БДП – траеше од 1980 до 1996 година (15 години), кога за првпат во 1996 година почна некаков срамежлив раст. Од таа година до денес, позитивните стапки на БДП четири пати беа заменувани со негативни: во 2001 (-3,1%); 2009 (-0,4%); 2012 (-0,5)%; 2020 (-4,7%). Од 1991 до 2022 година (период од 32 години), просечниот годишен реален раст на БДП изнесува околу 1,4 %. Ако ги вклучиме 10-те претходни години (од 1980 до 1990), практично без раст на БДП, тогаш излегува дека во последните 42 години македонската економија, реално, остварувала просечна годишна стапка на раст од 1,1 %.

Да потсетиме: во периодот од 1948 до 1981 година, во 33-те од вкупно 45 години на тоа што го нарекувавме социјализам, просечната годишна стапка на раст на македонската економија изнесуваше 6,3%, а на СФРЈ 5,9%. (Гошев, „Развиени – Неразвиени“, 1984).

И, враќајќи се на дебатата во Базел, може да кажеме: развиените држави не ги совладаа проблемите со економските циклуси. Очекувано! Но, ги ублажија и го скратија нивното време на траење. Ние, во Македонија, како да го зграпчивме статусот на земја во перманентна криза и, ете, толку децении не го испуштаме од рака.

Зошто сме во еден вид „вечна“ криза?

Дали нашиот проблем се само (лошите) лидери изнедрени од скутовите на овој народ? Зошто не ни се случило да имаме некој каков што беше, на пример, сингапурскиот премиер (од 1959 до 1990) Ли Куан Ју (Lee Kuan Yew), под чие водство Сингапур од недоволно развиена стана една од најразвиените држави во светот. Што, како и тој, по извршената мисија, ќе каже:

„За мене, постоеја две опции: или да станам корумпиран и да ја сместам мојата фамилија на Форбсовата листа на најбогати луѓе во светот и да го оставам мојот народ без ништо, или да му служам на мојот народ и да оставам мојата земја да биде меѓу најдобрите десет економии на светот. Јас ја избрав втората опција“.

За разлика од атикупљачкашите (Аtikulooters – кованица во „чест“ на корумпираниот нигериски политичар Алхаи Абубакар Атику), кои подбивно велат: „Постоеја и за нас две опции, но втората опција беше искористена од сингапурскиот премиер“.

Како што знаеме, за „потрошената“ втора опција на ист начин  „жалат“ и дузината наши „абубакар(и)“ или „атиковци“, особено почнувајќи од Љубчо Георгиевски, преку Бучковски, Груевски, Ѓорѓи Иванов, Заев, Ковачевски и досега најдолговечниот, и сé уште актуелниот, Али Ахмети. Тој, не само што ги надминува сите претходни, според времето посветено на нашето „распаѓање одвнатре“ (Катерина Блажевска), туку и според фактичките „резултати“ од неговата мисија во Македонија. Притоа, не треба да се заборават и некои други што времето за развој на државата ѝ го арчеа со бескрајни дневно-политички пимплања и интриги.

Лидерите се важни, но што е поважно?

Лидерите се важни, но поважен е изворот од кој извираат – народот. Колку е до нив што се такви (атикупљачкаши), колку самите тие се нашето болдирано Ние! Колку се случаен историски инцидент, или, пак,  спротивните од нив би биле инцидентот?

Јас не сум хантингтоновски поддржувач на тезата за „културолошки детерминизам“. Но, ако една неуспешна етапа трае повеќе од три или четири децении – со одвај ползечки  просечни годишни стапки на раст од 1,4%, или 1,1 %, со кои не би можеле да бидат задоволни ни нации со годишен доход на еден жител од над 60 до 70 илјади долари – тогаш главното прашање не се лидерите (кои и какви се), туку кои и какви сме сите Ние? Кои се нашите животни определби? Кои се нашите вредности? Kоја е нашата доминантна култура и каде таа, де факто, нѐ води?

Наместо митолошки  самоглорификации и постојано барање вина кај другите, меѓу другото, би било добро да се запрашаме:

  • Дали нашата свест сѐ уште има премногу патримонијалистички наслаги. Толеранција и прифаќање на „владеењето на едниот над масите“ (Макс Вебер). Колку нашата свест, реално, отстапува од духот на европската либерално-демократска, просветителска и хуманистичка традиција? Кажа „лидерот“ („господарот“) на партијата, или нацијата, независно каква „шупелка“ и арамија е, и Ние, мора да го следиме. Дали, можеби, во тоа лежи причината што државните функционери и административни чиновници му се верни на „лидерот“ (доживуван како „татко“, „господар“) наместо на правилата на службата и задачите што треба да ги извршуваат? Дали затоа не можеме да изградиме професионална бирократија? Таа ли е причината што Артан Груби, со силна доза на средновековна сакрализација, воскликнува: „Доаѓа Тој“, најавувајќи го својот „шеф“, „семоќниот лидер?“ Дали таа свест е причината за „султанизмот“ во нашите партии, владеење што потоа се пресликува на државните институции, кое, „по начинот на управување се движи во сферата на слободната, со традицијата неограничена самоволја“ (кажано од Макс Вебер за едно друго време). Самоволја, толку многу раширена кај нас, што од одредбите за правната држава и принципот на поделбата на власта ги имаме само сѐ пожолтените страници од првиот демократски Устав на Република Македонија.
  • Дали нашите лажни демократи, лажни водачи кон западното царство на културата, суштински, повеќе го љубат рускиот термин „государство“ (нивниот назив за држава) изведен од титулата „государb“ (суверен владетел) што го означува господарот и сопственикот (хозЯин-от) што владее со неслободните луѓе, наместо деперсонализираниот европски назив „држава“ (state, stato, état, итн), зашто кога доаѓаат на власт, веднаш сѐ станува лично нивно – од јавните финансии до секое јавно добро. Дури и приватноста на граѓаните!
  • Зошто имаме толку ниска правна култура? Кој е виновен за тоа? Кој не се бори против тоа? Колку се виновни лидерите за тоа, а колку, всушност, Ние? Зошто „рушветот“ е посилен од Уставот, од законите и од правните норми? Колку долго оправдувањето за тоа ќе го бараме во вековната дезавуираност на нашиов простор од влијанието на римското право и во присуството на „табиетите“ на османлиските владетели?
  • Зошто толку се рашири безочната лага? Дали ние „лажеме за да се измамиме самите себе“, што би рекол Добрица Ќосиќ? Зошто зборот го изгуби значењето? Зошто честа, вистината, совеста почнаа да претставуваат исклучок? Зошто за овие (судбински) категории најмногу зборуваат нечесните и арамиите? Дали причина за тоа е и (традиционалниот) молк на оние што ги нарекуваме „интелектуалци“, или ние всушност немаме такви (освен по некој редок исклучок)? Зашто, интелектуалец е само оној образован човек кој никогаш не се откажува од своите ставови, по цена и да „скапува“, а сите други (исто така, високообразовани) се само професионалци. Имено, некаде прочитав, разликата помеѓу вистинскиот интелектуалец и професионалецот е што вториов секогаш може да биде купен – е, со такви ние изобилуваме! Дали раширената лага е последица и од новото (денес доминантно) правило во новинарството „да се слушнат двете страни“, наместо правилото „вистинитоста на информацијата да биде проверена од седум, ако треба и од седумдесет извори?“. При што не велам дека немаме и такви, „саможртви“, туку дека се толку малку што „не му можат ништо“ на „новото правило“. Општество во кое доминира лагата не може да напредува. „Секоја лага потопена во мозоците на луѓето поништува барем толку волумен од тие мозоци…“, вели Вук Драшковиќ, правејќи аналогија со Архимедовиот закон („тело потопено во течност има толкава способност за лебдење, колку што е тежината на истиснатата течност“). Вистината не може да ја натсили лагата, во општества без слободни и независни медиуми. Феноменалниот Виктор Иванчиќ (Peščanik, 12. 06. 2023) вели: „Политичката класа, всушност, се служи со медиумите како со канализациска мрежа. Од нас новинарите се очекува да ја опслужуваме нивната прогресивна дијареја и да ја етаблираме како владејачки жаргон… Се воспостави праксата, политичарот што држи до себе, да не прави разлика помеѓу јавноста и нужникот“. Овој „новинарски горостас“ повеќе ја следи стварноста во Хрватска, Србија, БиХ. А секој има право да просудува колку од ова важи и за Македонија. Исто како и за прашањето, колку Ние сме причината за нашата „вечна“ криза, а колку се тоа лидерите!

Сѐ е спонтано (неплански), освен проектите за ограбување на граѓаните!

Македонија нема област во која се развива плански. Не утврдува приоритети на чија реализација е подготвена подолгорочно да работи. На владите, што дефилираат веќе 33 години, не им требаат стручни и научни институции за стратегиско планирање, кои договорно ќе работат за неа. Сите се потпираа(т) на партизираната администрација. Сѐ поскапа и сѐ понекомпетентна. Секој ден недозреани и корумпирани функционери ѝ издаваат наредби што да запише, што да избрише.

Доаѓа еден – арамија што преку ноќ ја впрегнува да го измени целиот лик на главниот град на државата. Наредува да бидат тепани пратениците и одборниците што го опструираат државниот буџет за неговите болни егзибиции, а вторите затоа што не ги усвојуваат неговите приватни ГУП-ови и ДУП-ови за Скопје и каде било во Македонија.

Доаѓа друг – политички кловн, патолошки лажго и не помал арамија, „спасот“ од сиромаштијата да го бара во одгледувањето  марихуана. Краде и продава космополитизам. Со белосветските трговци на дрога ќе ја претворал државата во Лас Вегас, во Амстердам…

Доаѓа трет – сред голема економска криза, во услови на критично висок јавен долг, во период на рекордно високи камати на заемите од странство и истовремено во време на најостри геостратешки конфликти (по Кубанската криза), преку суспензија на целото постојно законодавство, започнува да гради историски најскап (неприоритетен) проект што, по сите досегашни искуства, ќе чини над 2 милијарди евра, за да го поврзел неповрзаното досега, преку градење на некаков „прстен“ за „албанскиот свет“ во регионот.

И така редум…

Затоа, пристрасните „војски“ поддржувачи на злото – партиски пешадии, платените прислужници во медиумите, недокваканите и обесчестените професори, конформистички задреманите академици – треба да размислат за сопствената одговорност за структурните дефицити во нашата економија, за колабираното јавно здравство кое убива секој ден (поради лекарски грешки, недостиг од лекови, недостапен „мој термин“, прескапо лекување во приватното) и за урнисаното образаование.

Да помислиме сите Ние, колку секој од нас носи вина зашто наместо правна и социјална држава, на дело имаме сѐ почист, или во помилозвучната варијанта, Гумпловичев и Спенсеров социјален дарвинизам.

Власта ни соопшти дека не е способна да ја изведе земјата од кризата!

По 33 години „транзиција“ (реформи!) лошото да го трансформираме во добро, заклетви од политичките партии дека ќе биде подобро, сепак, мнозинството граѓани на сите анкети се изјаснува дека денес живее многу полошо. Како никогаш досега, тоа мнозинство, јадровито, со само два збора, ја опишува состојбата: „Нема држава!“ И докажува дека така мисли: сѐ позабрзано се иселува од земјата. А владата, наместо политики и мерки за пресвртување на тој, исто така, долгорочен тренд, нуди квоти за увоз на работна сила и истовремено вели дека успешно го брани „македонизмот“.

По 33 години „реформи“, функционери на власта велат дека не се кадарни сами да ги изведат реформите. Таа теза ревносно (често и несвесно) ја бранат нивните разнообразни трабанти.

Монтескје (1654-1713), замислете во кое време, речено со кошаркарскиот жаргон, „закуцал“: „Законот мора да биде како смртта, која не ослободува никого“. Министерот Бујар Османи исто така „закуца“: „Пробавме сѐ, со најдобрите закони… губам надеж дека сами ќе го поправиме судството!“ Тоа го изјави човек чија партија е на власт 20 години. Која го полни судството со некадарни и корумпирани судии (се разбира, заедно со другите во власта), кои вистинската заклетва за лојалност му ја даваат на неговиот лидер Ахмети, со тоа и на самиот Османи, а не на Уставот и на законите на државата. Кои, всушност, токму поради тоа, се испратени во судството: да обезбедат неказнивост на криминалот на лидерите, на членовите и финансиерите на таа партија – да раздаваат селективна правда!

Премиерот Ковачевски и вицепремиерот Маричиќ, изјавија (итромански) дека „ја поддржуваат оценската мисија што ЕУ ја најави за работата на (скандалозниот) Судскиот совет“ –се радуваат што некој однадвор ќе дојде да го види тоа што самите го засмрделе. Претседателот Пендаровски, со видлива доза на задоволство, изјави дека американската „црна листа“  ќе била проширена со нововпишани од Македонија. Сите тие, одделно и заедно, ја поддржуваат и ја „охрабруваат“ американската амбасадорка во нејзината борба против корупцијата во Македонија, што сами ја генерираат, или сносат одговорност за тоа. Но, истовремено, никому од нив не му пречи секој ден да ни опишува некоја друга стварност во земјата – спротивна на фактичката, која, на рати, ја „убива“ Македонија.

Не знам дали (по повод таквите обиди), во прес-клипинзите што им ги подготвуваат соработниците, нашло место и следново, напишано од фантастичниот Виктор Иванчиќ: „Погрешно е да се мистифицира и да се парфимира теренот на делување на властите, ако реално се работи за свињарник“. Или, можеби, содржината на оваа кратка песничка од српскиот поет Милорад Ј. Митровиќ (1867-1907), инспирирана од состојбите во едно друго време, во друга држава, под наслов: „Свиња реформаторска“. Во мој превод, гласи:

Била полноќ нема, глува,
Градинарот спие, градината не ја чува,
Се вовлече свиња една,
Насекаде по градината гледа, мери,
Па започна да се цери.

Во која улога се нашиве функционери?

Решение: тендер за најдобар окупатор, или..

Ако самите не можеме да ги изведеме реформите, ако досегашното посредување на Европејците и на Американците не помогна (заедно со парите на нивните даночни обврзници), зашто нивните посредници доаѓаат и си заминуваат, па така советите што ни ги даваат важат до нивното заминување на аеродромот во Петровец, не е ли, можеби, поефикасно Владата да распише тендер за најдобар окупатор на Македонија?

Ако самите не можеме да ги изведеме реформите, ако досегашното посредување на Европејците и на Американците не помогна (заедно со парите на нивните даночни обврзници), зашто нивните посредници доаѓаат и си заминуваат, па така советите што ни ги даваат важат до нивното заминување на аеродромот во Петровец, не е ли, можеби, поефикасно Владата да распише тендер за најдобар окупатор на Македонија?

Може, наместо окупатор, да ја употреби именката „администратор“, за да не навредиме некого, со „излитетни“ термини. Така ќе го симнеме од нас товарот наречен држава, постојано трудејќи се да докажеме дека ни е претежок. Или, веќе нема потреба за тоа, зашто првата фаза на отуѓување на државата е веќе завршена, па каде и да е, ќе стaса и втoрата, завршната.

Ако ова прилега на шега, тогаш пак доаѓаме до досега несмисленото подобро (за земји што сакаат да негуваат парламентарна демократија) – парламентарните избори. Но, нашиот пример покажува дека „смената на стражата“ не ни носи ништо подобро. Па се наметнува прашањето, како партиите што се натпреваруваат за власт, да се претворат во подобра понуда од досегашното.

Никој ништо друго не успеал да смисли, освен преку зголемување на притисокот од „моќта на немоќните“, што би рекол Вацлав Хавел. Овој рецепт може да се примени, барем преку  две варијанти:

Едната, не знам дали воопшто е некаде  испробана. Ја спомнува големиот полски социолог и философ, Зигмунд Бауман  (Zygmunt Bauman, 1925-2017), во заедничката книга со Карло Бордини (Karlo Bordini, 1938-2020) „State of Crises“. Избирачите да ги бојкотираат изборите и така да ги делегитимираат партиите, покажувајќи им дека не се дораснати на функцијата во општеството. Можеби тоа, во следниот чекор, ќе поттикне посериозен политички процес, со подобра партиска понуда. Тоа е, барем, теоретската идеја на Бауман.

Другата варијанта е доволно силен притисок од сеопшти граѓански демонстрации, со димензии и карактер опишани во следнава песна:

Кога на улиците академиците (од МАНУ) ќе почнат да тропаат во лонци/тенџериња, а професорите да дуваат во свирки, кога судиите ќе стават канта на главата, кога мерино-овците накитени со сликите на нашите корумпирани функционери ќе нагрнат на полицијата, а македонските  студенти преку кордонот ќе заиграат одбојка, кога македонските доктори ќе почнат да прегледуваат срца и бели дробови на автомобили, кога девојки пред пушките и пендреците ќе заиграат стриптиз, а прасињата ќе понесат пароли со изливи на свинска љубов спрема македонските властодршци, кога сите ќе затрубат, затропаат, и заѕвонат силниот Запад ќе се пробуди и ќе извика дека Македонците се сериозен народ!

Кога сите ќе заџускаат на плоштадот, вдовиците и студентите, бабите и неженетите, пијаниците и дамите, кога распуштениците ќе подигнат транспарент дека они се слободни жени, кога самците ќе видат шанса, кога сите ќе почнат да скокаат и да подвриснуваат, кога ќе одлучат да шетаат и цела ноќ, да не одат дома и да живеат на улица тогаш и дури тогаш, себеси и на светот ќе му изгледаме како нормални.

А кога ќе паѓаат дождови, лапавици и снегови, а ние ќе почнеме да се смрзнуваме, и се договоривме од инает да киснеме и од инает да се смрзнуваме тогаш ќе чуеме дека сме нормален народ.

Кога сите ќе излезат на улица, бебињата од градинките, а внатре остане само министерката за труд и социјална политика, кога на улицата ќе нагрнат и учениците од училиштата и студентите од факултетите, а внатре ќе остане само министерот за образование, кога и работниците ќе излезат на улица, а внатре ќе остане само министерот за економија, кога и болните и лекарите ќе ги напуштат болниците, а внатре ќе остане само министерот за здравство, кога сите, сите, ќе излезат од куќите, а во куќите ќе останат само корумпираните функционери со своите жени, кога сите ќе тргнат да одат, одат, одат, и се вртат во круг тогаш, дури тогаш ќе се покаже дека сме го пронашле патот и дека знаеме што сакаме и каде ќе одиме!

Но, да појаснам, за да не се разбереме погрешно!

И двете варијанти претпоставуваат општество со екстремно висока политичка култура на граѓаните. Со таква, пак, култура, тешко се запаѓа во нашата ситуација.

За првата варијанта, реков, не знам ниту еден практичен пример на нејзина изведба.

Втората варијанта, во различни димензии, не баш толку и така романтизирани како во песната, е позната ширум светот од „кад је кике и вијека“, што би рекле старите Црногорци. И давала добри резултати, со пократок или подолг здив. Нашата, т.н. „Шарена револуција“ беше една минијатурна изведба (на мал дел од општеството) според горниот опис. Затоа, нејзините надежи, пораки и барања брзо пропаднаа во калта.

Рушењето на Слободан Милошевиќ, кое практично започна со граѓанските и студентските демонстрации во Белград во 1996 година (првите 88, вторите 117 дена), беа нешто налик на описот во песната, не толку хиперболизирани, но доволни за успех. Песната што ја цитирав е всушност песна на еден од учесниците на тие демонстрации, српскиот поет и прозен писател Петар Пајиќ (1935-2017), рецитирана за време на тие демонстрации. Јас само ја преведов, ја ставив во идно време и извршив замена на некои имиња и именки со македонски.

За крај, како што стојат работите, ништо од наведеното погоре, и не знам до кога, нема да се случи во Македонија. Ќе се повтори старата „смена на стражите“ и ќе продолжи старата приказна.

(Во Дојран, 06.08.2023 година)

Поврзани содржини