Подемот на Бучко и падот на СДСМ

Бранко Црвенковски, тогаш претседател на државата, инсистираше да ја прифатам поканата за разговор од Владо Бучковски, претседател на СДСМ и премиер. Разговорот не траеше ни 20 минути, повеќе од доволно за да се разбереме дека не можеме да се разбереме. Од тој разговор ја паметам само последната реченица на Бучковски: „Времето ќе покаже“. Времето покажа, СДСМ изгуби на следните избори.

9,332

Во факсот што го испратив до ЦО на СДСМ на 10 декември 2004 година напишав: „Не гледајќи веќе можности преку моето членување во Централниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија да придонесувам за европеизацијата на Република Македонија, и на тој начин да придонесувам за остварување на Програмата на СДСМ, поднесувам оставка. Не гледам смисла во тоа бескрајно да бидам ’непријатното малцинство‘, особено сега, кога монолитноста е крената на рамништето на последно, крајно средство. Се надевам дека мојата оставка ќе биде разгледана и прифатена на првата наредна седница на Централниот одбор. Вчерашната седница на ЦО СДСМ беше и последната седница во чија работа учествував“.

На 11 декември во „Дневник” беше објавен краток непотпишан напис „Милчин и Давитковски против Јорданов и Џанго“, во кој анонимниот автор „дознал“ дека јас и Борче Давитковски сме му забележале на Бучковски дека греши што во Владата промовира непартиски решенија, алудирајќи на Минчо Јорданов и на Љубомир Михајловски – Џанго.






Мојот одговор „Дневник погрешно дознава“ беше објавен на 15 декември. „Значи, што рече Милчин на седницата на ЦО на СДСМ? Без да алудира, како што дезинформира ‘Дневник’, туку со имиња и презимиња, Милчин аргументираше зошто мисли дека министерската листа што ја предложи Бучковски не е конзистентна и соодветна да ги реализира приоритетите на владината програма. Најголемата невистина (рамна на клевета!) во непотпишаниот текст се состои во импутирањето дека Милчин му забележал на Бучковски што предложил министри кои не се членови на партијата”.

На 16 декември во „Утрински весник“ се појави написот „Владе Милчин поднесе оставка во ЦО на СДСМ“: „Тој смета дека за СДСМ неговата оставка нема никакво значење сега, кога партијата е на власт и кога монолитноста е крената на врвот на вредносната скала. Генералниот секретар на партијата, Никола Ќуркчиев, вели: Дали ЦО ќе ја прифати оставката на Милчин ќе се знае дури откако ќе се сретнат Бучковски и Милчин“.

Бранко Црвенковски, тогаш претседател на државата, инсистираше да ја прифатам поканата за разговор од Владо Бучковски, претседател на СДСМ и премиер. Разговорот не траеше ни 20 минути, повеќе од доволно за да се разбереме дека не можеме да се разбереме. Од тој разговор ја паметам само последната реченица на Бучковски: „Времето ќе покаже“.

Времето покажа, СДСМ изгуби на следните избори.

„Вечер“ на Бојо Андревски се огласи дури по еден месец, на 14 јануари 2005 година, со напис под наслов „Владо се прости од ВЛАДО“: „Оставката Милчин ја понудил (не понудив, туку поднесов оставка!) по изборот на новиот состав на Владата на Република Македонија, незадоволен од кадровските решенија. Поконкретно, тој реагирал на изборот на Минчо Јорданов за заменик-премиер за економски прашања. Партиски членови овој потег на Милчин го толкуваат како одраз на незадоволството што во изборот на нов претседател на СДСМ не добил неговиот фаворит“.

Во написот, потпишан од Митко Р. Јовановски, е премолчано дека во мојата дискусија јас реагирав на неколку предлози на мандатарот Бучковски. Бев против тоа Садула Дураку, познат како „Командант Вентили”, да биде министер за земјоделие. Бев и против тоа Благој Стефановски да биде министер за култура, а Владо Димов да биде министер за здравство. Бев и против тоа Љубомир Михајловски Џанго, кој беше започнал успешна реформа во царината, да биде префрлен во МВР пред да ја заврши започнатата реформа. Не ме изненади што ЦО го изгласа предлогот на Бучковски. Јас бев единствениот што гласаше против.

Поздравот до мене од Минчо Јорданов, вицепремиер, олигарх и сопственик на „Нова Македонија”, беше десетгодишната хајка што ја спроведуваа новинарите и колумнистите на неговиот весник.

Точно е дека јас на претходно одржаниот конгрес на СДСМ, со мојата дискусија и со мојот глас, ја поддржав Шекеринска, иако уште кога Бучковски влезе во салата на хотелот „Александар Палас“ ми стана јасно кој стои зад него. Фаворитот го придружуваа Наташа Савова и Игор Ивановски, најблиските луѓе на Црвенковски. Седев во последните редови и како на дланка ги гледав аранжираните аплаузи и скандирања. Не беше тешко да се препознае режијата: некои премногу ревносни делегати скокаа и аплаудираа пред време, па одговорните за нив мораа да ги замолчуваат. Покрај прозорците беа наредени десетина редари кои со погледите шараа по салата. Еден од нив затекнав во тоалетот, кај писоарите. Од под сакото му ѕиркаше пиштол. Си заминав пред пребројувањето на гласовите.

Сè ми беше јасно, ми беше јасен и неизбежниот пораз на СДСМ на изборите. На 17 март 2006 година, во напис по повод трансферот на тројца пратеници од СДСМ во НСДП, основана од Тито Петковски, „Дневник” потсети: „По вонредниот конгрес, оставка во Централниот одбор поднесе Владимир Милчин, кој жестоко реагираше на неправилностите при евидентирањето на кандидатите за лидер“.

Поврзани содржини