ПОДДРШКА ЗА ИН ВИТРО ЗА МЛАДИ БРАЧНИ ПАРОВИ Шилегов ќе субвенционира половина од трошокот за градинка и за училишен оброк

Кандидатот за градоначалник за Скопје најави и мерки за студентите и учениците од средните училишта.

295

Петре Шилегов кандидат и актуелен градоначалникот на Скопје го претстави планот, на сите скопски кандидати на коалицијата на СДСМ, за задржување на младите во Скопје, за среќни деца и родители, за просперитетни млади и студенти.

Тој рече дека Скопје е солидарен град и како таков има должност да вложува и ги поддржува сите, да ги поттикнува да останат и живеат во градот и да создава услови за квалитетен живот на сегашните и идните генерации.






– Прво, го субвенционираме згрижувањето на децата во државните градинки преку покривање на максимум 50 отсто од месечниот трошок. Ги поттикнуваме семејствата да останат во Скопје, тука да се развиваат и остваруваат. Семејствата со едно дете во градинка ќе можат да заштедат до 150 евра годишно благодарение на помошта на градот и општината, а двојхно или тројно оние кои имаат две или три деца во градинка. Сегашните просечни 1400 денари за градинка во Скопје, ги намалуваме до 700 денари и со тоа ги охрабруваме младите родители да вложуваат во развојот на детето, во неговото здравје и среќата на семејството – нагласи Шилегов претставувајќи ја првата мерка од планот.

Тој рече дека и родителите со деца на училиште ќе добиваат субвенции.

– Сите ученици од државните основни училишта во градот ќе добиваат до 50 отсто поевтин оброк за време на престојот во училиште. Родителите ќе можат да задржат до 200 евра годишно во семејниот буџет, ако ја земеме сумата од 2000 денари месечно што денес во просек ја трошат за оваа намена. Оброкот го правиме подостапен за секое дете а на родителите им ги намалуваме фиксните месечни трошоци – рече тој.

Шилегов најави и субвенции за млади брачни парови.

– За остварување на желбата за потомство, го помагаме процесот на биомедицинско потпомогнато оплодување преку финансиска поддршка на паровите. Го дополнуваме семејниот буџет за дополнителните трошоци што не се признаени со основните поволности на Фондот за здравствено осигурување или во дополнителен обид кој не е покриен од Фондот. Ја поддржуваме храброста и упорноста за посреќни семејства во нашиот град. Непризнаените хормонски терапии на фондот се минато. Сакате да продолжите да се обидувате и после третиот обид? Градот е тука да финансиски да ве поддржи во вашите планови за семејство – рече тој.

Тој додаде дека за средношколци и за студенти веќе е обезбеден бесплатен превоз.

– Сега тие бенефиции ги прошируваме и на оние што продолжуваат со образованието во нашиот град. Со ова сите кои се во процес на образование ќе може да се возат бесплатно во градскиот превоз. На сите постдипломци и докторанди кои студираат на државните универзитети во Скопје им овозможуваме бесплатен превоз во градските автобуси. Со тоа ги поттикнуваме да бидат поактивни во своите обврски и релаксирани во планирањето на својата мобилност низ градот – рече Шилегов.

Тој рече и дека се обезбедуваат 100 стипендии во висина од 12.000 денари месечно за најдобрите средношколци од средните училишта на Град Скопје кои ќе се запишат на некој од државните универзитети.

– За секој средношколец од државните училишта, обезбедуваме бесплатно овошје за време на училишниот престој. Здравата исхрана е неопходна за виталност и здрав живот. Создаваме навики кај младите за здрава и среќна иднина –  нагласи Шилегов.

Поврзани содржини